СЕДМЕРЕЦ: Реши ја загатката

РФМ има 10 суперлигаши, на нив додава 2 сехалигаши и 4 прволигаши, ги дели на 2 по 8, па потоа уште еднаш на 2 по 8 и одзема 6. Колку е тоа?

1.Прошири за да скратиш

Се изнарешававме деновиве загатки од оние – два зајаци и три моркови, ама едниот зајак има едно уво, а третиот морков два корени…Велат, во вонредни услови добро било да се тренира мозокот. Па и РФМ ни зададе една ракометна, за да не држи во кондиција.

Загатката е всушност предлог решение, како да изгледа системот на натпреварување во наредната сезона и во таа што ќе дојде по неа. Прво да се прошири, па после да се скрати  и сето тоа да помине вонредно, со оглед на вонредната ситуација. На прв поглед изгледа многу едноставно, ама кога ќе почнеш да собираш и одземаш, на крај сепак, за крајниот резултат не си сигурен. Исто како со зајаците и со морковите…

Еве како оди ракометната математика:

Актуелната сезона поради корона вирусот нема да се доигрува, нема да се прогласува шампион и нема испаѓање од Супер лигата. Претставниците во европските купови и во реагионалната СЕХА лига ќе бидат одредени дополнително, најверојатно, во договор со клубовите. Коректно, во ситуација кога реално нема услови да се игра ракомет, а првенството остана заглавено пред плеј-офот. За поука, од следната сезона се менува системот на натпреварување со комплетна Супер лига. Во две фази, или со две варијации. Така, бројот на суперлигашите за следната сезона (2020/2021) ќе се зголеми од 10+2 на 16. За таа пак, по неа (2021/2022) да се намали на конечни 10.

2.Проста математика – сложена постапка

Во македонската Супер лига летово целосно се враќаат 2 сехалигаши, во случајов Вардар и Еурофарм Пелистер и плус 4 прволигаши, најдобрите 2 од 2-те групи во Првата лига, во оваа недоиграна сезона, односно Астарион, Тиквеш, Прилеп и КЛ7.

Тоа значи дека на сегашните 10 суперлигаши за следната регуларна сезона треба да се додат плус 2 сехалигаши и плус 4 прволигаши. Вкупните 16 потоа полудиригирано се делат на 2х8 и играат по 14 кола. Во вториот дел од сезоната повторно се делат 2х8, првите 8 во плеј-оф групата, вторите 8 во плеј-аут. И повторно играат по 14 кола. На крај последните 6 екипи испаѓаат во Прва лига.

Значи од 10+2 во прекинатата сезона, треба да останат „чисти“ 10 во „нормалната“, а во меѓувреме во „вонредната“ да поминат 16. Или математички тоа би било 10=10+2+4-6.

Проста математика, а малку сложена постапка – прошири, па крати!

3.Ќе броиме ли повторно?

На крај, ако предлогот решениет на РФМ биде официјализирано, секоја екипа во наредната сезона во Супер лигата ќе одигра по 28 натпревари (14 во регуларна + 14 во плеј-оф/плеј-аут), исто колку што досега играа 9 од вкупните 12 суперлигаши по стариот систем. Претпоследната екипа од плеј-аутот на овие 28 досега играше +1 во бараж за опстанок со второпласираната екипа од Прва лига, а сехалигашите кои досега имаа само по 10 натпревари дома, сега ќе имаат +18. Тоа е сумирано.

Генерално гледано, со проширената Супер лига во следната сезона, Македонија добива 157  суперлигашки натпревари повеќе или вкупно 448 наместо досегашните 291. Суперлигашкиот ракомет се враќа во Прилеп, Струмица и во Кавадарци, а во елитната конкуренција се приклучува  и КЛ7 како сериозен проект кој за две години бележи метеорски прогрес од дебитант во недоиграна Прва лига, до нов суперлигаш. И тоа, во некоја перспектива, е се за добро на македонскиот ракомет. Во ред!

Но, на крај, сепак, останува предизвикот да се реши загатката зошто 10+2 треба да се зголеми на 16 за на крај да останат 10? Зошто во две сезони треба два пати да се менува системот по убрзана постапка, а требаше само да се вратат сехалигашите дома? Во која пресметка квалитет=квантитет, а 10=10+2+4? Има ли поедноставен пат да се реши задачата или сепак, на крај одговорот е „во заградата“? Кој ќе биде во „ќар“, а кој во „зијан“ од вонредниот супелигашки статус во вонредни околности во сезона со многу прашалници?

Што ќе остане од ракометот после кризата и паузата? Што ќе биде со „големите“? Ќе преживеат ли „малите? И глобално и локално. Дали кај нас, во кризно испразнетиот буџет ќе остане нешто за и без тоа, проблематичните спортски ваучери?

И колку всушност, има логика да се проширува лига во една таква ситуација и да се тестира нов систем во и онака неизвесна и извесно пренатрупана сезона со еден куп одложени и презакани настани. За на крај да добиеме скратен број?!

Некакво решение е подобро од никакво. Така велат.

Не видов „на прва“ дека зајакот со едно уво, загризал две третини од вториот корен на третиот морков од првиот ред. А овој со две имал и панделка и скока нагоре! Кој ми е виновен…

Ајде, ќе броиме повторно…Додека не дојдеме до 10.