СЕДМЕРЕЦ: Ракомет за искусни

Два „рибрејка“ неделава – едниот на Вардар во Битола, другиот на Маки во РФМ

1.Вардар го „крена паркетот“ во Битола

Победа се сервира ладна! „Осветата“ не ми е многу омилен збор ни во спортот ни во животот, па намерно малку ја модифицирав онаа добро позната изрека која деновиве стана нешто многу актуелна.

Причина се двата големи „рибрејка“ – едниот на Вардар во Битола, другиот на Маки во РФМ.

Ракомет за искусни! Никогаш предвреме не ги отпишувај. Тоа е старо правило.

Со зголемена самодоверба и понесени од еуфоријата по скопската победа со која Еурофарм Пелистер го симна Вардар од врвот на табелата, па и титулата изгледаше достижна, во Битола и бината беше подготвена за прослава. Не е шега, Битола 17 години чека титула! Беа блиску како никогаш досега во последниве години, но, на крај сепак – далеку…

Оној суприорно освоен претсезонски Супер Куп можеби и најмногу ја замати реалната слика во очекувањата, а „брејкот“ во Скопје уште повеќе ја подгреа надежта на битолчани за шампионската титула, во која се занемарија осцилациите, грешките и пропустите.

Битола беше подготвена, но екипата изгледа недоволно за шампионски да ги израдува градот и публиката. Грешката на Бабиќ и на некои од главните ѕвезди на Еурофарм Пелистер беше што себе си очигледно, се преценија, а Вардар го потценија ако мислеа дека со една победа така лесно ќе му ја земат титулата и дека два пати ќе го добијат „со иста финта“.  Па, секој и малку поискусен знае дека двоен европски шампион сигурно два пати нема да направи иста грешка. А, добро е познато и дека вардарци ако предвреме ги „отпишеш“, после може да биде – тешко тебе.

Впрочем, Вардар „отпишан“, два пати во Келн пехарот го крена, па многу реално беше да се очекува и дека сега ќе го крене „паркетот во Битола“ за да ја одбрани домашната титула!  Составот не е истиот, тоа е познат факт, но, искуството на Вардар и духот на тимот е тој што многупати досега невозможното го прави реално. И тоа е тоа…

Во Еурофарм Пелистер мораа да го знаат тоа и да бидат најмалку како Веспрем подготвени и екипирани, пред да ја подготват бината за титула.

Секоја чест за проектот и за вложувањата во битолскиот клуб кои одново го вратија ракометот во Битола на голема сцена, го вратија старото ривалство и добро познатата атомсфера на полните трибини, но за титула, како што се покажа, сепак, треба уште време и работа. А, можеби и малку подруга ракометна визија. Битолската публика знае ракомет и со право го бара тоа. Го бараше и вчера во преполната сала.

Некогаш славниот битолски храм можеби негува емоции и спомени, но да бидеме искрени, веќе е и претесен и престар и за големо домашно дерби, а не пак за големи европски амбиции. И тоа можеби е уште една и тоа како важна ставка за уште поуспешна реализација на битолскиот ракометен проект во иднина.

2.Кога сакаш пливаш, кога сакаш се сончаш…

По големата победа за „рибрејк“ во Битола, Вардар сега веќе е многу поблиску до заверка на 15-та шампионска титула во преостанатите три плеј-оф дуели, релативно многу полесни.

Со сета почит за противниците, но Дејвис сигурно нема да се „коцка“ во Бутел, а Вардар со сето искуство и реноме, сигурно нема да дозволи да ја „киксне“ титулата сега кога веќе го отпиша Еурофарм Пелистер во Битола.

Иако и оваа сезона беше прилично променлива и турбулентна, со подеми и падови до осминафиналната елиминација во Лигата на шампионите, со два изненадувачки порази во домашната Супер лига, Вардар сепак, и понатаму останува супериорен на домашна сцена. Тоа е генералната оцека по вчерашната победа на Вардар на сред Битола. Реално, Еурофарм Пелистер сезонава дојде можеби и најблиску до тронот на Вардар, но на крај вардарци уште еднаш потврдија дека во моментите кога се решава, сепак, тие се оние што ги држат конците.

Или што би рекол Борко во негов стил:  „Кога сакаш пливаш, кога сакаш се сончаш…“. Искусниот голман на Вардар онака лежерно со насмевка како во најдобрите денови им фати неколку зицери на пелистерци со кои елегантно го реши мечот и практично, ја завери новата титула на вардарци, па на крај можеше и да се пошегува.

Гарант Бабиќ и Еурофарм Пелистер, не го очекуваа ни Вардар толку сигурен, а ни Борко толку супериорен.

А, Борко е токму еден од оние искусните што никако не се „отпишуваат“ предвреме.

Ти мислиш се сонча, а тој  брани и „белја“ ти прави…кога не очекуваш.

3.Маки ја стави РФМ „на маки“

Ни Марјан Начевски не е некој кој туку така лесно може да го отпишеш и избришеш од ракометот. Уште помалку да го замолкнеш.

Оние подолговечните во нашиот спорт број еден, добро знаат што значел Маки, за македонскиот ракомет во изминатите три децении, со сите свои доблести и маани. Тие што го познаваат подобро знаат и дека упорноста никогаш не му била слаба страна.

Поранешниот генерален секретар на РФМ, по ланската драконска дисциплинска казна од РФМ (во слободен превод толкувана како доживотна суспензија од ракометот), цела година ја тераше правдата на виделина, собираше докази и на крај го доби спорот со РФМ – и победи!

Арбитражниот Суд на Европската ракометна федерација со едногласна одлука ја укина и ја прогласи за ништовна пресудата на Дисциплинската комисија на РФМ со која Марјан Начевски беше доживотно исклучен од РФМ со забрана за вршење секаква дејност во ракометот.

Одлуките на Арбитражниот Суд на ЕХФ се конечни што значи дека РФМ како членка на ЕХФ ќе мора да ја прифати одлуката, а со тоа и поразот во спорот, но и меѓународната бламажа за „фластер демократија“, кодошење и дисциплинирање за вербално изразување на трибини.

Пресудата од ЕХФ за Марјан Начевски значи дека повторно може да биде дел од РФМ и да биде номиниран како делегат на домашни и на меѓународни натпревари во организација на ЕХФ и ИХФ.  За РФМ пак, тоа е добра лекција за спортска демократија во национална федерација.

По логика на нештата, сега треба да има одговорност од оние што ја покренаа постапката и од тие што ја донесоа „ништовната пресуда“.

Ќе има ли?