СЕДМЕРЕЦ: П4 на македонски – порази, падови, подвизи и победи

Битола разочарана, Охрид „поплавен“, во Скопје од се по нешто...

1.Една „женска“ победа, два „машки“ порази

Кога победата на ЖРК Вардар во реваншот со Приштина за чист пласман во следната рунда од ЕХФ Европскиот куп, ќе остане единствена да ја спасува честа на македонскиот ракомет на европска сцена, седмицата тешко дека може да се прогласи за успешна. Барем кога се сумираат резултатите и впечатоците од европските настапи на македонските клубови со една „женска“ победа на младиот состав на ЖРК Вардар, и двата „машки“ порази, прво на Еурофарм Пелистер во Европската лига, а потоа и на Вардар во ЛШ.
Се разбира, не е ист ни рангот, ни квалитетот ниту пак тежината на противниците за да биде сето тоа грубо сведено под иста линија. Не е ни Приштина како Ним или Алборг, ни женскиот ракомет во фокус како машкиот. Но, да бидеме искрени, не се исти ни буџетите, ни искуството, ни вложувањата, а ни очекувањата на условно, „женската“ и на „машката“ страна. Што сумирано се отсликува и во онаа скромна изјава на Драгана Ристова по триумфот, со реална проценка на можностите и амбициите, но и со стимулирачка пофалба на младите вардарки.
Иако победата и пласманот на ЖРК Вардар во следното коло од ЕХФ Европскиот куп во јавноста помина, па безмалку, речиси незабележано, сепак, е своевиден подвиг за наши услови и вреди да се одбележи токму поради неколку факти:
Затоа што ЖРК Вардар опстана по распадот и по три години успеа да се врати на европска сцена.
Затоа што ова се први европски тренерски победи на поранешната македонска репрезентативка Драгана Пецевска која извади нова генерација и тренерски се калеше кога клубот минуваше низ најтешкиот период.
Затоа што единствен од сите наши претставници во женските европски купови, а богами и дел од машките, само ЖРК Вардар играше дома и играше да победи, а не само колку да помине на редот во Европа, со две во гости и со што помалку трошоци „од ваучерот“. Како што прават вообичано поголем дел од нашите наспроти парадоксалната целосезонска декларативна борба за „излез во Европа“.
И можеби сето ова е повторувачки, ама ако, нека стои запишано за да не потсетува на некои работи.

2. Бабиќ-Битола меѓу очекување и разочарување

Првото европско разочарување оваа седмица стигна од ракометна Битола. Колку од поразот уште повеќе од немоќта и падот на Еурофарм Пелистер уште на стартот од европската сезона во Европската лига.
Ај лани беа уште од „новите“, па, долго чекаа да почнат и после им требаше малку време за да фатат натпреварувачки ритам. Но, годинава не ја чекаа СЕХА да почне и имаа тамам неколку суперлигашки кола да се загреат и да се покажат во најдобро светло во Европа. Нешто што битолската ракометна публика веќе со години желно го очекува.
На крај, европска во Битола на почетокот од новата сезона, излезе само новата фан зона. Но, не и играта на избраниците на Жељко Бабиќ. Со само еден гол во цели 12 минути, со игра без идеја и неуспешни експерименти од клупата, со двоцифрен минус и момент – што не снајде… Еурофарм Пелистер дојде во ситуација дома да се спасува од дебакл. И да бидат среќни што минаа со крајните -5, оти со таква игра, лесно можеа да бидат и -15!
Но, тоа не помина и кај битолската публика која знае ракомет и со право, очекува(ше) многу повеќе од големиот проект, од играчите во зелено-сините дресови, па и од поранешниот хрватски селектор на клупата. И со право стигна реакцијата од трибините, колку и да не е таа благопријатна за слухот на Бабиќ.
Битола дава, но Битола и бара. Тоа барем го знае секој што дошол под (во) Пелистер!
По импресивниот старт, ни Вардар не се прослави нешто многу во последните два дуели во ЛШ, со Монпелје и со Алборг во Данска, но Вујо и вардарци барем обезбедија „кредит“ за овие повремени осцилации, за разлика од Бабиќ-Битола.

3. За „пулените“ и за „багремите“ од Автокоманда

Од оние П4, на македонската сцена деновиве одбележуваме две подвиг-победи, едната на Тиквеш, другата на Металург. И двете суперлигашки, но и за двата клупа посебно мотивирачки.
На Кавадарчани им се потврди онаа народната „нов бунар копај на стариот не плукај“. Пред неколку месеци во Тиквеш му се заблагодарија на Горан Андоновски, со идеја да бркаат некои други цели. Но, не помина многу за пак да го побараат назад пргавиот охриѓанец, кој ретко премолчува, но тренерската работа добро си ја тера. И Тиквеш со Андоновски на клупата, во Супер лигата викендов во Скопје, ја запиша третатат победа по ред и си отвори шанса да се бори и за плеј оф.
Добар мотив и уште подобра сатисфакција со една убава, позитивна енергија.
А, каква пак беше таа на Металург по триумфот во Охрид! Тимот од Автокоманда и преполовен знае да биде и силен и опасен, особено кога ќе биде потценет. „Металурзи“ го докажале тоа многупати досега – понекогаш ќе кикснат фаворитски, за потоа (не)очекувано да блеснат токму во најтешките дуели. Некогаш малку разочарани, друг пат пак екстра мотивирани и стимулирани.
Со Охрид претсезонски, Металург ја загубија „битката“ за Стефан Додиќ. Но, затоа пак сега со гостинска победа Автокоманда наплати „дебела провизија“.
А, како додадена вредност на охридската победа на Металург доаѓа и блесокот на новиот бисер кај „металурзи“, младиот репрезентативец Александар Петковски. „Пуленчето“ како што го викаат на милост во Автокоманда, рамо до рамо со Хорват го носеше Металург и со петтиот погодок ја запечати и тоа како важната победа.
Победата на Металург потоа беше прославена и со еден стих од „багремите“ на Балашевиќ. Мал детал, голема порака…