СЕДМЕРЕЦ: Пуцај Стипе!

Осминафиналето краен дострел за македонските претставници во Европа

1.Битолчани во лоша серија

„Пуцај Стипе!“, викаше Божидар Мојсов, барајќи спас во првиот стрелец, откако Еурофарм Пелистер не најде лек за победа ни во СЕХА дуелот со Татран Прешов. Битолчани влегоа во лоша серија со четири порази едноподруго на сите три фронта. А, во „асимптоматското“ отсуство на Жељко Бабиќ, неговиот помошник, ги вадеше „жешките костени“. Се обидуваше и на македонски, малку и на хрватско-српски да го замени Бабиќ, ама спас од поразите немаше.

Магдебург беше превисока пречка за македонскиот вицешампион во осминафиналето од Лигата на Европа. Јасно беше тоа уште на првиот меч во Битола, се потврди уште еднаш и на реваншот во Германија. Двете рутински убедливи победи на Магдебург и официјално означија крај на европската сезона за Еурофарм Пелистер.

Меѓу двете пресметки со Магдебург, поразително за битолскиот тим помина и домашното дерби со Вардар. Или она што требаше да биде дерби и најава за атак на шампионската титула која од оваа перспектива сега изгледа речиси недостижна.

А, кога ќе тргне, велат не запира. Па пролетната лоша серија на битолчани продолжи и со пораз од Татран во СЕХА. Поразот од Татран Прешов не го загрозува пласманот на Еурофарм Пелистер во завршницата, но е сериозно предупредување од тимот кој пред еден месец во Битола го победија со 12 гола разлика, токму во најважниот период во финишот на сезоната.

Стипе „пуца“, погодува и реално е прва виолина во битолскиот тим, сепак, во клучните натпревари се покажа дека тоа не е доволно за победа.

Дали Еурофарм Пелистер го погоди вистинскиот концепт за остварување на целите и амбициите? Како одминува сезоната и тука се појавуваат се повеќе прашалници.

2.Вардар во новата реалност

Оваа сезона осминафиналето е „плафонот“ во европските настапи, не само за Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, туку и за Вардар во Лигата на шампионите. Тоа е новата реалност и реалните дострели на двата водечки македонски клуба на европска сцена.

Вардар во Скопје загуби од Веспрем со огромни 14 гола разлика кои практично, значат кај за македонскиот шампион во осминафиналето од европската елита. Реваншот во Унгарија ќе биде само формалност и евентуално шанса за „црвено-црните“ да го поправат впечатокот и подостојно да го завршат настапот во Европа, колку да не се заборави дека пред две години беа европски шампиони.

И толку.

Две изборени победи и две нерешени и уште една службена победа и едно службено реми, беше билансот на вардарци во групната фаза од ЛШ. „Службено“ осминафинале и експресна елиминација од Веспрем. Тоа е новата реалност за поранешниот двоен победник во Лигата на шампионите по сите турбуленции во последниве две сезони.

Вардар на домашна сцена се уште е недостижен. Вардар во Европа е далеку од оној шампионскиот.

Но, Вардар како Вардар се уште е интересен на пазарот. Од буџетот и од стратегијата ќе зависи каков ќе биде новиот лик на стариот шампион.

3.НЕ за натурализација, еве зошто…

Покрај европските порази на македонските претставници и новите стратегии и планови на клупски план, изминативе денови, некако случајно, повторно актуелна стана и една стара репрезентативна тема – натурализација во македонската женска репрезентација!

Како идеја и предлог за дискусија во плановите околу женската репрезентација, за да не се засрамиме, нели, во настапот на ЕП 2022 на кое сме еден од трите домаќини.

Пуцај, Стипе!

Ама, не оди тоа баш така лесно и едноставно.

Женската ракометна репрезентација на Македонија, вистина, со години мака мачи да се подигне од дното и да се врати на голема сцена. Мартовскиот настап во квалификациите за СП 2021, трите победи во три дена со една нова позитивна енергија ја покажа македонската женска репрезентација во една нова светлина и перспектива. Инстант интервенции со натурализации, апсолутно не се потребни. Дури, во оваа ситуација може да бидат и повеќе штетни отколку корисни.

И да не вратат назад, а тамам тргнавме напред.

Ајде да видиме што добро ни донесе оваа „стратегија“ во минатото. Последна ваква „акција“ имаше во 2013 кога ги натурализиравме двете Русинки од ЖРК Вардар, Ана Виноградова и Екатерина Костјукова, онаа малата што требаше да порасне од крило во бек, ако ви текнува. Сиротата не ни заигра за Македонија, ама потегот откажа многу наши девојчиња што почнуваа да тренираат ракомет и да сонуваат еден ден да заиграат за својата репрезентација, знаејќи дека некој некогаш и на нивната позиција може да донесе некого со посебна привилегија.

Што ќе добиеме со натурализација на една, две или три странски ракометарки сега, по примерот стар повеќе од две децении?

Ќе признаеме дека сите тренери и сите школи и академии џабе работеле, а не биле кадарни да извадат репрезентативки.

Ќе ја минимизираме вредноста на оние што ги имаме, а во моментов имаме најмногу интернационалки од секогаш досега.

На кои позиции ќе се „засилуваме“? Ќе ги тргнеме Матеја и Јована од голот? Или ќе им ги скратиме крилата на Сара, на Симона, на Леа, на Андреа, на Јована, на Ивана…како што и ги скративме на времето на Клара?

За што? За да не се срамиме пред светот и да бидеме евентуално 18-ти наместо 20-ти?! Ви се молам, имајте малку повеќе верба во нашето!

Ајде да прочитаме што вели претседателот на РФМ, Живко Мукаетов по ова прашање, во своето обраќање на почетокот од третиот претседателски мандат, за остварувањата, целите и стратегијата на РФМ во изминати осум години:

„…го напуштивме и концептот на натурализација, актуелен од осамостојувањето на земјава и особено видлив и со длабоки траги во женската репрезентација, се со цел да се остварат подобри услови за развој и за напредок на македонските играчи“.

Ќе отстапи ли РФМ од оваа долгорочна стратегија, а претседателот од својот збор, за некое инстант решение со краток ефект (можеби) и долги последици (сигурно)?

Верувам нема!