СЕДМЕРЕЦ: Пролетна офанзива на три фронта

Еурофарм Пелистер во залет, Вардар на кочница, Металург во лер...

1.Февруарски „пет од пет“ во Битола

Откако прво два пати во два дена ја „решија“ Татабања, а потоа го „смрзнаа“ и данскиот ГОГ во битолската „ледена дворана“, Еурофарм Пелистер уште во февруари тргна во победничка пролетна офанзива. Службените 10-0 од неодиграниот меч со Рајн Некар Левен дојдоа како бонус, но битолчани секако веќе ја имаа заокружено првата цел – пласман во осминафиналето во Лигата на Европа.

Во меѓувреме, рутински беа запишани уште две победи и на другите два фронта, во СЕХА лигата и во домашниот Куп. Прволигашот Вардар Неготино на стартот од Купот беше само шутерски тренинг за избраниците на Бабиќ за убедливи +34 на крај и загревање пред СЕХА дуелот со Татран Прешов.

Во оваа февруарска посета на Битола, Славко Голужа го испи кафето на Широк Сокак со своите битолски пријатели, а потоа на терен му подаде рака и му честиташе победа на Бабиќ.

Февруарските „пет од пет“ во Битола се добар старт и најава за пролетната офанзива на Еурофарм Пелистер и на домашен и на европски терен. Зимскиот ангажман на египетскиот голман Хендави се покажа како добар потег и донесе дополнителна сигурност во одбраната на битолскиот тим. Вториот потег – прекомандата на младите македонски репрезентативни надежи Петровски и Кузманоски од вториот во првиот тим, пак потврдува и една добра домашна стратегија на битолската ракометна платформа.

2.„Црвено-црниот“ дрес нели беше светост?!

И додека во Битола веќе се насетува пролетта, во Скопје сè уште е под мраз неизвесноста, особено по последниот потоп на Вардар во Запорожје и „капитулацијата“ на Металург во Виена.

Позитивниот скор од скопскиот двомеч со Елверум и одлуката на ЕХФ за „службеното“ осминафинале во ЛШ, малку ги подгреаја надежите дека можеби и не е се загубено за двојниот европски шампион одново да се издигне над можностите. Иако од оваа долна позиција на табелата со само две победи и две нерешени (без службените два бода со Фленсбург и еден со ПСЖ) наспроти седумте порази, Вардар дефинитивно повеќе изгледа немоќно отколку опасно за да може да го изненади Веспрем, Кил, па и Алборг како некоја најдобра можна варијанта во оние математики за можните осминафинални пресметки.

Вардар 1961 во 2021 не изгледа супериорно како обично ни на вториот фронт во СЕХА лигата. Колку и да им е распоредот згуснат, а мечот, можеби спореден, саботниот настап против Мотор во Запорожје беше вистински очобол за навивачите на „црвено-црните“. Мотор го прегази Вардар уште со воведните десетина минути, во досега најлошиот старт на вардарци во еден меч. Полош дури и од оној во дуел со Кил во 2019 кога „црвено-црните“ останаа со „црниот рекорд“ од  само 4 постигнати голови во едно полувреме. Тогаш Кил „отвори“ со серија од 4-0, сега Мотор ги прегази со 6-0. Тој пораз од Кил експресно го отпиша Писонеро од клупата на Вардар. По овој од Мотор стапот најмногу се крши по грбот на Алушовски иако, за волја на вистината, од претставата во Запорожје не може да се амнестираат ни актерите на терен.

И со претходното, но и со новото раководство, Вардар во принцип  не е многу отворен за јавноста во однос на промените. Впрочем, ни заминатиот Марјко Вујин официјално се уште не го одјавиле…Но, отворено или затворено, во редовите на шампионот нешто сигурно ќе треба да се менува за финишот на сезоната. Во прв ред пристапот и односот кон „црвено-црниот“ дрес.

3.Металург на плеј-стејшн

И во Металург нешто сигурно ќе мора да се менува за крајот да не ја расипе целата сезона. За завршница во Лигата Европа, за „металурзи“ веќе е отиден возот, но останува битката за позиција во домашниот плеј-оф во кој ќе треба малку повеќе од актуелната лер-тактика.

На адреса на „металурзи“ одат пофалби за ризикот и храброста да ги играат европските натпревари и со десеткуван состав и да им дадат доверба на младите играчи од сопствениот погон. Но, во исто време, оди и критика за односот да се игра колку да се одигра. Двата убедливи порази на гостувањето во Плоцк може и некако да се оправдаат со раситнетиот состав на Металург наспроти апсолутно фаворитската улога на Висла, но кога и австриски Фајверс ќе стане апсолутен фаворит со +15 во Виена, е тогаш веќе светнува алармот. Пристапот кому како оди, колку да помине редот и покрај сите проблеми и вонредни околности, сепак е далеку под нивото и реномето на клубот. И далеку од амбициите со кои Металург стартуваше во оваа сезона.

Па, сигурно ни Златко Хорват не дојде во Автокоманда за да игра плеј-стејшн?!

4.Бројки и факти

Првата рунда натпревари и „кошаркарските резултати“ во ракометниот Куп на Македонија јасно покажаа колкава е разликата во квалитетот меѓу екипите од Супер и од Прва лига.

Еве само дел од бројките што отскокнуваа деновиве:

-дури 12 од вкупно 16 натпревари на стартот од Купот на Македонија завршија со двоцифрена разлика, четири од нив беа со +30, две со +20…

– шест суперлигашки екипи во првите 16 натпревари од Купот постигнаа 40+ голови. Бутел во дуелот со Кичево 2020 стигна и до 53 гола!

– Левото крило на Бутел, Марко Божиновски на овој меч постигна 21 гол, три повеќе од целиот гостински тим!

-Јагуриноски (14) и Димитриоски (13), заедно постигнаа 27 гола во  пресметката на Вардар 1961 со Текстилец, а гостите едвај стигнаа до 11 (47-11).

-Кофилоски запиша 13 гола во триумфот на Металург против Куманово, сам колку пола гостински тим (36-26)…

Системот на натпреварување во македонските лиги за следната сезона сè уште е отворена тема на отворените денови што ги организира РФМ со цел да го чуе гласот на клубовите дали се за проширена или за концентрирана Супер лига. Гласот на овие бројки пак јасно кажува до каде се реалните можности и дострели и дека е многу пореално квалитетот да биде пред квантитетот.

А, Статутот и правилниците над добрата волја, желбите… и ваучерите.