СЕДМЕРЕЦ: Приказната се повторува, умот не ни доаѓа!

Цела година се чека големото дерби како шлаг на ракометната сезоната и на крај  се молиш да заврши

1.Дерби со гратис факел по глава

Своевремено, на удар на критика беа „газдите“ во некои од македонските ракометни клубови кога настојуваа да воведат селектирана публика и семејна атмосфера и да ги „прочистат“ трибините. Демек, од ракометот ќе направеле театар, ќе ја уништеле традицијата, ќе ги избркале најверните навивачи и ќе згаснел „вулканот“.  Камо со време, да ги сфатевме Германците и Скандинавците! Е, сега кога на дербито кое треба да биде шлаг на сезоната, може да добиеш и гратис факел по глава или некое залутано шише со вода или да те изгази толпата ни крив ни должен, а клубот некоја дебела казна или суспензија, сфаќаш дека селектирана публика за ракометот, всушност, и не е така лоша опција. Многу подобра од „вулкани“, „ерупции“, „сузани“ и опасни проектили.

Секој обичен, нормален гледач љубител на спортот, богами, ќе се подзамисли дали следен пат ќе влезе во сала или ќе донесе дете да гледа ракомет, посебно на „големото дерби“, додека навивачи со фантомки го истураат бесот на металната ограда, покажуваат задници и предници, фрчат факели и ечи „сузана“, а „верните“ навивачи скопски и битолски, си ги мерат фрустрациите, па по „сузана“ ги редат мајките, сестрите и целиот женски род од Скопје до Битола!

И, тоа демек е добра атмосфера и публика „што со пари не се купува“?!

Го разбирам спортското ривалство и спортската поддршка од трибините, но никогаш не ми било јасно како тоа една таква атмосфера како вчерашната е позитивна за спортот  и мотивирачка и поттикнувачка за екипите и за играчите кога и ваши деца, мајки, сопруги, сестри, девојки… се на трибините. И ви ги пцујат и поганат едните или другите?

Секоја чест за играчите и на Вардар и на Еурофарм Пелистер што останаа присебни во хаосот и се обидоа да ја смират разулавената толпа која ја загрози безбедноста, па и регуларноста на можеби најважниот меч за титулата, но ги читам и искрено, не ги разбирам оние изјави на некои од играчите со пофалби за публиката на вчерашниот натпревар.

Сериозно така мислат или само така изјавуваат за да си немаат белја на глава? Или нешто трето е во прашање…

Пофалби за публиката наместо осуда, а дербито едвај се доигра?! Нешто тука не е како што треба…

2.Претседателите апелираа, ама кој да ги слуша

И лани имаше слична „атмосфера“ и сериозно опасна ситуација на дербито Вардар-Еурофарм Пелистер. И годинава пак се повторува и умот никако не ни доаѓа!

Свесни за традиционалното ривалство меѓу навивачите на Вардар и на Пелистер,  Михајло Михајловски и Зоран Стерјев, како први луѓе во двата најтрофејни и моментно водечки клубови во Македонија, пред дербито повикаа на фер навивање и спортско однесување. Потегот е за поздравување, ама кој да ги послуша претседателите, кога навивачите без пречка си тераат нивна агенда!

И пак потфрли организацијата и пак обезбедувањето задоцни со реакцијата иако агресијата и проблематичноста на двете навивачки групи е изненадувачка како снег во јануари!  И пак еден тон пиротехника без проблем е внесена во сала. И пак летаа метални пари во главите на играчите. И пак навивачи, за неколку секунди, без проблем се шетаа по терен, без проблем „се послужија“ со водите на клупа и летаа полни шишиња како водени бомби кон трибините.

И лани и сега дел од „нормалната“ публиката предвреме ја напушти салата. И лани и сега натпреварите некако се доигруваат и се решаваат титулите.

Но, грдите сцени и снимки од големото македонско дерби кружат и не се многу репрезентативни за македонскиот ракомет во целина.

А, да не заборавиме ни каде сме, ни што сме…

Вардар лани стана шампион, но, двојниот европски првак потоа беше суспендиран од европските настапи поради старите долгови, а Македонија сезонава остана без претставник во Лигата на шампионите.

Металург кој не многу одамна, беше поим и пример, доби суспензија, згасна и го нема.

Еурофарм Пелистер се бори да се врати на старите патеки, но европската борба на битолскиот тим сезонава заврши уште во групната фаза од Европската лига.

По повеќе од една деценија, Македонија сезонава ја заврши европската пролет уште во февруари, без ниеден претставник во завршниот дел од европските купови, ни во женска, ни во машка конкуренција. Според „минатиот труд“, Македонија  само уште една сезона има загарантирано место во Лигата на шампионите. Но, паѓа рејтингот и квалитетот и за македонските клубови се потежок ќе биде патот до големото друштво, без разлика кој ќе биде шампионот, годинава, догодина или таа по неа.

Ама, битно имаме фантомки, „сузана“ е пуштена на најјако, оградата е раздрмана и фрчат шишиња и факели од сите страни!

3.Предност за Вардар, играта во втор план

Играта и резултатот во ваква кореографија секако, паднаа во втор план. Иако, воопшто, не смее да биде така. Дваесетминутниот прекин на средината од првото полувреме на дербито од плеј-офот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер целосно го смени текот на мечот и директно или индиректно влијаеше и на конечниот исход.

Вардар со повеќе искуство, по прекинот подобро се снајде со притисокот, ја презеде контролата на резултатот и на крај супериорно го доби дуелот. Еден одбранет седмерец, неколку грешки на едната и брзи голови на другата страна го решија натпреварот на сезоната кој долго се чекаше да дојде, а потоа што побрзо да заврши.

Еурофарм Пелистер не го искористи како адут многу поширокиот ростер. Впечатокот беше дека после прекинот попушти отпорот на битолчани, со порака – не е крај, имаме уште еден меч дома…

Впрочем, тоа можеби не е најспортска, но сигурно беше најбезбедна опција. Кој знае до каде ќе стигнеше атмосферата во „Јане“ ако останеше резултатската неизвесност на терен. И кој знае што се можеше да се случи ако гостите евентуално, се приближеа до триумф!

Вардар сега ја има предноста за одбрана на титулата, а Еурофарм Пелистер втората шанса да го стигне во реваншот на домашен терен. Ако во меѓувреме нема некоја „дисциплинска“ корекција на бодовите поради „осмиот играч“ на трибините во Скопје или во Битола.