СЕДМЕРЕЦ: Поти се Џек и стискај „муте“!

Гледај натпревари, види повеќе – такво е мотото на ЕП 2022

1.Кривата оди надолу

Европското првенство во Унгарија и во Словачка влегува во завршната седмица за оние 12 репрезентации што се борат во главната рунда. Македонија веќе една седмица е вратена дома како една од 12-те што не ја поминаа првата фаза.

Може да бараме причини во незгодниот систем, може и во проблемите со короната и повредите и со неможноста сите да бидат на број…како само ние да си имаме проблем со тоа.

Или во неискуството и смената на генерации, како другите да играат по 100 години и ништо да не менуваат!

Некој па пак ќе се фати за популацијата од два милиони. Тоа што Црна Гора што не отпиша, цела има жители помалку од Скопје, или тоа што Исланд вади ракометари и од оние нешто помалку од 400.000, тоа не е битно, кога ни ја урива тезата…

Бегајќи од реалноста ќе ја чуеме и онаа „дежурната“ фраза „па, во што друго сме 22-ри во Европа?!“.  Овде си ја штелуваме границата по потреба, од година во година. Едно време викавме во што друго сме 5-ти, па бевме добри 10-ти, па станавме добри 15-ти…Сега се убедуваме и дека 22-то место не е неуспех, туку „сплет на околности“.

Во што сме друго 22-ри, ајде набројте!

И си се надмудруваме така до бескрај наместо реално да погледнеме на работите, да отвориме очи и да видиме дека во последните 10 години кривата, за жал, ни оди стрмоглаво надолу. Или ако сакате попрецизно пласманот оди вака:

ЕП 2012 – 5.место,

ЕП 2014 – 10.место,

ЕП 2016 – 11.место,

ЕП 2018 – 11.место,

ЕП 2020 – 15.место,

ЕП 2022 – 22.место, затеравме со двојките!

Факт е дека ова е најлошиот пласман на машката ракометна репрезентација на Македонија на последните шест во серија, односно, на вкупните седум настапи на европските првенства.

Факт е и дека ова е единствен од сите седум настапи на кој останавме на „нула“.

Факт е и дека 22-та не враќа на нивото на кое што бевме пред десет години во пред-бараж за следното СП 2023.

Тоа се фактите и  од тоа нема бегање колку и да сакаме да ја разубавиме или да ја релативизираме сликата, сега вака од дистанца кога речиси веќе и малку подзаборавивме дека игравме на европско првенство!

Да не е селекторот да не „штрекне“ со она „ЏЕК ПОТ“ и да не извади од памет на тајм-аутите од преносите од европското.

На реклама за коцкарници, не на терен, за жал.

А, ние ваму, повеќе „пот“ отколку „џек“, после настапот во Дебрецин.

Поти се Џек и стискај „mute“!  Нема друго…ако сакаш да го догледаш ЕП.

2.Што е успех, а што неуспех – никогаш не разбравме

Што е успех, а што неуспех? Не залудно прашуваме пред секој голем настап. Не е само колку нешто да прашаме. А, во последниве години се поретко добиваме прецизен одговор. Освен она помалку паушално – прва цел пласман во втора фаза, редовно со додавка „ако…“

И, нормално со дарежливо ветена награда – ако стигнат таму. Да читаат и да ни завидуваат по Балканот како сме ние богати и организирани.

Но, кога целта и одговорноста не се јасно и прецизно однапред зацртани и дефинирани, на крај стануваат многу растегливи. Па после ретко кој ќе признае дека резултатот и пласманот е всушност – неуспех. И дека некој е виновен за тоа. Дека некој некаде нешто погрешил или лошо проценил…Дека нешто не правиме како што треба.

Тешко е да се признае неуспех, тоа е нормално и човечки. Но, од друга страна да не беа суетите пуштени на најјако и да не се правевме „слепи при очи“ после секое првенство за да не се „таласа“, наместо да ги посочиме и да се соочиме со грешките и пропустите, можеби и работите ќе одеа во друг правец и Македонија сега ќе беше како Исланд, а не како БиХ.

Имаме замисла – немаме реализација. Имаме најмасовен и најпопуларен спорт – тешко вадиме играчи. Имаме дијаманти – немаме брусилица (е, тука требаше Лино да го слушаме…). Имаме проекти – немаме резултати. Имаме супер подготовки – немаме супер настап… И така до бескрај!

3.Гледај натпревар – види повеќе!

Па, каде е грешката?

Овој пат во лошата проценка и во намерно или случајно погрешната селекција. Деновиве се изнаслушавме изјави од типот – па тие се немаме играчи, каде играат нашиве каде играат другите…

Па играат таму каде што ги насочувате и од каде што ги селектирате – од Прва лига!

И се гледа разликата колку и да релативизираме и да подзамижуваме. Секоја последица си има причина. Нормално, секогаш има и исклучоци, но генерално, на терен се гледа разликата.

„Гледај натпревари. Види повеќе“! Организаторите тамам го погодиле мотото.

И, видовме дека:

Двете бундеслигашки сезони и настапите со Вардар во Лигата на шампионите го профилираа Мартин Томовски во голман од голем калибар.

Дека Филип Кузмановски е најсериозен кандидат да биде новиот Кире Лазаров во новата генерација. Мислите дека Фитиљ ќе беше овој што е да не заминеше во Германија. Не. Ќе беше помалку или повеќе оној од Кожани.

Дека Мартин Серафимов стагнира во најдобрите години кога треба да експлодира. Истиот ли е во игра и во самодоверба, од лани кога со каков-таков Металург беше лидер и играше по 60 минути во Европската лига и сега кога го полни голот на Текстилец во Прва лига? Па, не баш…А, кој знае каков ќе беше во репрезентативната улога ако наместо во прва македонска, сезонава играше во втора германска лига. Кој знае…

А, можеби сега ќе ја решиме работата со повторно проширена Супер „хелиум“ лига . На ладно се стеснува, на топло се проширува. Ни план ни стратегија, пумпаме по потреба.

Тука некаде сме исти, Бундеслигата со 18, нашава Супер хелиум со 16.

ЏЕК ПОТ! И тоа на најјако.

Па после крив ќе ни биде системот и ждрепката во Виена. И Црногорците и Словенците и Данците и Французите и Ислаѓаните и Баонавентурите…Па криви се!

А, можеме, не дека не. Всушност, јас некако се уште верувам или можеби повеќе посакувам, Кире во 2023 да биде како Лино во 2003! Нешто да земеме од менторот, кога веќе селекторот и како Хрват ни бил пријавен. И, не мора да бидеме шампиони, доволно е ако кривата ја свртиме пак нагоре.

Само без „џек потови“ и прволигашки ботови!