СЕДМЕРЕЦ: Поздрав од Љубљана

Скандинавска доминација, нова титула за Норвешка и „златна“ бронза за Црна Гора во епилогот од 15.Европско првенство за ракометарки

1.Балканско ЕП со скандинавски белег

Се спакува куферот од уште едно ракометно првенство. Еден од таксистите со кои викендов се расшетувавме низ Љубљана се погоди еден од „нашите горе на печалба“. Всушност, двајца од последните тројца таксисти ми се трефнаа од наша мила Македонија, па си се порасприкажавме малку повеќе. Од каде сте, што сте…што наваму?

-За европското ракомет, му велам.

-Аха…А, нашите тука ли се?

-Не, не се сега, завршија тие таму долу, ова е финале…

-А, што работите?

-Спортски новинар, велам малку со задршка.

А, тој воодушевено: Па, тоа е фантастично! Секоја чест!

Одамна не ни се израдувал некој толку на професијата, па некако мило ти доаѓа во такси моментот.

Ја разработуваме темата после на балканската новинарска дружба со Лојзе и со Жика покрај Љубљаница. Ракометот одамна не поврза, па убави се овие спонтани средби со старите пријатели да го „протресеме“ и ракометот од Триглав до Гевгелија и се што се дешава, „таму долу“ и „овде горе“. Еден од оние драгоцени моменти на ракометните настани.

Во пресрет на завршната распределба на медалите, дискусијата продолжува и „дома“ од тренерски агол со Љиља и Тамара. Заеднички е впечатокот дека ова „балканско“ ЕП дефинитивно е со скандинавска доминација и белег. Дека скандинавките се физички и тактички надмоќни, Французинките стандардни, Холанѓанките специфични со нивниот брз напредок, балканските репрезентации стандардно променливи…

2.Остави ги солзите за крај…

По подолго време, ова беше европско во знакот на дамите, малку поинакво од оние претходните на кои се навикнавме во изминативе години. Можеби затоа што долго не немаше на женската ракометна сцена. Можеби затоа што Македонија беше еден од трите домаќини на балканската трансферзала Подгорица – Скопје – Љубљана, па 15.Европско за ракометарки беше нешто како наше домашно, долго се подготвувавме, уште подолго го посакувавме. Го фатиме од почеток во Скопје, па до финалето во Љубљана. Дојде некако спонтано да се заокружи циклусот, иако македонската репрезентација повратничкиот настап го заврши уште во првата фаза.

Така некако се распоредија улогите на организаторите – Македонија отпадна без победа, ама барем се покажавме како добри домаќини. Впрочем, тоа ни беше и една од целите. Резултатски беше прво, тешко без победа, ама барем не лансира во прв шешир во ждрепката за следното големо натпреварување. И тоа е нешто во ништо. Шанса да фатиме континуитет, па после со Господ напред…

Словенија како тргна, малку недостасуваше да направи голема сензација, на крај, Драган Аџиќ и неговите словенечки избранички завршија со онаа примарна цел – главна фаза и исклучително позитивен впечаток како Словенија се справуваше со фаворитите. И тоа ни помалку ни повеќе со финалистите – ја победи сребрената Данска за старт, се држеше со златната Норвешка во голем дел во егал. Ако беше нашата група тешка, нивната беше уште позастрашувачка.

Од трите домаќини, Црна Гора стигна најдалеку дури до подиум и ја освои бронзата со златен сјај. Црногорките на ова ЕП одиграа можеби и со најсилни емоции. Имаа мотивирачки три победи на старт на домашен терен во Морача, дојдоа помалку уморни во главната фаза во Скопје, но поминаа во завршната фаза во Љубљана и завршија со медал. Токму како што посака легендарната Јока за својот проштален настап во националниот дрес. Во сите три града со кои ја поврзува клупската кариера и врската со публиката. Со медал на градите и со солзи во очите. Останаа солзите и радоста за крај.

Со многу емоции и долго ја славеа Црногорките „бронзата“, посреќни дури и од „златните“ Норвежанки. Можеби и заради црногорските навивачи кои онака балкански беа најбројни и најгласни на овој завршен викенд од ЕП 2022 во Љубљана. Ова беше добра ракометна година за Црна Гора. Им тргна уште со ракометарите на јануарското ЕП во Унгарија, заврши со „бронза“ на ракометарките на заедничкото ЕП во Љубљана. Тргнаа Црногорците да ги поддржат своите, и во јануари на машкото и сега во ноември на женското ЕП.

Кој како се снашол пристигнаа викендов во Љубљана, бучни и полни со еуфорија. И пак  некако ме потестија на нашите и на они јануарски ракометни походи на „фалангата“. Можеби поради „црвено-жолтиот“ колорит и гласноста. А, можеби и поради она спонтано „дошли ми да поддржимо наше ѓјевојке…“ додека им помагаме на нашите нови љубљански соседи да го најдат клучот во сандачето. Исто како во Дебрецин сo нашите. Уште една „дежа ву“ ситуација.

3.Шанса од „прв шешир“

А, кој знае, може покрај машкиот јануарски, конечно ќе фатиме и женски ноемвриско-декемвриски континуитет. Ете, со домашното ЕП го скршивме конечно мразот и десетгодишното отсуство, па може конечно малку да кренеме глава и да ја видиме шансата што доаѓа од „прв шешир“ за оваа генерација.

Ждрепката во Љубљана ни ја донесе Украина во двомечот за СП 2023. Треба да се помине за да се стигне до целта и до континуитетот. Украина не е силна како некогаш, но за нас не е ни противник што може лесно однапред да се прецрта. За да се прецрта треба „повеќе да се работи, да направиме поголем ростер…да се даде максимум од прва до последна секунда… да се избегнат грешките и да се има концентрација…“ . Треба и мора и тоа уште сега , а не на 1 април!

„Ја поддржуваме женската моќ“ , вели еден убав спонзорски плакат од Љубљана. И тоа ни треба!