СЕДМЕРЕЦ: Поддршката и притисокот во Македонија се брат и сестра

Женската ракометна репрезентација „домаќински“ се враќа на голема сцена,  машката фаќа нов циклус со „новите дечки“

1.По една деценија конечно „двојна програма“

Негативен резултат, ама со позитивна мисла. Така некако ни почнува богатата ракометна есен. За Македонија по точно една деценија, конечно, повторно со „двојна програма“ на големата сцена – во ноември со женската репрезентација на ЕП, во јануари со машката на СП.

Двата порази од Б репрезентацијата на Норвешка, „затворениот“ минимален, „отворениот“ двоцифрен, за македонската женска А репрезентација, беа добар тест и загревање пред ноемврискиот настап во групата со Франција, Холандија и со Романија на европското превенство на кое Македонија е една од трите земји домаќини, заедно со Словенија и со Црна Гора.

Женската ракометна репрезентација на Македонија по десет години од последниот настап на ЕП 2012, за прв пат се враќа на големата сцена, а, по цели 14 години од ЕП 2008 ќе биде повторно дел од европската ракометна елита пред домашна публика.

Поминаа токму десет години од онаа славната 2012 кога последен пат еуфорично „трчавме“ од едно на друго првенство, јануари, декември, па пак јануари…Со машката репрезентација  тогаш во полн залет да го преземе приматот, а женската веќе во отстапување и на залез, ама се уште во друштво со најдобрите.

Сега одново се враќаме во тој ритам. Во ново време, со нови деца на терен и со по некој стар лик во нова улога.

2.Групата жешка, ситуацијата тешка

Помина многу време, се смени и ракометот во меѓувреме и односот на силите, и еуфоријата и очекувањата. Се менува некако и пристапот, па дури и реториката пред настапот. Некогаш се одеше со повеќе еуфорија  „на глава“. И тогаш Данска беше голем фаворит, светлосни години пред нас, па сепак, успеавме да ја победиме и тоа на мундијалска сцена. И тогаш Македонија на европските и на светските првенства против големите европски репрезентации беше аутсајдер, ама, паметам, Вале Радуловиќ на пресовите во најава секогаш без исклучок со насмевка велеше дека одиме на медал и на победа. А, Гордана Нацева капитенски ќе го поведеше орото…Добро е што поранешната капитенка сега е македонската амбасадорка на ЕП како достоен репрезент на македонскиот женски ракомет, но и како врска со се она што беше и што значеше македонската женска репрезентација некогаш и што се стреми да биде сега.

И тогаш никој не им замеруваше на девојките за тој голем оптимизам и еуфорија дури и кога се знаеше дека медалот реално, ќе биде само желба во најава. Напротив, публиката ја сакаше и ја ценеше таа тврдоглава борбеност и упорност и знаеше да ја награди со поддршка и со верност.

Впрочем, така се создаде и растеше и македонската ракометна фаланга која низ годините стана неодвоив дел и препознатлив белег на македонскиот спорт број еден.

И, никој до ден денес, фала Богу,  не „загина“ од притисок или од малку повеќе еуфорија!

Напротив, македонските репрезентации и женската и машката потоа, многупати победуваа токму така „под притисок“ на „ двеста отсто“. Сетете се само на Германија 1997, на Данска и Норвешка 1999…на Хрватска 2009 и на Хрватска 2018, на Србија 2012…или на оној дуел со Данска од 2020.

Колку и да е „групата жешка“ и „ситуацијата тешка“, публиката сака подвизи и победи. Колку и да апелираме и презентираме „поддршка без притисок“ и да се тренираме „по европски“ дека ич не ни е гајле ако губиме двоцифрено и ако играме колку да помине редот, чекајќи да поминат 60 минути – ќе се лажеме. Ќе се лажеме и ако се убедуваме дека во Македонија сите ќе бидат среќни и трибините полни само со „важно е да учествуваме“ и „ви благодариме за се што правите…“ Како да се волонтери во Црвен крст, а не репрезентативци во македонскиот национален дрес во спортот број еден!

Поддршка за репрезентацијата имало и ќе има. Ако падне некој „скалп“ уште подобро.

Имало и ќе има и малку притисок. Не е нормално ако нема. Впрочем, во Македонија поддршката и притисокот се брат и сестра.

3.Нов циклус – нов предизвик

„За националната селекција или сакате или не сакате да играте…Има големи емоции, има многу еуфорија има и многу разочарување , но ние некако со текот на годините се научивме да се носиме со таа ситуација“ – додека пишувам го слушам Кире Лазаров во едно утринско интервју, токму на муабетот, како да ми чита на мониторот.

„Колку и да бевме аутсајдери, со поддршката успевавме…“ – раскажува понатаму селекторот како беше во оние најдобри денови за македонската ракометна репрезентација и пак ми ја „погодува темата“.

Убаво е да се слушнат овие зборови, токму во вистински момент кога пред македонскиот ракомет и пред македонските репрезентации стојат новите предизвици.

И додека женската репрезентација малку во грч се загрева за настапот на ЕП пред домашната публика, машката репрезентација со стартот на новиот квалификациски циклус за ЕП 2024, за неколку дена отвора нова страница. Со Лазаров отсега само на клупа и во најголем дел, со новите сили на терен. Манасков, Митревски и Георгиевски се последното трио од постарата генерација што останаа да им помогнат на помладите на кои останува предизвикот, поддршката, но и притисокот.

За почеток, да го задржат континуитетот.