СЕДМЕРЕЦ: Победи и замина, засекогаш…

Многупати сме ги напишале тие линии меѓу два броја, во победи и порази, но кога ќе дојде бројката зад животната линија, рацете треперат...Збогум на златната левица, Златко Сарачевиќ (1961-2021).

„Живот? Тоа ти е знаеш она на гробот, па кога пишува година на раѓање и година на смрт. Е, таа линија меѓу, тоа е животот“. Во чест на Балашевиќ деновиве многупати ја прочитавме и ја напишавме оваа негова едноставна дефиниција за животот како цртичка меѓу два броја. Без да може некој и да наслути дека по два дена ќе заврши уште една линија.

На небеските терени,  буквално директно од ракометниот, вчера се пресели и славната ракометна левица, Златко Сарачевиќ. И им се придружи во небескиот тим на златната генерација на Златко Портнер, на Боро Чурлевски, на неговиот цимер Изток Пуц.

Сарачевиќ синоќа го одигра хрватското дерби со неговите девојки од Подравка, ја прослави победата против Локомотива….и замина. Тивко и ненадејно. Несвојствено за Сарач, прочуен по својата разорна левица во она златно доба на југословенскиот ракомет во 80-те и во 90-те, а потоа и на златните олимписки денови на хрватската репрезентација. Прочуен по својата досетливост и ведрина и на теренот и едно време пред микрофонот. Тој беше еден од оние играчи што испишуваат историја, што не застануваат туку го решаваат мечот. Како играч го знаевме сите во тие години. Малку подоцна го запознавме и како стручен коментатор и како тренер.

Лично, прв пат го сретнав Златко Сарачевиќ на СП 2009 во Хрватска, во неговото омилено кафуле во Задар. Секогаш беше срдечен со новинарите, знаеше да се пошегува, да извади по некоја анегдота. Се сеќавам, тогаш беше воодушевен од „фалангата“ и полн со пофалби за настапот на македонската репрезентација која беше сензација во првиот дел од шампионатот во Вараждин. Не пропушташе да каже дека Киро дошол како негов наследник, прво во Загреб, а потоа и во Фотекс Веспрем и дека веќе го гледа како голема ѕвезда. Со насмевка знаеше да каже „ние леваците сме чудна сорта“.

Ја пеметиме и онаа негова изјава за старите добри ракометни времиња, за спомените од Битола и како тој терен го направил отпорен на сите други.

„Во Битола е најжешкиот терен во светот. Пет илјади луѓе во сала и уште толку надвор не можат да влезат. Па уште и Мате Шундевски со навивачите. Така се прават ракометари. Јас станав играч, бидејќи играв на такви терени. Кога ќе дојдеш пред 15.000 публика не ти е ништо, бидејќи си ја преживеал Битола…“, велеше Златко Сарачевиќ, златната левица на југословенскиот и на хрватскиот ракомет.

Животниот пат на Златко Сарачевиќ почна во 1961 година во Бања Лука, заврши во оваа 2021 во Копривница. А, во онаа мала линија помеѓу годините влегува една голема ракометна кариера. Во неа има златен медал со репрезентацијата на Југославија  на СП 1986 и бронзен на ОИ во Сеул во 1988. Има и олимписко злато со Хрватска од Атланта 1996 и сребро од СП 1995 во Исланд и бронза од ЕП 1994 во Португалија, има две финалиња во ЛШ со Загреб и едно со Фотекс Веспрем, три титули најдобар стрелец во француската лига… На 41-годишна возраст, Сарачевиќ стави крај на играчката и се посвети на тренерската кариера почнувајќи од клупата на Замет Кротек. Продолжи во унгарскиот Ниреѓихазa, а потоа беше помошник и прв тренер на Загреб и помошник тренер во репрезентацијата на Хрватска. Во последните три години беше предводник на Подравка Копривница. И тука ја заврши својата линија водејќи го својот тим до победа во уште еден важен натпревар. Победи, се поздрави со своите ракометарки… и замина засекогаш. Некој од горе свирна крај.

Колку пати сме ги напишале тие линии во победи и порази, но кога ќе дојде таа линија што го означува животот, се тресат рацете… Кога ќе дојде таа бројка на крајот од линијата, се некако станува споредно. И победи и порази, сите голови и промашување, сите нервози, смени и стресови…

Кога легенди заминуваат во вечноста, едноставно, не останува збор за ништо друго. Останува само едно – збогум!