СЕДМЕРЕЦ: Оставка во одјава, спектакли во најава

Пласманот на машката репрезентација на СП 2023 и организацијата на СП за кадетки и ЕП за сениорки, мотив за претседателот на РФМ по втор пат да „одјави“ најавена оставка

1.Сличности и разлики меѓу првиот пат и вториот пат

Иако во интервју во февруари најави оставка и повлекување пред истекот на третиот мандат, претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, сепак, реши да остане на функцијата. Тоа беше главната вест од последната седница на УО на РФМ, но и главна ракометна вест кај нас неделава.

Одлуката за „одјава“ на претходно најавената оставка, претседателот ја соопшти на последната седница на УО на РФМ, одржана и овој пат по коронарната он-лајн шема, иако веќе полниме сала без никакви мерки, и со ограничен пристап за медиумите, што малку го наруши приемот во јавноста.

Седницата се одржа непосредно по успешниот настап на машката репрезентација на Македонија во баражите и изборениот пласман на СП 2023. Настаните во изминатите два месеци и „сета онаа енергија што повторно ја имаме во ракометот“ од една страна, и од друга страна, обврските што стојат пред РФМ како домаќин на претстојното СП за кадетки летово и како коорганизатор на ЕП за сениорки во ноември, го натерале претседателот да ја смени одлуката, оценувајќи дека „не е вистински момент за повлекување“.

Мукаетов повторно напомена дека „стои на ставот“ дека во овој УО на РФМ има луѓе кои можат да ја водат федерацијата, но дека и „надвор има многу мераклии“ за челната позиција во македонскиот ракомет. И, ова е втор пат претседателот на РФМ да најави предвремено повлекување, но, на крај сепак, да одлучи да остане прв човек во македонскиот спорт број еден.

Прв пат најави оставка од претседателската функција во РФМ, во април 2016, по разочарувачката елиминација на македонската репрезентација на олимписките квалификации во Гдањск. Но, по поддршката добиена од репрезентативците и апелот со поддршка од клубовите, претседателот тогаш реши да остана на функцијата. И, не само во тој, туку и во наредните два мандати.

Втор пат Мукаетов најави оставка на претседателската функција во РФМ, во февруари годинава, по разочарувачкиот настап и најслабиот пласман на македонската репрезентација на јануарското ЕП, со сугестија и дека некој од членовите на УО на РФМ може да го наследи на функцијата. Иако тоа никогаш не доби и официјална потврда од ниедна страна, јавноста и медиумите „во описот“ за некој што би можел да ја преземе челната позиција во РФМ како претседател или како потпретседател со резервна опција, „го препознаа“ членот на УО и главен спонзор на РК Бутел, Александар Стефанов.

Потоа дојдоа баражите за СП, а со победите се смени и „енергијата“, па дојде и „одјава“ на најавената оставка.

Разликата меѓу 2016 и 2022 се „мераклиите“ од надвор што ги спомена претседателот, а делумно и „апелите“ во јавноста. Пред шест години немаше на видик ни потенцијални ни заинтересирани, а ни нешто многу „мераклии“ за челната позиција во РФМ.
Извесна разлика има и во поддршката. Ако во 2016 се потпишуваа петиции со поддршка и генерално, сите го молеа претседателот да остане, во 2022 претседателот на седницата на УО објави дека не е вистински момент за повлекување „после разговорите со ракометни работници во кои имам доверба и чие мислење го ценам…“.
Расположението и односот на другите кон актуелното раководство на РФМ значително се промени по ланската промоција на новиот проект – клубот зад кој финансиски и логистички стои компанијата на актуелниот претседател, а брендовски името на актуелниот селектор. Од оние што стојат зад него, осмислен и претставен како убав проект за иднината на македонскиот ракомет, но, од голем дел од јавноста и од клубовите (не)прифатен баш многу позитивно и сфатен како привилегиран и протежиран во однос на другите.

Можеби не пресудна, но сепак, тоа и најмногу ја направи таа разлика во сфаќањето и прифаќањето на приближно истата ситуација во 2016 и во 2022.

2. Спектакл за достојно збогум на великаните

Од релативно „затворената“ седница на УО, излезе и една „отворена“ и убава иницијатива за голем ракометен спектакл во најава – да се организира едно величествено испраќање на ракометарите кои се простија или наскоро ќе се простат од репрезентативниот дрес.

Сите оние играчи кои со години наназад беа столбови на македонската репрезентација заслужуваат многу повеќе од стариот традиционален часовник или новиот проштално врамен дрес и онаа колективна благодарница.
Играчите кои со децении многу дадоа за македонската репрезентација и за македонскиот ракомет воопшто, заслужуваат да добијат величествено испраќање со некој голем ревијален настап на кој ќе бидат достојно испратени и поздравени од публиката. И никој не треба да биде заборавен!

Намерно тука не набројувам имиња, бидејќи секој што со години го носел македонскиот дрес има своја заслуга во националната репрезентација и треба да биде испочитуван.

И тоа се однесува и за машката и за женската репрезентација. Бидејќи, и во едната и во другата некако по традиција секогаш потфрлуваме на тој план. Сетете се само колку од поранешните репрезентативци и репрезентативки завршија како никогаш да не играле или пак, некои во минатото, сами си организираа проштални настапи колку да се одбележи. Од Индира, па до Бранче…

Една успешна национална федерација мора да ги испочитува своите репрезентативци токму така како што доликува и никого да не заборава.

3.Шест осмински отпор на Македонија

Освен овој проштално ревијален спектакл што е во најава, Македонија ракометно годинава ќе биде поприлично активна. Светското првенство за кадетки во јули е уште едно во серијата доверени големи натпреварувања за помлади категории на кои Македонија веќе се етаблира како добар домаќин.

Но, уште поголем интерес и внимание предизвикува организацијата на Европското првенство за сениорки во ноември, заедно со Словенија и со Црна Гора. Прво натпреварување од највисок ранг на кое Македонија ќе биде домаќин по цели 14 години, од последниот таков настан ЕП 2008.

Двата априлски натпревари на женската ракометна репрезентација на Македонија во Европскиот куп против актуелниот европски првак Норвешка, па нека е таа и со втор состав, всушност се и најдобра промоција и најава за претстојното ЕП 2022.
Македонската репрезентација не направи сензација, но во шест осмини на двете средби беше резултатски рамноправен противник. Што секако е позитивен сигнал и голем чекор напред за македонскиот женски репрезентативен ракомет.
Нормално, секогаш има уште многу простор за селекции и корекции, но генерално впечатокот е позитивен.

Позитивна е и енергијата што баражно ја подигнаа македонските ракометарите, а на свој начин ја дополнија и македонските ракометарки.

За успешна пролет и интересна есен-зима во најава.