СЕДМЕРЕЦ: Од Ниш до Ниш

Таму каде што се вивна старата генерација во 2012, таму на мегдан излезе и новата во 2021.

1.Три „нишки моменти“ во македонскиот ракомет

Во Ниш тргнавме, во Ниш застанавме, од Ниш продолжуваме. Ракометна Македонија со Ниш ја поврзуваат неколку битни моменти во изминатава деценија.

Нормално, оние најубавите и најнезаборавните се поврзани со настапот на машката репрезентација на ЕП 2012. Оттаму тргна подемот, еуфоријата и континуитетот во настапите на големите натпреварувања што, еве трае и до ден денеска.

Ниш, пак во друго светло го паметиме со македонската женска репрезентација. Ако ракометарите од Ниш тргнаа на горе, ракометарките тука застанаа. На ЕП 2012, во Ниш беше последниот настап на женската репрезентација на Македонија на големите натпреварувања. Тука застанавме и се уште се бориме за враќање.

Девет години подоцна, се погоди од Ниш да тргне и новата генерација во машката репрезентација. Македонската репрезентација составена исклучиво од млади играчи од домашните клубови или ако сакате „Б репрезентацијата“, за прв пат во овој состав се проба на голема сцена во двата пријателски натпревари со Србија. Во Ниш, се разбира.

2.Талент имаме – со работа каскаме

За избраните 18 од поширокиот список од 24, ова беше шанса да се покажат и докажат во националниот дрес, а за дел од нив и за прв пат да зачекорат кон „А“ тимот.

За Кире Лазаров, овој пат во Ниш исклучиво само во селекторска улога, да види во дуел на терен со што располага во новата генерација, на што може да смета, што е добро, а што треба да се поправа и исправа. И што од ова ќе биде корисен материјал за оној вистинскиот предизвик, настапот на ЕП 2022 во јануари.

Младиот македонски состав ги загуби и двата дуели против нешто поискусниот состав на Србија, исто така „пробен“ и за српскиот селектор Тони Герона. Првиот со поизедначена игра и резултат, вториот понемоќно и двоцифрено во минус.

Резултатот на ваквите контролни пријателски натпревари секако, не е во преден план, но секако, е одреден показател за можностите, квалитетот, подготвеноста…и за потенцијалот.

Токму како што рече Марко Кизиќ во Ниш:

„Овие натпревари се одлична прилика да видиме што знаеме, а што не знаеме и како да бидеме подобри за еден ден да стигнеме и до таа А селекција“.

Од тоа што го виде на овие два дуели во Ниш дека „го знаат“ и уште повеќе од тоа што го виде дека „не го знаат“, селекторот Лазаров може да биде задоволен само во одредени сегменти. Но, сигурно не и пресреќен од виденото и прикажаното. И од она што во многу блиска иднина од „Б“ треба да го направи „А“.

Вообичаено, и во Ниш пак на виделина излезе нашата стара мака – таленти имаме, ама со работа каскаме!

„Ни фали квалитетна работа во клубовите со квалитетен тренажен процес во текот на целата година и секако, минутажа на нашите репрезентативци“, нагласи селекторот по двомечот.

Во Ниш ни фалеа и одбрани на голманите, а се покажа дека фали и тренер за нив што се уште го нема во овој нов широк стручен штаб на Лазаров.

3.Тренинзите, минутите и алиби за грешките

Но, да не биде само паушална оценката за трензите, минутите и одбраните, треба да се напомене и тоа дека и во овој „состав за Ниш“, костурот го сочинуваат играчи кои сезонава не биле ни без квалитетни тренинзи, а богами, ни без минутажа.

Ако тргнеме од условно, првата постава во Ниш, ќе видиме дека во неа се Кизиќ и Мишевски од шампионот Вардар, Костески и Кузмановски од Еурофарм Пелистер, Серафимов од Металург (сите тренирале и сезонава играле во ЛШ или во Европската лига). Плус Аларов како прв пикер на третопласираниот Пролет, Мартин Манасков и Младеновиќ како првотимци во Охрид и Ѓорговски во иста улога во КЛ7.

Вардарци и пелистерци можеби не можат да се пофалат со некоја голема минутажа на важните натпревари, но од тренажниот процес сигурно не можат да се пожалат.

Серафимов во Металург имаше минутажа како Ремили во ПСЖ и барем сезонава се изнаигра и дома и во Европа во лидерска улога на десната бековска позиција.

Аларов буквално не седна на клупа додека Пролет бркаше пласман во неизвесниот домашен плеј-оф…

Дали со најавеното прегрупирање на репрезентативците, следната сезона ќе биде подобра на тој план, индивидуално и репрезентативно, тоа останува да видиме.

Многу работи за иднината на репрезентацијата секако, зависат од ставот, односот и корелацијата со домашните клубовите, посебно кога се во прашање помладите без интернационално искуство.

Но, дефинитивно најмногу работи зависат и од самите играчи, без разлика дали се помлади, постари, интернационалци или домашни. Од нивниот квалитет, од нивата посветеност и работа, од изборот на средината и перспективата…

До 18-20 години можеби и може нешто „да се пегла“ и да се толерира, со 20+ грешките се веќе (не)резултат на нешто.

Се друго е оправдување, изговор и алиби.

Како беше онаа стара студентска изрека – шестарот на професорот никогаш не ги фаќаше само тие што не положиле.