СЕДМЕРЕЦ: Нов систем, стара шема

На претстојното Собрание на РФМ треба да помине „предлог доставен од ракометните клубови“ за новиот систем на натпревари во машката Супер лига и „предлог“ за систем на натпревари во Женската лига, и двата за наредната сезона

1.Чист популизам

И волкот сит и овците на број. Така некако изгледа предлогот за промена на системот на натпреварување во машката Супер лига што треба да помине на Собранието на РФМ на 2 септември и да влезе во употреба од следната натпреварувачка сезона.

Предлогот што речиси цело лето циркулираше за потпис меѓу клубовите, според најавениот дневен ред, Собранието ќе го разгледува како „предлог доставен од ракометните клубови“ за систем на натпревари во машката Супер лига за сезоната 2024/2025. А на дневен ред е и „предлог“ за систем на натпревари во Женската лига за натпреварувачката сезона 2024/2025. Сумирано, на крај и не е толку битно чиј е предлогот, битно е системот да биде подобар и поефикасен.

Факт е дека постоечкиот гломазен систем со 16 екипи во машката Супер лига е „чист популизам“, што би рекол Михајло Михајловски, и за Македонија не е ефикасен. Впрочем, како таков еднаш веќе беше укинат и потоа, од некоја причина, пак вратен.

Проширениот систем во машката Супер лига прв пат беше воведен по брза постапка во сезоната 2020/2021 како „генијален изум“ во короната. Следната сезона (2021/2022) беше укинат и Супер лигата беше стеснета или концентрирана на 12 екипи, за потоа (2022/2023) одново да биде проширена на 16 екипи, во првата фаза поделени по 8 во две групи на ист ранг. И, генерално, оценката беше дека системот не е добар и за сметка на квантитетот се губи квалитетот, посебно во првиот дел од сезоната. Бенефитот беше повеќе „популистички“. Статус на суперлигаши, односно категорија највисок ранг на натпреварување во бодувањето за ваучерите, по брза постапка добија и екипи кои по квалитет, по капацитет, па и по буџет,  реално се еден ранг подолу.

2.Шеснаесет се всушност осум

Ова од погоре е како увертира за да бидат појасни промените во системот што треба да поминат како предлог на Собрание, „штелуван“ во изминатите неколку месеци или надограден, кој како милува да ги нерече промените, за да бидат пак сите задоволни.

Според она што кружеше како предлогот за потпис кај клубовите, од следната сезона машката Супер лига пак ќе брои 16 екипи, односно сите 16 екипи формално пак ќе бидат во највисок ранг на натпреварување, само сега поделени по 8 во две групи од условно, различен квалитет (Супер А и Супер Б). Но, не поделени со ждрепка како што е во актуелниот систем, туку догодина поделени според пласманот во оваа сезона. Што пак реално, двете суперлигашки групи Супер А и Супер Б, ги прави две лиги на различен ранг, во кои ќе се „влегува“ и ќе се „испаѓа“ како што беа некогаш Прва и Втора, или подоцна Супер и Прва лига, само што сега и двете ќе бидат Супер!

Што добиваат клубовите со новиот предлог-систем?

Најдобрите екипи во Супер А добиваат она што го бараа – концентрација на квалитет и квалитетни натпревари со посилни противници во текот на целата сезона во двокружен систем што генерално, е подобро и за клубовите и за македонскиот ракомет во целина.

Послабите екипи во Супер Б добиваат изедначени натпревари со противници од ист ранг и за ваучерите, сочуван суперлигашки статус и без да изборат влез во А.

РФМ пак, добива вин-вин ситуација во која сите се задоволни.

Освен ако не му текне некому дека и со новиот систем, парите од ваучер по највисок ранг ќе се делат на 16 наместо на 8 или на АМС да бара попрецизна категоризација.

Ама тоа за оние со поголем буџет и така не се некои кој знае колку големи пари за да се дига џева за новиот систем кој во суштина е многу подобар од овој стариот. Воедно, и многу подинамичен, понеизвесен и натпреварувачки многу пореален.

3.Највисок или најнизок ранг исто му доаѓа

На дневен ред на претстојното Собрание на РФМ е и „предлог“ за систем на натпревари во Женската лига за сезоната 2024/2025. Но, за разлика од предлогот за машката лига кој со месеци детално се анализира и елаборира, за женската лига и нема многу информации колку длабоки би биле промените.

Женските клубови во Македонија во изминатите неколку сезони се натпреваруваат сите во една единствена лига во која лани беа 15 екипи, но бројот од сезона во сезона варира, оти има некои згаснати, а некои нови субјекти кои стартуваат директно во највисок ранг затоа што нема друг па во исто време тој е и највисок и најнизок.

Популистичкото решение сите да бидат задоволни и да бидат во натпреварувачки систем сите на куп, без борба за влез во повисок ранг и без опасност од испаѓање, на долг рок не донесе некој позначаен напредок за македонскиот женски ракомет. Напротив, ги „зароби“ поамбициозните и финансиски постабилни клубови во полу или повеќе аматерска лига и ги лимитира македонските ракометарки во потенцијалните интернационални трансфери.

Лигата сите во едно е добра за екипите што опстојуваат од ваучер и за ваучер, и се категоризираат во највисок ранг, со заобиколена обврска и трошоци, клубот да биде регистриран и да функционира како акционерско друштво.

На крај имаме некоја полуаматерска лига, се помалку спонзори, клубови што земаат ваучер и се откажуваат од европските настапи за да заштедат, ракометарки што играат за ич пари затоа што во „професионалните“ договори што ги потпишуваат им стои дека клубот вложува во нивната едукација, а не дека тие играат за клубот да се натпреварува, па во си-ви-то после им стои дека на 18-19 години учеле ракомет, а не дека играле професионално. И после, среќни сме ако некоја од екипите, оние што ќе пријават во европските купови помине 1-2 кола. Три е веќе екстра успех.

Промените во системот, доколку се диференцираат два ранга на натпреварување, колку и да ни е сиромашен женскиот ракомет, сигурно би ја извадиле лигата од аматерското милје и би било своевиден стимул за поголеми вложувања во поамбициозните клубови во македонскиот женски ракомет. Според ставот и гласот на клубовите ќе се види дали е тоа реално спроведливо или е само теоретски пожелно, онака „на муабет“.