СЕДМЕРЕЦ: Ништо не смее да не изненади!

Не сме пласирани, ама ќе се подготвуваме како во јануари да играме на СП

1.Репрезентацијата во „СВОЗ подготовки“

„Направивме план да работиме како да сме пласирани на Светското првенство, затоа што не знаеме што не чека…“, ќе рече селекторот Данило Брестовац за новата реалност во која се најде машката ракометна репрезентација на Македонија како прва резерва за СП 2021 во Египет.

Не сме пласирани, но ќе се подготвува како во јануари да играме на мундијалот!

Нешто како она од Тито на времето: „Да работиме како сто години да ќе биде мир, а да се подготвуваме како утре да ќе има војна“.

Во годината во која ништо не е нормално и македонската репрезентација за прв пат се најде во оваа невообичаена резервна ситуација. Чудна 2020, ракометарите ќе ја завршат со репрезентативни подготовки за првенство на кое не се пласирани, ама може да настапат. А, може и не. Токму затоа, овие декемвриско-јануарски репрезентативни подготовки ќе бидат малку поразлични од сите претходни.

За прв пат на СП 2021 година во Египет ќе настапат 32 репрезентации наместо досегашните 24. Македонија не фати место во овој проширен состав на мундијалот, но е прва под линијата. По елиминацијата во првиот круг на последното ЕП, македонската репрезентација заврши како 15-та и не обезбеди директен пласман на мундијалот, баражот со Франција отпадна поради короната, а вајлд-картите по некоја друга математика ги добија Полска и Русија. И кога веќе некако почнавме да се помируваме со реалноста дека толку ќе биде од континуитетот на најуспешната македонска селекција на големите натпреварувања, пак се отвори опција – Македонија да биде во комбинација за настап во Египет како прва резерва.

Позицијата – прва резерва колку што е надежна во новата реалност, толку е и комплицирана. Не знаеш ни дали ќе играш, ни против кого ќе играш, ако играш… А, од друга страна, не оди ни да се откажеш и да дигнеш раце. Затоа, нема друго освен да бидеш подготвен за секоја ситуација.

Нешто како репрезентацијата во „СВОЗ подготовки“.  Дефиниција од некои минати времиња за обука и подготовка за справување со вонредни состојби, во нова верзија.

Ништо не смее да не изненади! Нели?

2. И Битола се израдува во ЛЕ

За прв пат сезонава и Еурофарм Пелистер се израдува на победа во Лига Европа. Во петтиот натпревар, во Битола „падна“ словенечкиот Тримо Требње. На пелистерци оваа победа им беше повеќе од потребна кога веќе се закануваше опасност, поразите да ја разнишаат и самодовербата во тимот, но и довербата  во амбициозниот битолски проект. Да не остане коронарната година запаметена само по настапот во Струга и претсезонските победи против европскиот шампион.

Фото: Димитар Петковски © 24Ракомет

Сега кога е пробиен мразот во Европа, би требало да биде многу полесно.

За четата на Жељко Бабиќ ова беше прва победа во ЛЕ, по три порази и едно реми. За словенечкиот тим предводен од Урош Зорман, ова пак беше прв пораз сезонава во новото европско натпреварување.

За се има прв пат.

Ни едениот ни другиот тренер по натпреварот не се појавија на виртуелната прес-конференција. Не е вообичаено, но не е ни нешто невидено. Своевремено кога Лино Червар беше на клупата на Металург, знаеше понекогаш после некој незгоден пораз да испрати „заменик“ на пресовите. Но, Бабиќ во Битола ја „прескокна“ прес-конференцијата не после пораз, туку после првата сезонска победа во ЛЕ и тоа победа со посвета за роденден на спонзорот. Ќе признаете, малку необичен потег. Но, ни Жељко Бабиќ не е некој обичен тренер. Нејсе.

Битно, Битола по подолго време пак се израдува на европска победа. Се друго сега оди во втор план.

3. „Зер гут“!

Филип Кузмановски зареди „петки“ во Хановер. Тоа е добрата вест од Германија. „Зер гут“ за Македонија пред СП на кое можеби ќе играме, а можеби не, ама ние да си бидеме подготвени.

По ланските патешествија во Магдебург, новата средина со Ортега на клупата, се покажа како многу подобра опција за македонскиот репрезентативен бек. А, толку многу надеж полагаме во еден од предводниците на новата генерација, што изминативе недели секој настап и секоја нова „петка“ на Кузмановски во Бундес лигата ќе почнеме да ја дочекуваме со „АМИН“ под извештаите.

Нека продолжи добрата серија, ако треба и молитви ќе читаме.