СЕДМЕРЕЦ: Некогаш и не е сѐ до парите…

Колку што е Вардар лесен и полетен на стартот од сезоната, толку Еурофарм Пелистер е во грч и тежок во нозете под товарот на титулата и на очекувањата.

1.Никогаш не го отпишувај Вардар!

Еднаш, ајде може да е случајно. Два пати за 11 дена со безмалку ист резултат, веќе не е. Вардар по втор пат го победи Еурофарм Пелистер, прво во Супер Купот, сега и во суперлигашкото дерби, прво за оваа сезона.

Два пати со 30-ка, чисто, полетно, разиграно, тимски. Со поддршка еден за друг, со доверба и со една симпатична енергија својствена на стариот Вардар. Сега е веќе комплетно јасно дека Вардар не само што не е исфрлен од колосек по ланскиот финиш на сезоната, туку дека многу јасно и прецизно чекори по новата зацртана патека.

Никогаш не го отпишувај Вардар! – потсети Борко Ристовски на она познато правило кога се „црвено-црните“ во прашање.

И во право е!

Пред да почне сезоната малку кој веруваше дека Вардар така брзо ќе се консолидира и пак лесно ќе доминира. И дека пак сите вардарци ќе дишат како еден и пак тимскиот дух ќе им биде најсилно оружје. Дека максимално подготвени и најмалксимално мотивирани ќе излезат на мегдан и ќе одговорат на предизвикот. Дека малиот Јапонец ќе биде движечка сила, а не само егзотика. Дека младите засилувања ќе бидат пол погодок. Дека Томовски ќе „кине“ зицери и седмерци како од шега. Дека Мечка ќе стане „плукнат“ Столе. Дека Столе ќе биде мирен и сталожен тренер во совршена корелација со Недановски. Дека Борко директорски за 2-3 месеци ќе го направи дресот бундеслигашки нареден со спонзори. И дека во вистински тајминг ќе испрати моќна порака што надвор предупредува, а внатре обединува – никој да не помисли да си игра со Вардар!

Додуша, Борко и Столе уште на онаа претсезонска прес-конференција најавија дека здраво ќе се фатат за работа и Вардар пак ќе биде Вардар и ќе исплива колку и да е во незавидна ситуација по загубената титула. И во голем дел, успеаја во реализацијата, барем по она што е видливо досега.

Успеаја од тоа малку да извлечат многу. Победија во Струга, го победија шампионот и го освоија Супер Купот. И пак го победија шампионот во првата суперлигашка пресметка… Вардарци победуваат, но што е уште побитно, играат и уживаат, со таргети, ама без притисок. А публиката тоа го препознава и го поддржува. Читам вчера, им честитаат дури и дел од противничките навивачи. Оние што вистински го сакаат спортот и покрај наклонетоста кон едни или кон други, знаат реално да проценат кога е нешто добро и кога нешто не чини и да пружат рака да честитаат.

2.Товарот го сопна шампионот

И колку што е Вардар лесен и полетен на стартот од сезоната, толку Еурофарм Пелистер е во грч и тежок во нозете под товарот на титулата и на очекувањата. Не залудно велат, полесно е да освоиш отколку да одбраниш!

А, има не дека нема потенцијал во овој состав на шампионот. И играчи што можат да се носат со предизвикот, желни да се докажат. И тренери што имаат искуство, поддршка, шанса каква што ретко се добива… За желба да успеат со своите во Битола, не се ни сомневам.

И управа која гарантира стабилност…Треба само да се наредат коцките и да попушти грчот и шампионскиот притисок со предзнак – мора. И во од да се поправаат грешките и да се надминат пропустите, без импровизација и без некаква компензација.

Колку и да е Вардар компактен и добро подготвен, не е баш реално шампионот од Битола да не може 8 минути гол да даде или пола полувреме да нема ниеден погодок од игра! Нереално е со тој рејтинг, квалитет, па и буџет ако сакате.

Иако, што е за право, некогаш и не е сѐ до парите.

Колку побрзо се лоцира проблемот што им ги врзува рацете, толку ќе биде подобро за шампионот. Иако сезоната е долга и има уште многу да се игра.

3.Женската репрезентација на ве-де

Во сенка на дербито и стартот на сезоната, некако тивко и не со многу интерес во јавноста помина ве-де санацијата на ситуацијата во женската репрезентација. Претпоставувам, по брза проценка и без многу, многу расправа, Управниот одбор на РФМ, Кристијан Грчевски го прераспредели од селектор на кадетките во в.д. селектор на женската сенороска репрезентација на Македонија.

Во стручниот штаб на репрезентацијата за помошнички на в-д. селекторот се именувани две екс-ракометраки кои дел од својата кариера ја градеа во Македонија – Едуарда Аморим Талеска која беше асистентски накратко ангажирана и во претходниот стручен штаб и  Ања Алтхаус како ново лице во новиот ве-де стручен штаб на македонската женска репрезентација.

Именуваните лица, кои патем во стручниот штаб на репрезентацијата влегуваат речиси без ич тренесрко искуство во женскиот ракомет и моментно без клупски ангажман, според известувањето од РФМ „ќе бидат во функција вршители на должност за време период на одигрување на квалификациските натпревари за пласман на ЕП 2024“.

Само уште да кажеа од Управниот одбор и по кои критериуми го бираале ве-де стручниот штаб на националната селекција и тамам сме!