СЕДМЕРЕЦ: На почит со почит се враќа!

Клубовите менуваат играчи и играчите клубови, но јавноста и публиката е таа

1.Ф4 низ друга перспектива

Некогаш, некаде во ова време славевме титули на Вардар во Келн или жалевме за некое финале на ЖРК Вардар во Будимпешта. Сега најчесто само евоцираме спомени и броиме годишнини. Уште малку ќе биде „сребрена“ од историската прва титула на Кометал ЃП. Догодина ќе биде петта од последното искачување на Вардар на подиумот во Келн. За некоја година и јубилејна десетта од првото чудо на вардарци на Ф4.

Сигурно уште долго ќе се споменуваат годишнините и ќе се паметат подвизите на Вардар во Келн и двете европски титули кои на овој спорт му дадоа една друга димензија. Но, сезонава што изминува за вардарци баш и не е од тие за паметење. Почна со криза и европска суспензија, заврши со загубена шампионска титула, најслаб пласман во последните 18 години и со две „дисциплински“ како за крај.

Сезоната на која полека се спушта завесата, за Македонија беше прва по подолго време без македонска екипа во Лигата на шампионите и во машка и во женска конкуренција. Со најмалку претставници во европските купови, со не многу репрезентативни резултати и најрано завршена европска сезона за македонските клубови во последната декада.

А, кога немаш свој претставник на Ф4, некако вообичаена практика кај нас стана, завршниците во ЛШ да ги „актуелизираме“ со некој добро познат лик на терен.

Ако не е „наш“, тогаш е некој „поранешен“ што бил овде, или понекогаш и со „несуден“ играч што требало да дојде во некој од македонските клубови. Па дури и со поранешните противници кога се актуелни. Како што беше, на пример, унгарскиот ФТЦ викендов на Ф4 во Будимпешта. Ај што во составот на актуелниот европски вицешампион играат двете екс-вардарки Лекиќ и Цвијиќ, туку има и уште еден интересен линк во фактот дека ФТЦ играше во завршницата на ЛШ прв пат по 21 година, односно прв пат по загубеното финале во Скопје во 2002 кога Кометал ЃП стана шампион.

Или дека сестра и на Ана Вjaхирева исто така беше „вардарка“, а таа е МВП на Ф4 во дресот на Вајперс Кристијансанд кој пак по трет пат е шампион во ЛШ.

Ова беше за Ф4 викендот во Будимпешта, за Келн ќе најдеме нови линкови за навивање.

Не дека главниот ракометен настан со четирите најдобри екипи во ЛШ, не е атрактивен и актуелен сам по себе, но за публиката секогаш е поинтересно да најде некоја нишка што ја привлекува и ја поврзува.

Гледај, уживај, евоцирај и сонувај за некои подобри времиња кога европската сезона и за македонските клубови ќе трае до јуни, не до ноември или до февруари и шампионите нема да преживуваат и да згаснуваат.

2.Женскиот ракомет на голема и на мала сцена

Женскиот ракомет во европските купови ја враќа популарноста и атрактивноста. Го потврдија тоа и оние над 20.000 гледачи што ја исполнија МВМ Доме арена во Будимпешта. За тоа сигурно во многу придонесе и фактот што на Ф4 во Будимпешта годинава за прв пат играа двете најдобри унгарски екипи, петкратниот европски шампион Ѓер и ФТЦ како изненадување на сезоната. Но, како и да е атмосферата во завршницата од ЛШ во Будимпешта, годинава беше грандиозна, па, речиси приближно како онаа на машкиот Ф4 во Келн.

Има ли шанси и македонскиот женски ракомет во догледно време да фати чекор со позитивниот европски тренд?

Засега, реално тешко.

Со неефикасен систем и полуаматерска лига со сите во еден ранг, клубовите дури и оние најстабилните, тешко дека може да направат посериозен исчекор напред ни финансиски, ни резултатски. И се додека е тоа така, и успесите во европските купови ќе бидат сведени на минимум. Да се помине прв-втор круг во натпреварите од понизок ранг. За ЛШ пресметката тешко се вклопува во буџетот, па македонските женски шампиони од година во година се поретко се амбицираат да заиграат во најсилното клупско натпреварување. И ако не се смени нешто во догледно време, така и ќе остане.

3.Поинакви од другите

За нова промена „плаче“ и системот на натпреварување во машката Супер лига кој три сезони по ред се стеснува и се проширува по потреба, за на крај да остане во широката опција со 16 екипи во две групи, разводнета полусезона и плеј-оф во кој се решава титулата и кој по квалитетот е всушност она што треба да биде во највисок ранг на натпреварување.

Без многу европски настапи, со неколку СЕХА секвенци, клупската ракометна пролет во Македонија главно, се сведе на возбудувањата во плеј-офот, промената во односот на силите и смената на врвот. Нов шампион, два евро-дебитанти и стариот најверојатно, во квалификации за Европска лига.

Пресвртната сезона заокружена со „ѕвезди“ за најдобрите во ол-стар тимот избран од публиката и од новинарите. Чест и признание испочитувано и вреднувано од сите, освен од вицешампионите кои решија да ги одбијат „ѕвездите“, свесни или несвесни дека клубовите менуваат играчи и играчите клубови, но јавноста и публиката е таа.

Во спортот е така – ако почитуваш, ќе те почитуваат.