СЕДМЕРЕЦ: Мите пред сите

15-ката на 36-годишниот Караиванов стави главен белег на почетокот на новата забрзано-проширена суперлигашка сезона

1.Нов суперлигашки старт

Стартуваше новата суперлигашка сезона, нова и по темпото понеделник-петок и по форматот 7х2+2. Колку ќе биде успешно ова решение во новата реалност, ќе сумираме таму некаде на пролет кога ќе се знае кој до каде е кога на суперлигашкото друштво ќе му се приклучат и сехалигашите Вардар и Еурофарм Пелистер. А, дотогаш шестте новопромовирани суперлигаши и осумте стари ќе се борат да одржат темпо и да изборат позиција што ќе им обезбеди опастанок во Супер лигата, догодина повторно стеснета и концентрирана само со најдобрите десет, вклучувајќи ги во нив и сехалигашите кои треба да се вратат на домашна сцена во „фул сезона“. Барем така е планирано. Сепак, дотогаш има време, а и новата пандемична реалност и онака не остава многу простор за цврсти долгорочни планови…

Сега есенски сè уште му се радуваме на фактот што повторно се игра ракомет, додуша без публика, ама и нешто е подобро од ништо. Интересот што го предизвика првото коло во најсилната македонска конкуренција уште еднаш потврди дека во Македонија ракометот е повеќе од спорт. Нешто како виното ни е.

Колку постаро толку подобро, додека чекаме да созрее новото.

И додека кршиме копја, а богами и прсти, до кога се младите млади и надежни и во клубовите и уште повеќе во репрезентација, на крај некако пак останува ветераните да ја решат ситуацијата.

2.Искуство на дело

Новиот суперлигаш Голден Арт КЛ7 и вториот битолски тим, Еурофарм Пелистер 2, се најмладите состави во суперлигашкото друштво. И едните и другите имаа солиден старт. Не се посрамотија ни пулените на Кирил Лазаров како домаќини на Охрид, ни пелистерци како гости на Металург, но и едните и другите на крај завршија со пораз. И, кај нас вообичаено, констатираме дека „им недостасува искуство за да направат сензација“

Сакале или не, тоа некако и држи вода, посебно кога главни креатори на сензациите во првото коло од Супер лигата ни се играчи со 35+.

This poll has ended (since 3 years).

ГЛАСАЈТЕ ЗА НАЈКОРИСНИОТ РАКОМЕТАР НА ПРВО КОЛО ОД МАШКА СУПЕРЛИГА

Златко Хорват, десно крило, Металург
23.74%, 118 од 497 гласа
Мите Караиванов, лев бек, Астраион
20.93%, 104 од 497 гласа
Филип Кривокапиќ, среден бек, Охрид
18.71%, 93 од 497 гласа
Бранко Канкараш, пивот, Металург
11.87%, 59 од 497 гласа
Петар Ангелов, голман, Пролет 62
9.46%, 47 од 497 гласа
Мирко Мајиќ, лево крило, Бутел
8.45%, 42 од 497 гласа
Никола Роглев, десен бек, Младост
6.84%, 34 од 497 гласа

Па така, главен белег на стартот на новата суперлигашка сезона беше 15-ката на искусниот Мите Караиванов во првата суперлигашка победа на Астраион на гости во Радовиш. Поранешниот македонски репрезентативец и со 36 години на грб успеа да го наполни голот на домаќините и да им донесе победа на струмичани. Каков и да е мечот, 15-ка во ракомет е бројка за почит.

Старата гарда добро знае дека „клавајте голови“ е основната лекција. Младите допрва треба да учат.

3.Мите – Диви – Мите

Но, Мите не е единствен ветеран во фокусот на суперлигашкиот старт. Имаше барем уште два-три примери во ова прво коло.

Пролет тргна со победа во новата сезона, со стариот добар Петар Ангелов на голот. Диви знае да „здиви“ и на 43 години, да прими само два гола за цели 17 минути и уште од старт да ги отпише „јуниорите“ од Кисела Вода во нивното суперлигашко деби. Ако може Омбрадос на 48, може и наш Диви на 43! На терен не важно кој колку има туку кој колку може, нели.

Во Богданици пак, уште еден Мите потсети дека во новата реалност не можеме без старите вредности. Иако со една нога веќе влезен во тренерските води, Мите Стоилов како играч-тренер го предводи тимот на Младост во новиот суперлигашки предизвик. Искусните Мите Стоилов (37) и Никола Роглев (33) заедно постигнаа 10 од вкупните 27 гола на Младост во стартната победа против Тиквеш. И двајцата освен играчки веќе имаат и тренерски лиценци, а Роглев паралелно гради и политичка кариера, но во Младост тие се уште се незаменливи на терен. Одличен пример за младите генерации за издржливост и квалитет што трае.

Ако на ова ниво го издржат темпото понеделник-петок, тогаш, навистина – секоја чест!