СЕДМЕРЕЦ: Минималец и максималец

Од „десетката“ никако да се спасиме

1. Драма со среќен крај, за промена

Ако по ништо друго, дебитантската сезона на Еурофарм Работник во Лигата на шампионите, сигурно ќе биде запаметена по драматичните завршници со оној плус-минус еден гол. Дури шест од осумте одиграни натпревари во групната фаза од ЛШ, битолскиот тим ги заврши со минимална гол разлика и редовно, со глатко прво полувреме, стани-падни второ, доза на неизвесност и драма на крај. Овој пат, за промена, со среќен крај за битолчани. Голот со сирената и победата над Савехоф дојдоа во вистински момент, да и стават крај на лошата серија по онаа тешка десетка во Лисабон.

Сè е добро кога добро ќе се заврши… – ќе рече Стевче Алушовски, симнувајќи голем товар од грбот кој посебно натежна на последните две гостувања.

Еурофарм Работник има две победи наспроти шесте порази и одамна загубени шанси за продолжен престој во елитата по завршувањето на групната фаза. Но, ако е за утеха чисто за споредба, битолскиот тим во ЛШ има помалку примени голови и подобра гол разлика од актуелниот европски шампион. „Фармацевтите“ се на -14 со 233 примени погодоци , а вардарци по првите осум натпревари во ЛШ се на -17 со 252 гола во мрежата. Не е некој кој знае каков клучен податок, ама во секој случај е еден интересен показател дека во одбраната Работник завршил подобра работа од Вардар.

2.Без десетка не нè бидува!

Како и да е, во последните два викенди во ЛШ, без десетка не нè бидува. Двоцифрената негатива минатата седмица ги мачеше битолчани, а потоа се сврте кај вардарци. И тоа, ни помалку – ни повеќе, во мечот на колото на гости кај Киелце. Само една недела по прославата на оној бод-планина против полскиот тим, дојде поразот кој не враќа во реалноста. Импровизацијата еднаш можеби може да го збуни и Талант и да го начека противникот уморен од летот. Втор пат тешко може да помине прелет на крилата на бек или очајно префорсирани „7 на 6“.

Факт е дека Вардар сезонава игра преполовен од повреди, но проблем е кога здравите не можат здраво да фатат ритам. А, кога е Вардар во прашање, тогаш, некако по правило тргнуваат и муабетите за платите и за ратите.

Промените на клупата и стратегијата за „стабилизација“ и враќање на „препознатливиот стил на игра“ на европскиот шампион, барем засега има минимален ефект. После 11-ка од Кил, Вардар запиша една победа и едно реми, ама има и една 9-ка во Веспрем и сега 10-ка во Киелце, со минус напред. Со трета најслаба одбрана во ЛШ, со 252 примени гола и просек над 30… А, токму одбраната беше еден од клучните елементи во „препознатливиот стил“ на шампионски Вардар. Враќањето тешко оди…Иако, надежта последна умира.

3.„Металурзи“ во погон

Конечно, се врати и Металург на европска сцена и се бори да фати место и да презими таму горе во групната фаза во ЕХФ Купот. Имаат „металурзи“ и младост и искуство, отпорност на кризни моменти и сигурна рака на клупа.

Дуелот со Горење во Словенија, всушност беше првиот вистински тест за реновираниот Металург. Според играта во поголем дел успешен, според резултатот – за малку. Да го издржеа темпото до крај, ќе имаа сигурна предност за мирен реванш. Вака имаат активен резултат, ама и пет гола негатива што е опасна разлика на вакви двомеч пресметки. Не се недостижни, ама не се ни лесни за достигнување.

Пред Зоран Кастратовиќ и пред Металург стои голем предизвик. Ако во скопскиот реванш одиграат 60 минути како што играа 30 минути во Велење, тогаш целта реално им е на дофат. Ако не, Горење може лесно да им ги изгори европските амбиции.

„Ние уште не сме натпреварувачка екипа. Сакаме да играме ракомет, но мора да победиме ако сакаме во групната фала“,  јасно и едноставно им порача новиот кормилар на „металурзи“.

Нема многу филозофија, има максимално голем предизвик.