СЕДМЕРЕЦ: Македонски феномени

Антикоронарно - прошируваме, купуваме, потпишуваме, аплицираме...

1.Македонија во нова насока

И во корона време, Македонија останува ракометно интересна, а богами, и активна. Натпревари нема, ама активности има колку сакаш.

И игри има, тука-таму.

Се игра тактички. Некаде со отворени, некаде со скриени адути. Има планови, стратегии и конкретни акции. Има потписи и отписи. Многу клубови во Европа кратат буџети и стравуваат дали воопшто ќе може да опстојат и да ја преживеат кризат после пандемијата, кај нас ситуацијата некако, не знам како, се сврте во друга насока. Нема откажување никаде. Ќе играме секаде и лигата ќе ја прошириме!

Не играме бараж, ама вонредно коронарно ни се отвори шанса да бидеме прв кандидат за вајлд-карта и „службено“ да избориме пласман на СП 2021 во Египет. Веќе апсолвирано, ама се уште отворено и актуелно. Ангажирани по сите линии – репрезентативно, клупски, судиски, па и административно.

И додека вестите од другите европски земји главно се за рестрикции и за скратување, кај нас пост-коронарно се проширува дури и Супер лигата, од 10+2, на 14+2.

Се има, се може!

Никој не се буни за зголемени трошоци и пропорционално намалени ваучери, ако воопшто ги има во иднина. Напротив, се честита и се слави новата проширена Супер лига! Можеби е до менталитетот да мислиме за денес, не и за утре. Или во светската криза, кај нас изби некој финансиски извор, кој знае…

Како и да е, македонската ракометна сцена пролетва е активна како што не била одамна. А, Македонија повторно станува интересна дестинација за многу играчи, тренери и менаџери.

Автокоманда никогаш не спие, испратија порака од Металург. Битола повторно се буди сега со Еурофарм Пелистер. Во Вардар се средуваат сметките …

2.Стабилизација во ненормална ситуација

Вардар не доигра во ЛШ поради откажаните натпревари во осминафиналето, нема да биде на Ф4 во Келн и титулата, формално ја губи на маса, не на терен. Но, што е многу поважно, покрај сите неприлики токму во времето на короната, македонскиот бренд ја обезбеди иднината.

Пред да фати светската здравствена криза, двојниот европски шампион беше зафатен од длабока финансиска криза и не се знаеше дали ќе преживеe. Но, Вардар сега веќе е симнат од „респираторот“. Има остранети делови и намален волумен, ама барем (ќе) дише самостојно.

Ситуацијата во Вардар се нормализира во „ненормален“ период. Колку и да изгледа тоа чудно и тешко изводливо. Во првиот бран, потпис на договорите ставија неколку македонски играчи од помладата генерација, плус последнодојдените Борко Ристовски и Марко Мишевски. Во вториот се очекува потврда од дел од играчите од стариот состав дека остануваат во новиот Вардар. Во третиот бран треба да се комплетира сликата и тимот со нови засилувања. Подолгата е листа на заинтересирани и за Вардар интересни имиња, откри Михајло Михајловски кој од 1 јуни и официјално треба да се врати на старата позиција – прв човек на „црвено-црните“.

Деновиве „се отвори“ повеќе од вообичаено и тренерот на Вардар, Стевче Алушовски и најави амбициозни планови. Нема причина да не им веруваме.

Новиот Вардар ќе има значително помал буџет од оној што го имаше во најдобрите денови од владеењето на Самсоненко, но најголемиот македонски спортски бренд останува конкурентен на сцената и помалку го враќа стариот имиџ. Михајловски неколкупати потенцираше дека во неговите планови е Вардар повторно да добие македонски белег во составот и да биде база за македонската репрезентација.

3.Металург тргна во офанзива

Новиот Вардар со „нормален“ буџет, можеби ги намалува шампионските амбиции на „црвено-црните“ во Европа, но дефинитивно добро ја размрда домашната сцена. Според вложувањата, повторно на врвот се издвојува „големата тројка“, но сега Еурофарм Пелистер и посебно Металург, во новата сезона влегуваат со многу посериозни амбиции да му се приближат на Вардар, па и да атакуваат на титулата. Во таа насока одат потезите и плановите и во Скопје и во Битола.

Ако досега хибернираше и со години ги санираше последиците од нивната криза во 2014, Металург сега ја менува стратегијата и тргнува во сериозна офанзива. Поранешниот македонски шампион, сега е концентриран на домашната сцена и на борбата да го добие местото во групите од новата Лига Европа, базирана на искуство и заслужени поени од минатото, но и нови гаранции за финасиска стабилност и создавање на респектабилен тим за иднината сезона.  За разлика од претходните години кога Металург главно се потпираше на млади домашни играчи, сега на тоа се додава и доза на искуство. И додека Вардар настојува да го врати загубениот „македонски процент“ во составот, Металург „ослободи“ дел од македонските репрезентативци на кои им завршија договорите и експресно ги замени со поискусни странци. Деновиве токму Металург беше најактивен на пазарот и изненади со три реализирани трансфери и уште неколку во најава. Момир Рниќ, Никола Потиќ и Бранко Канкараш, се новите имиња што ќе ги видиме во дресот на Металург. Според најавите, може да им се приклучи и Чехот Здрахала, а во Автокоманда може да се врати и македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски.

Во ланската тренерска вртелешка, Металург прв од „тројката“ ја стабилизира клупата со ангажирањето на Зоран Кастратовиќ. Тој е стратег што има доволно квалитет и искуство, а сега и простор и време да направи конкурентен тим во кој ќе биде запазена базата, но и надоградена во функција на резултатите.

4.Од Битола до Богданци се е во акција

Еурофарм Пелистер, на битолска основа, со скопска поддршка тргнува уште посмело во новата сезона иако во креирањето на тимот за следната сезона се уште се бара баланс меѓу тенденцијата клубот да биде доминантна репрезентативна база и визијата на тренерот Жељко Бабиќ. Хрватскиот стратег преферира во својот тим да им даде шанса за промоција и на млади хрватски играчи, па така во Битола стигна и сплитскиот талент Матео Мараш.

Битолскиот клуб по реконструкцијата на Супер лигата ќе остане единствен со два тима во најсилното натпреварување откако Вардар и Металург ги повлекоа вторите екипи. Новата сезона ќе покаже колку тоа ќе биде предност или дополнителен товар за Еурофарм Пелистер.

Во меѓувреме активни на пазарот се и суперлигашите со помали буџети. Охрид како второпласиран во регуларниот дел до прекинот, има најголеми шанси да го добие третото место во Лигата на Европа и амбиции да го продолжи позитивниот тренд и во следната сезона, задржувајќи го костурот на екипата со Раде Стојановиќ на клупата.

Пролет, по кратката епизода со единственото странско засилување, најверојатно ќе се збогува со Гркот Ѓуро Мујиќ и ќе се врати на традицијата. На Мујиќ му истекува договорот и речиси е извесно дека нема да добие нов, а Пролет ќе ги пополни празните места со домашни играчи. Преговорите се во тек, а засега најинтересно во трансфер зоната е ривалството меѓу Пролет и Бутел во трка за битолско засилување.

Во Битола „пазареше“ и Радовиш, Младост преговара со украински репрезентативци…

Македонски ракометен феномен! Кој рече дека имало криза?!