СЕДМЕРЕЦ: Лекции за „понављачи“

Лекција од тренерот и од играчите – како треба, лекција од менаџментот - како не треба да се „менаџира“ бренд и европски шампион...

1.Се е исто како лани… или не е?

Тие што не ги учеа лекциите, навремето ги викавме „понављачи“. Ама, ај да не ми се лутат лекторите, нека бидат – повторувачи. Иако, ова литературното повеќе асоцира на некој што ја повторува лекцијата, а оној стариот србизам е токму оној засрамувачки збор за учениците што не ги учеа лекциите и го повторуваа одделението. Додека не научат…Или додека не ги отпишат.

Од Вардар лани ветија ама изгледа пак не ја научија лекцијата како се води и се менаџира национален бренд, ем двапати европски шампион. И покрај грешките на управувачите, лани им се посреќи на упорност и инает на играчите да станат шампиони. И, потоа да останат без половина тим. И наместо тоа да им биде „за памет“, годинава на стара слава да земат „две во една“, повторувачите повторно си ги запоставија обврските и долговите. Во Вардар пак нема пари, пак доцнат плати, пак си одат играчи и во неизвесност се чека јуни.

Ви текнува, веќе се запрашавме кој го убива шампионот. А, потоа кај „црвено-црните“ почна една бурна седмица. Додека се редеа поразите, се почесто „се шушкаше“ за платите, па потоа и за состаноци, преговори и договори. Нормално, сето тоа проследено со јавен молк од клубот.

И потоа Дисингер како лани Канељас, ја подотвори „пандорината кутија“. Германецот на германските медиуми им се пожали дека во Скопје се преживува со 300 евра, ама не се игра ракомет во ЛШ.

Кога видоа „колку е саат“, со неколку плати во минус, се спакуваа и заминаа Криштопанс и Атман, решени крајот на сезоната сепак, да го дочекаат на некое финансиски, посигурно место, во Германија и во Русија.

Кога веќе светна алармот кај шампионот, истиот ден и од Шпанија стигна вест дека и Гедбан се договорил со Адемар.

Велат, ни тоа не е се, ама по првиот бран, се потсмири малку ситуацијата.

И Алушовски најави дека веќе никој нема да си оди од Вардар, барем до крај на сезоната. И, не само тоа, туку некој и ќе дојде да го засили „црвено-црниот“ табор. Многумина се запрашаа – па како во ваква ситуација?! Претпоставувам, со верба и со некоја гаранција од некого.

Некој, сепак, нема да дозволи да го убијат шампионот! Некој го спасува Вардар и ја чува традицијата на македонскиот бренд. Не само онаа што почна пред седум години, туку онаа децениската што стои како потсетник на вардаровиот грб.

2.Поголеми од проблемите

Вардар и во кризата успеа да победи и да исплива до осминафинале во Лигата на шампионите. Тоа е онаа убавата вест на крајот од неубавата седмица. И без плати, и без заминатите и без повредените, Стевче Алушовски успеа да го мобилизира тоа што остана од тимот и мирно да го „исклучи“ Мотор со 10 гола разлика. Можеби украинскиот тим исто така потонат во проблеми, не е вистинско мерило и некој голем репер за можностите и за силата, но оваа прва победа по серијата од пет порази во ЛШ, за Вардар дефинитивно, доаѓа како мелем на рана. Впрочем, секогаш стои и тоа дека и Мотор можел да се издигне над проблемите, но не успеал. А, Вардар го направи тоа.

Во изјавата на левиот бек на Мотор, инаку, поранешен вардарец, Стеван Вујовиќ, е токму тоа што и дава вистинска тежина на оваа победа на Вардар во Лигата на шампионите.

„Тие на сите ни покажаа како се бори кога е многу тешко. Тие и нам ни покажаа како треба да се однесуваме во ваква ситуација. Ова е лекција што треба да се научи…“

За разлика од онаа „црната“ лекција од погоре како не треба, ова е „цревната“ лекција од играчите и од тренерот како треба да се почитува дресот, тимот, публиката, па ако сакате и сопствената иднина.

Постарите играчи во Вардар ја знаат оваа лекција отпорано, новите успешно ја совладаа. Стевче Алушовски, пак, успешно го положи можеби и најтешкиот тест во неговата тренерска кариера. Без алиби кого се нема, извлече максимум од тоа што го има и запиша победа во ЛШ. И тоа со девет одбрани на Кизиќ и со првите погодоци во ЛШ на Кукуловски и Карапалевски, меѓу другото.

А, замислете, „ел команданте“ во истото коло не успеа да го спаси ПСЖ од пораз од ПИК, со Хансен и со Сагосен во полна сила и со плата на сметка!

Не успеа ни Загреб, со Вујо на трибини и со Кинези на терен, како нов хрватски експеримент со финансиски ефект.

Како наближува крајот разни чуда се случуваат во ракометната ЛШ. Ништо не е готово додека не заврши, тоа дефинитивно.

3. Битола се загреа на -3, ама…

Да биде иронијата поголема, Алушовски го извади Вардар од „црна дупка“, а токму таа го „сопна“ во Битола. Тренерот замина, ама дупката изгледа си остана во играта на битолчани.

Еурофарм Пелистер не успеа да го мине Нексе за прво четвртфинале во дебитантската сезона во СЕХА лигата. Не помогна ни Жељко Бабиќ на клупата, ни вратените навивачи, ни жешката атмосфера-како-некогаш во ракометна Битола, за да се стопат оние -3 од Нашице.

Битолскиот тим имаше активен резултат, до таму некаде, на средината на второто полувреме. Потоа „црната дупка“ ја проголта шансата за продолжен престој во СЕХА и за прва регионална пресметка на Еурофарм Пелистер со Вардар.

На Бабиќ и на „фармацевтите“ сега им останува само уште третиот фронт во суперлигашкиот плеј-оф, а на управата на битолскиот тим да ја провери лекцијата за „црната дупка“. Дали се создава на клупата, на терен или можеби проблемот е во соблекувалната…

Еден куп лекции за учење.