СЕДМЕРЕЦ: Клуб репрезентација – процес или проект?

Позитивното искуство од минатото во ново пакување.

1.Кој после Металург?

Каде ќе продолжи Мартин Серафимов? Изборот на младиот репрезентативен бек кој, според најавите, на крајот од сезоната го напушта матичниот Металург, деновиве некако спонтано се наметна како патоказ на каде ќе се движи и македонската репрезентативна база. Посебно ако единствениот репрезентативец од Металург на последниот потесен репрезентативен список, одлучи да остане во некој од македонските клубови.

Кој домашен клуб после Металург во кој сезонава во голем дел имаше и лидерска улога, ќе биде чекор напред во развојот и напредокот на најперспективниот македонски репрезентативец од новата милениумска генерација? По рејтингот и загарантираните европски настапи логично, тоа би биле Вардар или Еурофарм Пелистер. Во Вардар би бил резерва на Едуардо Гурбиндо кој летово доаѓа како капитално засилување во „црвено-црниот“ табор, во Еурофарм Пелистер пак, во најдобар случај, би делел минутажа со хрватскиот пулен Матео Мараш. Посилна конкуренција – поголемо искуство, помала минутажа…На секој плус, по некој минус.

Не е исклучена ни трета опција во форма на – клуб репрезентација. Официјално непотврдена, но во последно време ракометно актуелна тема. Во машкиот ракомет се уште како тест-визија, засилено присутна со презентирањето на проектот Б репрезентација, во женскиот неколку пати и официјално ставена на маса како предлог-проект.

2.Одбиени два предлози, трет во најава

Темата клуб-репрезентација официјално, прво беше отворена од поранешниот селектор на македонската женска репрезентација, Симе Симовски, тогаш и како тренер во ЖРК Вардар. Симовски до УО на РФМ тогаш достави предлог за формирање на клуб-репрезентација, но идејата не доби зелено светло за реализација. Потоа имало слична иницијатива и од сега новиот шампион ЖРК Куманово, официјално обелоденета од претседателот на клубот, Бобан Пеовски.

„На таа тема зборувавме со РФМ, баравме поддршка, се понудивме и да ги собереме играчите на наша сметка и да функционираме на некој начин како клуб-репрезентација, не бевме разбрани со таа идеја, од кои причини не знам, но желба ни беше со една таква екипа да играме во ЛШ…“, обелодени неодамна првиот човек на ЖРК Куманово.

Иако ситуацијата во женскиот ракомет со години е специфично критична, ваквите идеи за клуб-репрезентација досега не поминаа.

Дали пак би поминала некоја слична модифицирана варијанта во машка конкуренција? Иако нема конкретна најава, од искуство, во Македонија ракометните шпекулации ретко кога се без основа. И, тука веќе почнува редење на коцките…

Кој од клубовите во машка конкуренција би бил погодна средина, а воедно и би бил заинтересиран за некој ваков евентуален проект? И, кој според заложбата и актуелниот ростер е моментно најголема репрезентативна база?

Некогаш Металург беше неприкосновен на тој план со најмногу македонски репрезентативци во првиот тим и со најголема и најпродуктивна репрезентативна база во помладите категории. Но, во последните години сликата се смени. На последниот потесен список на македонската репрезентација за завршните натпревари од квалификациите за ЕП 2022, Металург имаше само еден репрезентативец – Мартин Серафимов. На поширокиот „домашен“ список за претстојните пријателски натпревари со Србија, од Автокоманда има тројца репрезентативци, двајца од нив на заминување (Серафимов и Ѓорѓевски) и плус Милан Лазаревски.

Пелистерци со двата тима во последните акции се најбројни во националниот тим со 4+3 резерви на главниот и со вкупно 8 репрезентативци (4 од „единицата“, 4 од „двојката“) на поширокиот список.

Вардар е стандарден со 4-5 репрезентативци и во едниот и во другиот избор. А, по селекторската смена, евидентен е пробивот на најмладиот клуб на суперлигашката сцена, Голден АРТ КЛ7 од каде на последниот поширок „Б“ список доаѓаат 6 репрезентативци, безмалку колку што имаат Вардар и Металург заедно (4+3).

Нова визија, смена на генерација, промени во клупската политика, нови амбиции, цели и резултати, промени и турбуленции…сè си има одредено влијание.

Нормално, повик во репрезентација добиваат најдобрите, најквалитетните и најподготвените играчи без разлика кој во кој клуб игра. Ако се стави во некој втор план рангот и бројот на натпревари и ако се земе предвид фактот дека од сезона во сезона изборот се стеснува и од еден до друг преоден рок се прелева, овие бројки и не се некоја фиксна категорија. Но, со евентуално креирање на клуб-репрезентација, тоа значително се менува.

3.Старото искуство во ново пакување

Покрај индивидуалните квалитети и стандардот на интернационалците, во основа, репрезентацијата во голем дел зависи од работата на клубовите. Национална стратегија и добра координација на релација клубови-репрезентација-федерација е оној идеал што го посакува секој стручен штаб. Клуб во кој се концентрирани најголем број репрезентативци во многу ги пооедноставува работите. Впрочем, позитивното искуство од минатото тоа најдобро го потврдува. Женската репрезентација на Македонија најголемите успеси ги постигна во периодот кога базата беше Кометал Ѓорче Петров. И најголемиот подем на македонската машка репрезентација е поврзан со периодот кога најголем дел од репрезентативците настапуваа заедно во дресот на Металург.

Може ли врз основа на старото позитивно искуство да се креира нова стратегија?

Во некој дел – да, во некој дел – тешко.

Во, принцип, има една суштинска разлика меѓу успешните примери од минатото и предлог-идеите што доаѓаат сега како ново пакување на старото искуство.

Тоа во минатото беше процес. Ова сега е проект.

И во Кометал и во Металург прво се градеше клупската база на која постепено се надогради репрезентативната и во целиот тој процес на крај добивме успешна целина. Новите предлог-проекти и презентирани или идеи во подготовка, пак се во обратна насока – од готов производ да се извади база.

Што е добро, а што е главната фалинка за реализација на овие клуб-репрезентативни проекти?

Добрата работа е што репрезентативците би добиле соодветни услови и контролиран тренажен процес во координација со техничко-тактичките репрезентативни подготовки. Така би се добиле поголем број подеднакво подготвени играчи и на репрезентативните подготовки и настапи би се избегнало трошење време на услогласување и елементарни корекции.

Лоша работа е што вештачко создавање на клуб-репрезентација од старт ги става во привилегирана позиција и клубот и играчите што би биле дел од проектот во однос на другите потенцијални репрезентативци што би одбрале да играат во друг клуб. „Ако играш таму, полесно ќе станеш репрезентативка или репрезентативец, ако не, ти си знаеш…“.

Колку и да изгледа како некој спас во неизгледна ситуација посебно во женскиот ракомет, сепак, е далеку од спортски и уште подалеку од фер-плеј.

„Проектот“ би ги ставил во подредена позиција останатите клубови, па и во ситуација кога освен декларативната заложба „да, сите ние ќе работиме за доброто на македонската репрезентација…“, во практика баш и да не им е приоритет да вадат и да градат репрезентативци. Во таква ситуација очекувано е да земе уште поголем замав тенденцијата носители на играта да бидат странски засилувања, а домашните да седат на клупа за пополнување на задолжителната квота. И мерката за намалување на бројот на странци со задолжителните услови и квоти да падне во вода.

Што е друго решение во ваква ситуација?

Со сите наши фалинки, една национална стратегија базирана на стабилен систем со повеќе силни клубови и здрава конкуренција во секој случај би била многу поефектна варијанта и за македонскиот ракомет и за репрезентациите од било кои времени проекти со привилегии и протекции.

Но, да видиме што ќе донесе новото лето на македонската ракометна сцена, на која  неделава се водат главните битки за излез и за опстанок.