СЕДМЕРЕЦ: Кире капитенот, Кире селекторот

Најдобриот македонски ракометар во нова улога.

1.Македонија како прва опција

„Македонија никогаш не сум ја одбил, така е и овој пат“, со овие зборови Кире Лазаров ја почнува новата селекторска ера во македонската репрезентација уште пред да стави крај на онаа другата, играчко-капитенската. Сите што се во и околу ракометот многу добро знаат колку има вистина и тежина во оваа реченица, кажана од оној што во изминативе две децении не случајно во светот е синоним и прва асоцијација за македонската репрезентација.

Затоа, безмалку сите го знаевме исходот, само се чекаше денот кога капитенот ќе стане селектор на Македонија. И затоа на оваа 27 селекторска смена на македонската клупа беше невообичаено мирно. Затоа што одамна знаеме дека топката кај капитенот е најсигурна опција. И затоа што Македонија за Лазаров секогаш била прва опција.

Играл и кога со репрезентацијата уриваше голгетерски рекорди и кога националниот дрес носеше слава и престиж, но играл и кога сме тонеле двоцифрено, па и во некои моменти кога се обидувале да го „отпишат“ или да го „надвишат“. Се бореше и не се откажуваше. Понекогаш добиваше и „жолти“ и „црвени“, понекогаш и тој „удираше“ и „се лакташе“, ама на крај на денот и тоа е дел од играта.

2.Жртва, верба и доверба

Кире Лазаров играше за Македонија и кога му се роди ќерката, знаеше дека и е потребен на репрезентацијата и го жртвуваше моментот. Постигна 14 гола против Португалија, па замина да ја види Лана. Секогаш кога му се лутиме за нешто на капитенот, ми текнува на тој 17 јануари 2008.

Децата веќе му се тинејџери, а Кире Лазаров ги пропуштил сите нивните родендени затоа што се во јануари кога тој и е потребен на Македонија! Сме ја ценеле ли таа жртва и посветеност или само сме ги броеле головите и промашувањата во јануарската ракометна треска?

На СП во Хрватска кога македонскиот капитен стана најдобар стрелец во историјата на ракометните мундијали, хрватските новинари го прашаа Лазаров дали би играл за Хрватска со која сигурно би имал и медали, наместо за Македонија со која тешко дека некогаш ќе стигне до подиум. А, Лазаров им одговори:
„Каква е таква е, Македонија е мојата земја. Можеби никогаш нема да освојам медал, ама таа секогаш ќе биде мојот единствен избор!“

И така остана и до ден денеска.

И токму затоа онаа прва изјава на Лазаров како селектор, денес има посебна тежина. И токму затоа, денес ретко кој има забелешка за одлуката на РФМ и на доследноста во определбата македонската репрезентација да продолжи напред на домашен погон и клупата да му се довери на капитенот. Во транзит период да се почека Мастер лиценцата и со договор 1+4 да се завери новата ера во македонскиот ракомет. Како награда за минатото и влог во иднината.

3.Примарно и секундарно

Дали за најдобриот македонски ракометар, селекторувањето доаѓа пребрзо? Можеби.

Дали имало други помирни опции за Кире Лазаров од играч да стане тренер? Сигурно.

Дали довербата е оправдана и заслужена?

Тука нема збор.

Лазаров изрази подготвеност да одговори на предизвикот, дури и во една необична ситуација кога на Кире селекторот сè уште ќе му биде неопходна помош од Кире капитенот! Или, „во превод“ ќе мора да се мобилизираат сите сили за да се надмине мундијалскиот шок од Египет и да се истуркаат претстојните квалификации за Македонија да обезбеди пласман на ЕП 2022 и да остане во континуитет. Тоа засега е примарната цел.

Секундарната е во од, да се конституира базата и новите генерации под палка на Лазаров да се издигнат над просечноста. Лидерот во националниот тим е идеален пример како се постигнува тоа. Авторитет на клупата на македонската репрезентација сега и треба повеќе од било кога. На играчите останува да излезат од сите разно-разни блокади, да „купуваат“ од искуството и да ја зграбат шансата.

Тука, во некоја национална стратегија “за доброто на македонскиот ракомет“, дел од одговорноста сносат и клубовите, да ја негуваат базата и домашната перспектива. Токму затоа, двојно вреди секоја минута на терен и секој гол на Костески и на Кукулоски во настапите на Еурофарм Пелистер. Уште повеќе пофалби заслужува храбриот потег на Металург и десеткуван да не ги откажува европските натпревари и хендикепот да го претвори во шанса Серафимов да се носи со товар на лидер, а уште помладите Петковски и Брестовац да созреваат на голема сцена.

Да се изгради здрава конкуренција е прва и основна работа и во клупската и во репрезентативната база, наместо „нема со кого“, „нема кој“, „тие се“, „толку се“, „малку сме“…

Лазаров капитенот го знае тоа, а на Лазаров селекторот во новата ера му останува да ја смени оваа поразителна матрица и да ја врати старата енергија во националниот тим и вербата што во минатото и невозможното го правеше реално. Доследност, системска работа и правилен избор на тимот ќе биде првиот тест за капитенот во новата селекторска улога. Тука веќе нема простор ни за компромиси, ни за услуги, ни за отстапки, уште помалку за изговори. Секоја грешка и погрешен потег го начнува кредибилитетот и се рефлектира на резултатот.

А тогаш, селекторот прв е на удар. Па нека се викал тој и Богдан Вента,  Веселин Вујовиќ, Талант Душебаев, Љубомир Врањеш…или Кирил Лазаров!