СЕДМЕРЕЦ: За ракомет треба и „cojones“

Јубилејна 5-ка за ЖРК Металург, јубилејна 15-ка за РК Вардар во Купот на Македонија

1.Дејвис vs Бабиќ

Не е многу „дамски“ ќе ми простите, ама за ракомет дефинитивно, треба „cojones“!  И за да го играш и за да го водиш. Ни покажа Вардар уште еднаш на дело, освојувајќи ја јубилејната 15-та титула во Купот на Македонија во уште едно драматично финале.

Филип Талески, онака „ѕидарски“ со проектил ја „бетонира“ победата на Вардар против Еурофарм Пелистер за нова титула и заслужено ги собра двете индивидуални признанија – МВП и прв стрелец.

А, харизматичниот Давид Дејвис,  на шпанско- македонски симпатично не потсети на оној битен „cojones“ фактор за победа.

Кој, ако не тој! Со сета досетливост и енергија, Дејвис секогаш има „сликовита“ претстава која измамува насмевка и просто „плаче“ за насловна! Од она црвеното Ферари што стана синоним за „добра ракометна понуда“, до „кохонесите“ што се важни за големи победи.

Вардар останува неприкосновен на врвот во македонскиот ракомет. Ако и имаше некоја дилема, викендов на Куп завршницата во Кавадарци и тоа се расчисти.

По големата победа во Битола и, практично обезбедената шампионска титула, Вардар уште еднаш најде лек за Еурофарм Пелистер и го остави битолскитот тим со празни раце и во финалето за титулата во Купот на Македонија.

„Игравме храбро и машки, но на крај ни недостигаше еден гол и едно добро решение…“ – ќе рече Жељко Бабиќ по новиот поразот од Вардар, можеби и уште поболен од оној битолскиот, со едно утешно потсетување како плус на своја сметка, дека Еурофарм Пелистер го освои Супер Купот на стартот од сезоната.

„Верувавме и кога имавме пет гола негатива, морам да кажам дека оваа екипа има „cojones”“ – ќе рече Давид  Дејвис кој, што е за право, имаше „cojones“ на полусезона пак да седне во старото Ферари и да „нагази“ за две титули и со не многу полн резервоар.

Едниот, по многу најави, веќе е на излезна врата, со „врвка на вратот“ што му ја „врзуваат“ пропуштените шанси, неостварените цели и разочарувањето кај битолската публика која разбира ракомет, долго чека титула и тешко простува кога се почесто фали „еден гол и едно добро решение“.

Другиот, се врати на голема врата таму каде што еднаш можеби и неправедно му беше затворена. Не го заборави ни македонскиот јазик, ни тимскиот дух  што го прави Вардар силен и единствен, а ни почитта за публиката и за јавноста.  А, се заедно, на Давид Дејвис широко му отвора нова врата за продолжување на соработката со Вардар и по истекот на првичниот шестмесечен договор.

„Ќе видиме во недела со Михјало…“ – директно и без многу „балкански филмови“, со насмевка одговори Шпанецот, на прашањето што понатаму.

2.Металург како Феникс – ти го палиш, тој се раѓа!

Не е „дамски“, ќе ми простите, ама викендов и ракометарките од Металург и Јулијана Дамчевска и тоа како покажа „cojones“ и по девет години го вратија Куп пехарот во Автокомада со јубилејната 5.титула. И, патем, заслужено ги собраа и сите индивидуални признанија на Куп завршницата во женска конкуренција.

Девојките од Автокоманда супериорно уште во полуфиналето го симнаа од тронот ЖРК Куманово како бранител на титулата и уште посупериорно го добија возобновениот РК Ѓорче Петров во финалната пресметка за титулата.

Металург ти е како Феникс – ти го палиш, тој од пепелот пак се раѓа!

Не знаеш кога, не знаеш каде, ама ете, им успева. По сите кризи и потреси во Автокоманда, кога многумина веќе му го предвидуваат крајот или се токмат за „спасители“ на брендот заедно со храмот, младите девојките во дресот на Металург излегуваат како големи победнички и освојуваат титула!

И заслужуваат честитки за титулата што пак ја враќа славата и надежта во Автокоманда, за играта, за храброста и најмногу за упорноста. И, за истрајноста исто така, конечно пак крунисана со пехар.

ЖРК Металург пред девет години го загуби приматот кога скапиот порект на ЖРК Вардар се појави на сцената. Но, четирикратниот македонски шампион и сега петкратен победник во Купот, успеа да опстои и со многу помалку и во многу поскромни услови. Металург успеа пак да освои титула, а Автокоманда да остане расадник на таленти во кој се уште се „брусат“ ракометни бисери. Највпечатлив доказ е младата супер талентирана Ива Младеновска, новиот бисер што блесна токму во Автокоманда

3.Не се само титулите…

Со 15 години, Ива Младеновска веќе успешно се носи со лидерската улога во ЖРК Металург и како бек шутер често е во позиција да биде фактор на одлука. Ф4 турнирот во Купот на Македонија го заврши со титула и две индивидуални признанија – како најдобар стрелец и МВП на завршните натпревари.

За Ива како и за секој млад спортист, секако важни се и титулата и признанијата. Но, она што е уште поважно е се поголемата сигурност во играта и континуираниот напредокот што го има најмладата македонска сениорска репрезентативка и МВП на ланскиот кадетски ЕХФ шампионат во Литванија.

Машкиот дел од Ф4 Куп викендот во Кавадарци, пак беше во знакот на Филип Талески. Македонскиот репрезентативен бек во дресот на Вардар, од еден од најкритикуваните играчи кој во изминативе две години истрпе се и сешто, последниве месеци стана еден од најфалените, а со оној победнички гол, богами и еден од најомилените за фановите на Вардар.

И за Филип како и за Ива, секако, важни се титулите и признанијата, но многу поважни се напредокот и стабилноста. И на клупско и на репрезентативно ниво и за нив лично, но и за иднината на македонскиот ракомет.

На крај кога се ќе се додаде и одземе, на Ф4 викендот во Кавадарци, и покрај малку подзачадената атмосфера, сепак се издиференцираа и неколку јасни слики за ракометот во Македонија и за „кохонесите“  во спортот на кој ние гордо му ставаме „единица“ напред.