СЕДМЕРЕЦ: Заминува бурната 19-ка, доаѓа „дупла“ 20-ка!

Со ракометарите ни почна, со ракометарите и ни завршува уште една година. Таква е традицијата и ни се допаѓа, посебно на оние трајно или макар и само декемвриско-јануарски посветени на оние нашите 20 х 40. 

Бурната 2019 година ракометно ќе ја паметиме по многу нешта. Имавме и подеми и падови и големи победи и грди порази и еден куп промени и клупски и репрезентативни. 

Кога годината ситно брои, обично, се бројат и најбитните моменти што вака или така оставиле свој белег на годината. Хронолошки по ред во 2019 тоа отприлика одеше вака: 

 Во јануари имавме неочекуван леден бран од Минхен. Елиминацијата во првиот круг на Мундијалот, за Македонија беше тежок чекор назад, а за Раул „ел команданте“ неславен крај на македонската селекторска сага. 

– Во февруари се вративме „на корените“. По три, што успешни што „утнати“, обиди со двајца Хрвати и еден Шпанец, на клупата на најуспешната македонска репрезентација повторно седна домашен селектор, овој пат и со додаток „професионален“ и со полно работно време. Откако претходно чесно се „испековме“ додека селекторите ни селекторуваа од Франција, РФМ реши со Данило Брестовац да сврти нова страница. 

Во март беше релативно мирно и на исток и на запад, во подготовка на пролетната офанзива. 

-Ама затоа април беше прилично бурен. Прво беше „топлиот“ гејзеј од Рејкјавик кога Брестовац во своето селекторско деби го победи Исланд, а Македонија со тие историски 33-34 се врати на победничкиот курс за ЕП 2020.  

Потоа дојде ладниот бран од Вардар и шок-изјавата од рускиот газда дека го напушта македонскиот бренд, ама на крај сепак остана. 

Металург пак, го извлече подебелиот крај во селекторската професионализација, па остана и без тренер и без вицешампионска титула, а после тоа и без СЕХА и без ЛШ. Од сето тоа најдобро профитираше битолски Еурофарм Пелистер, битолчани му го зедоа столчето на Металург на претседателската маса, а потоа и второто место во Супер лигата. 

-Во мај бевме тажни и носталгични по старите добри времиња за женскиот ракометОние од подалечно и овие од поблиско минато. Прв пат по пет години, не крстосувавме по Будимпешта и по „Ласло Пап Арена“, женскиот Ф4 во Лигата на шампионите го гледавме оддалеку и жалевме што ЖРК Вардар го снема од европската мапа, а беше толку блиску до тронот. Не еднаш и два пати, туку пет пати по ред! 

 Во јуни пак, беше ептен жешко. Машкиот Вардар наместо да се растури во кризата, направи дар-мар во Келн, ги „растури“ фаворитите и по втор пат ја освои ЛШ, што беше ново ракометно светско чудо! 

Фино топло беше и репрезентативно откако ракометарите во Струмица и вратија на Грција за есенскиот пораз во Кожани и дефинитивно го „чекираа“ билетот за Виена и настапот на ЕП 2020. Ем подмладени, ем непоразени, ем континуитетот запазен. Подобро здравје! 

Ракометарките исто така го запазија континуитетот. Ама, тие со предзнак „БЕЗ“ настап на големите натпреварувања. Двата бараж порази од Словенија значеа „чао“ Токио, со се помалку надеж и се повеќе сомнеж дека оваа репрезентација може да го направи долгоочекуваниот голем чекор. 

-Во јули дојдоа одморите и трансферите. Одново се „одлеа“ пола Вардар по белиот свет. Приливот беше прилично скромен за актуелен европски шампион со две круни и со пишман-спонзор. 

-Во август во Скопје ја скениравме иднината, светската и нашата на шампионатот У19. По неколку стани-падни настапи, Македонија стигна до осминафинале, но неколку кадети токму на овој шампионат се „испилија“ во сениори. 

Кил „го уби“ Вардар на Супер Глоуб и му го пиша првиот минус на третиот Шпанец на „црвено-црната“ клупа. 

Металурзи пак, уште во август најавија „жешка“ 2020, се расоблече и Дамир Стојановиќ уште неседнат како што треба на клупата. Ама „мистер декември“ потоа не издржа ни до октомври. 

-Во септември почна новата сезона, а веднаш падна и првата тренерска смена во новата голема тројка на македонската ракометна сцена. Металург прв почна, откако Пролет му ја расипа есента на српскиот стратег во Автокоманда. И нешто, подоцна прв си го реши тренерскиот проблем со Зоран Кастратовиќ на клупата. Бурна есен за мирна пролет. Календарот што пропадна, пропадна… 

Септемвриски шампионски, Вардар стартуваше со 3-0 во новата сезона во европската елита. Пак го „лупна“ Монпелје за старт и ги подгреа надежите дека се ќе биде исто како лани… Еурофарм Работник пак ја врати ЛШ во Битола по една и пол деценија, ама на битолскиот тим три пати во првите три меча му се отвораа „црни дупки“ во финишот и остануваше за гол покус од противниците. 

-И во октомври продолжи дебитантскиот малер на битолчани. Ама со „зебрите“ стигна малерот и во Скопје. Филип Јиха со Кил повторно „го уби“ Вардар. За разлика од Супер Глоуб, овој пат во Скопје многу поболно и помачно. Вториот пораз од Кил за неполни три месеци „го отпиша“  и Писонеро од прв тренер на шампионот. 

Во десетиот месец од годината беше и првата ЕХФ недела во која прв пат во последнава деценија видовме како изгледа македонската репрезентација со Кире Лазаров на клупата. Капитенот одмараше, Брестовац пробуваше, младината се докажуваше. Храбро, ризично или неминовно, битно на крај да се покаже исправно. 

-Во ноември Вардар се уште понираше, Писонеро сега асистираше, ама ни спортскиот директор во тренерска улога не успеа да го врати шампионот на стариот колосек. Крцкаво на клупата стана и кај вториот наш претставник во ЛШ, па на крај, по пет минимални и еден катастрофален пораз Еурофарм Работник и Стевче Алушовски спогодбено се разделија. А, некаде во исто време се споија Еурофарм и Пелистер, овој пат официјално парафирано. 

-Во декември веќе се свртеа работите. Алушовски не беше доволно добар за дебитантот, но испадна добар за шампионот. Па Вардар после битолски конзул, сосема извесно ќе добие и битолски тренер. Се менуваат времињата комитски. 

Инаку, во декември, традиционално во Македонија почнува репрезентативната треска и подготовките за јануарскиот похот, овој пат на Виена. Репрезентативците пред ЕП овој пат нема многу да ги видиме оти таква е новата шема, ама пред Виена барем дувнаа топли ветришта од Карпатите. Младината загриза како што сакаше Брестовац, а надежта порасна…па барем до Карпатите! Во првата фаза од подготовките на изборните контролни, Македонија има три победи од четири натпревари и победнички пехар на „Трофеј Карпати“ во Романија, а селекторот проширен ростер и скратен список. За убав финиш на бурната 2019 и надежна најава на новата 2020. 

Нека биде среќна и успешна оваа „дупла“ 20-ка на нашите 20 x 40!