СЕДМЕРЕЦ: Жути, Столе – капа доле!!!

Голема победа, горда Македонија, радост и солзи и достојно репрезентативно збогум за двајцата најголеми борци во македонскиот дрес - Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов

1.„Оган под ѕвездите“ и солзи во очите

Вечер за паметење. „Оган под ѕвездите“ и солзи во очите. Солзи радосници и оние од кои ти се стега душата, занемува гласот, а сепак се слуша зборот, разбран во погледот и во потегот…Победа за Светско и репрезентативно збогум за двајцата големи борци кои милион пати гинеле во црвено-жолтиот дрес. Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов го одиграа својот последен натпревар за македонската репрезентација.

Атмосфера од која застанува здивот и се ежи кожата дури и кај оние најотпорните…

Ова е Македонија – горда, борбена, гласна.

Ова е македонската репрезентација, наша и отсекогаш некако посебна – и кога ни го „крева притисокот“ и кога ни ја крева гордоста до небо.

Ова е македонската репрезентација што со години ја крева на нозе нацијата. И кога стрепи и кога слави и кога трча во „Борис“ и кога мрзне некаде во јануари.

Ќе мрзне „македонската фаланга“ и следниот јануари, некаде во Шведска или во Полска. Ама, ако, за убаво е. Македонија ќе игра на светско! Уште едно во серија. Се наредија вкупно 15 големи натпреварувања, 13 со оваа генерација, 12 по ред без прекин…Во ракометот таква низа во последнава деценија имаат само Франција, Данска, Шпанија, Хрватска и МАКЕДОНИЈА. Импресивно! – прочитав некаде утрово во оние европските честитки.

И, повторно трпки под кожата…

2.„Тој влегува со глава, таму каде што друг не стапнува со нога“

Мислиш ќе биде лесно, ама ич не е…Како да ставиш во неколку реда нешто што се пишувало во репрезентативниот дрес 15-20 години?!

Синоќа во Скопје уште еднаш по веќе кој знае кој пат, ја отпишавме Чешка во бараж. И одново токму со победа против Чешка испраќаме некого од златната генерација.

Во 2016, победата против Чешка во баражот за СП 2017 беше проштална за Наумче Мојсовски и за она прво збогување на Филип Миркуловски. И тогаш беше радост и солзи…

Во 2022, победата против Чешка во баражот за СП 2023 е уште еден „врамен дрес со бројот 13“ за Филип Миркуловски, овој пат за дефинитивен крај на репрезентативната кариера. И уште еден „неврамен со бројот 5“ за Стојанче Стоилов.

Две ракометни легенди, секој посебен на свој начин. Различни по темперамент, исти по борбеност и пожртвуваност на терен.

Жути отсекогаш бил тивок и одмерен. Надвор од терен секогаш бил омилен, малку зборувал, но секогаш многу кажувал. На терен пак, секогаш гинел, омилен за публиката и прилично незгоден за противничката одбрана.

„Тој влегува со глава, таму каде што друг не пушта ни нога“ – напиша колешката Соња Алексовска Неделковска на СП во Доха. Токму оваа реченица најдобро го отсликува „стилот на Жути“ и токму затоа и до ден денес, овој опис и најчесто се повторува.

Секогаш бил тука да помогне и да подаде рака. Токму затоа, стискаше заби, бандажираше колена и два пати се враќаше „од пензија“ за да и помогне на Македонија. Дури и кога телото се буни, срцето едноставно, не дава да се одбие кога и треба помош на репрезентацијата. Таков е Жути.

Играше и со товарот на повредите и годините, молчеше и затнуваше дупки кога не одеше баш најдобро на ЕП во Дебрецин во јануари. Три месеци подоцна, со победа и со кренати раце се прости од македонската публика. На рацете на репрезентативците и со ветување од неговите наследници – двајцата нови Филипи во македонската репрезентација, Филип Кузмановски и Филип Талески, дека ќе продолжат таму каде што застана Филип Миркуловски. И ќе го следат неговиот пример.

Како што тргнаа на овие два баражи, убедена сум дека двајцата Филипи до збор ќе го исполнат ветувањето.

Жути ја заслужува таа почит, без разлика каква ќе биде неговата идна улога во или околу репрезентацијата или во федерацијата.

3.„Да не мислев дека можат без мене, немаше да се откажам…“

Ако синоним за Жути низ годините беше „борец“, за Столе дефинитивно е „икона“.

Посебен по својот карактер и темперамент, секогаш миленик на публиката. Со медиумите никогаш не бил во „голема љубов“, но секогаш директен и „без влакно на  јазик“, често вадел „бомба“ наслови со своите изјави. Од онаа „гола вистина“ кажана во нервоза дека „игравме како…“ на олимписките квалификации во Гдањск, до оваа последната до солзи трогателна:

„Да не мислев дека можат без мене, немаше да се откажам. Многу верувам во овие „деца“, златни се…имам огромна доверба во нив. Време е за мене да се повлечам, не сакам да им ги земам минутите. Знам дека за некои работи можеби ќе им требам, ама знам и дека можеби без мене ќе биде подобро за некои работи…“

Повлекување на новиот капитен на репрезентацијата беше ненајавено и за многумина неочекувано, претпоставувам и за оние што ги „врамуваат дресовите“, но не и за групата негови најблиски на трибините со испишана порака за „последниот танц на бројот 5“.

И, така додека дел од медиумите и од јавноста најавуваа историски проштален меч за стариот капитен, испадна да се збогува новиот.

Впрочем, тие што го познаваат малку подобро оној стариот, знаат дека „капетанот“ не заминува туку така. Тој останува последен.

Ќе биде тешко без нив…Но треба да се почитува нивната одлука и да се гледа напред.

Жути, Столе – капа доле!!!

Да, некогаш плачат и селекторите. Посебно кога со тие што заминуваат ги поврзуваат не два дена или две години, туку цели две децении и добро и лошо и победи и порази и радости и солзи. И македонскиот дрес секогаш и над се.

И не само Жути и Столе, не треба никогаш никој да биде заборавен од оние што ја направија македонската репрезентација, она што е денес – мала, а сепак, необично ИМПРЕСИВНА на голема сцена.

И, не е само рамката на дресот, туку нешто многу, многу позначајно.

Се вика почит. Се вика достоинство. Се вика гордост.