СЕДМЕРЕЦ: Ждрепка за „растење“, пораз за „трезнење“

Во очекување на баражот за СП 2023, Македонија доби поволни противници за место на ЕП 2024

1.Голем список, тамам група

Нема ништо и има многу. Така некако помина изминатава ракометна седмица, одбележана со списокот и со ждрепката за идните настапи на машката репрезентација, со пост-дерби европските порази на клупски план за шампионот и за вицешампионот и со  мислата за реваншите.

Еден тренер своевремено стално велеше –„ако замам три голмани во состав, значи на ниеден не му верувам“. Нормално, клуб е едно репрезентација е нешто друго. Поширок список нешто трето…На овој поширокиот список на македонската репрезентација пред баражот со Чешка за некој ден, една третина од вкупните 35 се голмани и пикери – пет од едните, дури седум од другите. Верувам, или сакам да верувам, дека во овој случај повеќе е шанса отколку не-доверба во процес кога „расте“ репрезентацијата и се создава „поширока база“ за иднина. Инаку, реално не ни има потреба од толку широк состав пред бараж-двомеч што се игра во 3-4 дена, кога се знае дека во вакви пласман-дуели во принцип, најчесто се оди „на сигурно“ со најдобрите и ретко се експериментира.

Кој влегол и кој не влегол на списокот на репрезентација, нормално, секогаш била и останува тема за дискусија, посебно кога се игра „широко“. Па така и сега…

Но, како што рече некој по ждрепката, вистинската шанса да „порасне“ репрезентацијата, всушност ќе биде следниот циклус квалификации за ЕП 2024. Ни се погоди ждрепката и групата со Португалија, Турција и Луксембург тамам „за растење“ на подмладената репрезентацијата во тие шест натпревари од октомври до следниот април, уште подобро и со плус мундијал во јануари. Тамам за „филтрирање“ на новата генерација, со реални шанси овој пат сами да се изборат за пласман, да го продолжат континуитетот на големите настапи и конечно мирно да се „пензионираат“ ветераните, без страв од болни резови и децениски дупки.

Со поминат бараж со Чешка, мисијата ќе биде комплетна.

2.Вардарци во понор негатива

Вардар пролетва е како река понорница, малку е горе, па малку го снемува. По оној, кај нас веќе стандарден, позитивен шок што доаѓа по тренерските смени проследен со неколку екстра победи, се враќа старата рутина. На овој горе-долу истиот Вардар му се случи два пати седонава, еднаш есента со Вујо, втор пат пролетва со Дејвис.

Одличното отворање на полусезоната, и пак лоша серија за „црвено-црните“. По домашниот пораз од Еурофарм Пелистер што сериозно ја загрозува одбраната на шампионската титула, за неколку дена Вардар доживеа и втор шок пред својата публика и во осминафиналната пресметка со Веспрем во ЛШ. Реално, Веспрем овој пат во Скопје дојде како изразит фаворит, но исто така реално, никој не очекуваше толку изразита доминација на унгарскиот тим ниту пак толку изразита инфериорност и немоќ на вардарци. Посебно во ситуација кога имаат поддршка од полна сала и го имаат Дејвис на клупата кој и тоа како добро го знае Веспрем.

Со осум гола негатива, шансите на Вардар на реваншот во Унгарија се сведени на теорија и на едно од оние чуда што знаеја да ги направат вардарци на европската сцена. Но, по тоа колку мака видоа „црвено-црните“ на првиот дуел со Веспрем, а и за саботната победа во Битола со Еурофарм Пелистер 2, што би требало да биде рутина, се помалку се оние што веруваат дека во среда може пак да случи едно од чудата.

Но, најверната публика останува со Вардар и кога победува и кога губи, па така ќе биде и во среда во Веспрем. Тимот и резултатите се менуваат, но публиката останува како константа кога се „црвено-црните“ во прашање. Тоа е големината на големите клубови.

3.Пелистерци во „актива“

И ако Вардар „понираше“ по дербито, Еурофарм Пелистер, генерално, профитираше и битолчани сега се во „актива“ и на домашна и на европска сцена. Со Вардар имаат „брејк“ за титула во Супер лигата, со Нексе имаат достижни три гола за четвртфинале во Европската лига.

Пелистерци го загубија првиот меч со Нексе во Хрватска, но во поголем дел беа рамноправни и по тоа како одиграа, па и со „активните“ три гола  разлика, имаат реални шанси утре во Битола да ја анулираат негативата и да влезат во најдобрите осум во завршницата од Европската лига.

И шампионската титула и европското четвртфинале сега ќе се решава во Битола. За битолскиот тим и за битолската публика тоа секако е битна работа.

Битна и за Бабиќ на свој начин да ја заокружи сезоната.

4.Кадетите надежни, ветераните ефикасни

Не е од рангот на ЛШ и ЛЕ, но вредно е да се споменат и некои интересни бројки и факти што ја одбележаа изминатава седмица на македонската ракометна сцена.

Од најмалите до оние највозрасните.

На една страна кадетите се бореа за шампионската титула, на друга, неколку ветерани влезени во четвтртата деценија решетаа двоцифрено во првенствените дуели.

На кадетскиот Ф4 во Охрид, подмладокот на Бутел со голем пресврт го победи Алкалоид и ја освои шампионската титула. Не помалку борбено и неизвесно беше и во полуфиналните дуели и во оној за 3 место. Добар знак дека македонскиот ракомет има база и за во иднина.

Но, и ветераните не се откажуваат така лесно, барем додека ги полнат противничките голови. Од репрезентација па до Прва лига. Некој ќе рече, нема млади и стари, има само добри и не толку добри. А, деновиве дури неколкумина „ја поткрепија“ тезата.

Ивица Илиев како играч и помошник тренер се уште е алфа и омега во нападот на Голден Арт. На дуелот со дуелот со Вардар Неготино запиша „само“ 13 гола!

И плеј-аут дуелот меѓу Јуниор Кисела Вода и Младот, беше своевиден дуел на ветерани. Најефикасни беа токму оние со 35+. Игор Илиевски во популарната двојна улога како играч и тренер со „деветка“ го предводеше Јуниор КБ, а и нападот на Младост исто така се потпра на најискусните – Караиванов постигна 10, а Роглев додаде шест гола.

Во ефикасната ветеранска серија се приклучи и Драгица Митрова која вообичаено двоцифрено ја предводи Гевгелија. Овој пат Митрова беше прв стрелец на Гевгелија со 12 гола кои на крај сепак беа недоволни за победа на гевгеличанки во плеј-аут дуелот со Спартак.

Се си имаме, тамам сме.