СЕДМЕРЕЦ: Европа – цел или мака?!

Три од четирите македонските женски претставници во Европа играа(т) по два пати во гости, два од трите македонски машки претставници не поминаа ни едно коло во Европската лига

1.Како е добро да се види повторно…

Како некогаш во добрите стари времиња, викендов повторно се славеше европска победа и подвиг на ѓорчепетровки. И како некогаш порано Трифун Костовски заедно управата и со Лела Велкова сега како дел од неа, повторно се радуваа за успехот на клубот со големо име за Македонија.

Видеото од прославата на првата европска победа на новиот „Ѓорче Петров“ цели 13 години по оној последен настап на стариот Кометал ЃП во 2009, буди и по малку носталгија по оние златни стари времиња за македонскиот женски ракомет.

И добро е да се види сета таа борба и енергија повторно…како во онаа старата „химна“ на ѓорчепетровки. Па, нека е засега тоа и само еден момент на радост за победа…

Новиот „Ѓорче Петров“ како нов македонски шампион, а од летово и официјално наследник на спортскиот континуитет и титулите од стариот Кометал Ѓорче Петров, со реми и победа на гости во Исланд го елиминира КА Тор и обзбеди пласман во следната рунда во Европскиот куп. Под водство на стариот македонски селектор Симе Симовски, со само 12 играчи на список.

Иако македонскиот женски шампион како и трите други македонски екипи што изборија пласман во европските купови, настапуваат во третото по ранг натпреварување, успешниот старт на ѓорчепетровки е рамен на подвиг. И од неколку причини е значаен, па ако сакате, и сензационален и за клубот и за македонскиот ракомет во времиња кога стрелката се повеќе оди надолу.

2.Домаќини на гости – нема сали, нема пари

Победата на ѓорчепетровки беше оној убавиот момент кој за среќа ги засени оние другите не толку убави работи што од година во година стануваат се поголемо бреме на македонскиот спорт и посебно на ракометот со предзнак на национален „спорт број еден“.

Ѓорчепетровки во Исланд стигнаа по долго патешествие „преку седум мориња“ со автобуси, бродови и авиони. Со  минимум „техничко раководство“ и со само 12 ракометарки во состав. Од технички или од финансиски причини, другите останаа да навиваат во Скопје.

И од минимумот, ѓорчепетровки успеаја да извлечат максимум – да го надиграат и да го елиминираат домаќинот и тоа со убедлива победа. И за тоа заслужуваат и пофалби и честитки.

Во наши услови, кога имаме ваква „чиста ситуација“ за „фино алиби“, настапот и триумфот на ѓорчепетровки е успех и подвиг за едно убаво будење од летаргијата на ракометот без притисок, со многу проекти, а малку резултати.

Она пак, што треба добро да не замисли сите, е ситуацијата кога дури три од четирите македонски претставници во европските купови во женска конкуренција, вклучувајќи го и шампионот „Ѓорче Петров“, и двата натпревари ги играа(т) на теренот на противникот. Нема пари, а нема ни сали, затоа е така, ќе ви речат повеќето.

Па така „Ѓорче Петров“ се стегна на пат за Исланд, ЖРК Куманово реши да биде „домаќин“ на Макаби Рамат на гости во Израел, а ЖРК Чаир наместо во Скопје, да игра два меча со КХФ Истог на Косово. Тука, на стотина километри преку граница, сигурно така излегла подобра математиката…

Од сите четири женски екипи што излегоа во Европа, само ЖРК Металург и покрај кризата, реши со грчки ПАОК реваншот да го игра пред домашна публика и да се надева дека дома полесно ќе ја анулира негативата од Солун.

Во поевтините двојни гостувања, резултатот вообичаено е ставен во втор план, пред пресметките со што помалку трошоци да се поминат европските настапи. И во септември-октомври што побрзо да помине на редот она што во мај-јуни во Македонија се таргетира како голема цел – излез во Европа.

3.Куса европска есен, секоја победа е подвиг!

Ретко кога се случува „вин-вин“ ситуација и подвиг како овој на ѓорчепетровки од двојно гостување да вратат како победници со продолжен престој на европска сцена. Во моментов, искрено не ми ни текнува на друга таква ситуација откако „домаќини во гости“ за нас стана некако честа практика. Вообичаено, долгоочекуваниот „излез во Европа“ завршува брзопотезно со два меча во два дена. Што пак ја отвора дилемата дали излезот во Европа за македонските клубови останува цел или од година во година станува се поголема мака, која како што доаѓаат финансиски се потешки времиња, клубовите ќе се обидуваат да ја избегнат, да ја прескокнат или ако нема каде, што побрзо да ја завршат?!

Впрочем, сезонава европската есен беше куса и за македонските претставници и во европските купови во машка конкуренција. Прво Еурофарм Пелистер 2, а потоа и Бутел излезот во Европа го затворија во два меча со австриска Алпла Хард, во првото и второто квалификациско коло во Европската лига. Иако, тие барем одиграа и по еден меч дома, колку да не е без ич битката за Европа.

По  суспензијата на Вардар од ЛШ и елиминацијата на Еурофарм Пелистер 2 и Бутел од ЛЕ, сега во машките купови  во кои некогаш и Келн беше реалност, сега останува само на Еурофарм Пелистер, со директниот пласман во групната фаза од Европската лига, да го брани рејтингот на македонскиот клупски ракомет во Европа.

И токму затоа ретките европски победи на македонските клубови веќе стануваат подвизи што се слават со голема радост. И се помалку останува верба во сите стратегии и проекти за масовност и популаризација на ракометот кога повеќето клубови едвај врзуваат крај со крај, кога едниот шампион ни е под европска суспензија, а другиот за да „зашпара“ патува „преку седум мориња“, кога два од три завршуваат со два настапи, а три од четири се домаќини во гости.

И хронично, нема пари, а нема ни сали. А, многу веројатно, наскоро ќе нема ни ваучери или во најмала рака, ќе бидат модифицирани, што можеби и не е така лоша идеја, ако се земат предвид некои лоши ваучер-последици и искуства. Можеби тогаш и списоците ќе бидат покуси и лигите потесни и клубовите позадоволни. Ќе видиме…

Промените се во најава, а предлогот-измените веќе во процедура.