СЕДМЕРЕЦ: Девојките напред, другото стоп!

Првиот чекор секогаш е најтежок – го почувствуваат тоа македонските ракометарки на стартот од ЕП 2022 на кое Македонија е еден од трите домаќини заедно со Словенија и со Црна Гора

1.Многу емоции, малку голови

Почна долгоочекуваното и пет години подготвувано Европско првенство за ракометарки – најголемиот настан во женскиот ракомет во Европа годинава и најважен спортски настан во женскиот спорт воопшто на кој Македонија е домаќин односно коорганизатор заедно со Словенија и со Црна Гора. Настан кој носи голема одговорност, бара беспрекорна организација, но и дава голема шанса во повеќе сегменти и на спортски и на организациски план. Знаме ли да ги искористиме?

Највидлив и највпечатлив секако, е спортскиот дел. Женската ракометна репрезентација на Македонија доби шанса да игра на европско првенство по цели десет години пауза во кои се вртеше во квалификациските циклуси и беше далеку од друштвото на најдобрите. Ова учество не е изборено туку е добиено како следување за домаќините на првенството, нешто што го спомена и селекторот во својата анализа по стартниот настап на ЕП. За Македонија конкретно тоа значи нов си и припоен во големото друштво и од старт бележан како аутсајдер. Што не е ниту лесна ниту пак така едноставна позиција за оние што се долу на терен.

Ти доаѓа на памет и она „што сум дигал рака“ на моменти како во оние први 15-16 минути кога Македонија излезе на мегдан со Франција. Не беше „удобно“ во таа прва четвртина ни горе на трибини, а замислете пак како им било на ракометарките долу на терен. Не за повеќето, туку за сите нив од прва до последна, ова е прв настап на сениорско европско првенство, прво големо натпреварување на домашен терен. И, на прва, Франција од другата страна со сите ѕвезди, титули, системи и формации, со искуството на Крумболц со повеќе од две децении селекторски стаж на француската клупа…

Ова не е некое оправдување за поразот која да бидеме реални, и за најголемите оптимисти, беше очекуван, туку повеќе како разбирање за тешките први минути и за стартот на македонската репрезентација на ова Европско првенство со многу емоции, а со малку голови. Првиот чекор секогаш е најтежок, го почувствуваат тоа македонските ракометарки на стартот од ЕП 2022 многу добро.

2.Инмпровизација не поминува на голема сцена

Но, она што остава прашалници уште на стартот е дали шансата што ја дава ова ЕП за македонската жеска репрезентација, ќе биде максимално искористена. Дилемата е отворена од неколку сегменти.

Прво, ме замисли оној дел од изјавата на селекторот Љубомир Савевски по мечот, дека изборот е тој, стеснет на тие 19 ракометарки бидејќи другите од поширокиот избор или се повредени или не се вакцинирани. За шанса што ја чекаме десет години и за првенство за кое репрезентацијата ја токмиме најмалку пет, малку е несфатливо на крај да не може ни саглам да се екипираме и да треба да импровизираме.

Повредите се „виша сила“ не може да се предвидат, но другите фактори се малку дискутабилни, ако сакаме да се претставиме со најдоброто на најголемото натпреварување на кое сме домаќини и да ја искористиме шансата тоа да биде барем отскочна штица за некој континуитет во иднина.

Така дојдовме во ситуација на ЕП да стартуваме со импровизација и да ја напаѓаме Франција со „прекомандувани“ деснаци на десен бек. Тоа тешко би поминало и за некоја искусна репрезентација, а не пак за повратник на сцената. И разбирливо е што никој од никаде не можеше да го погоди противничкиот гол, во таква концепција кога бековската линија ја нема вообичаената ударна сила

Повредата на капитенката Елена Георгиевска е хендикеп за македонската репрезентација, се разбира. Ќе беше многу подруго ако на теренот на својата позиција беше најискусната македонска репрезентативка. Но, повредата на Георгиевска не беше изненадна на ден пред старт па да се снаоѓаме во последен момент, туку уште во септември беше извесно дека Бачко не ќе може да игра на ЕП. Што значи, колку-толку имало време да се бара друга опција наместо да се импровизира со ударните леви бекови на десна страна, и на крај да нема ефикасност ни лево ни десно!

И држи и не држи вода објаснувањето на селекторот дека сака да ги сочува помладите десни бекови. Во случајов тоа се најмладата и најталентирана Ива Младеновска и Јована Кипријановска која пак, и покрај дефициитот на десната бековска позиција, малку повеќе беше изолирана и во подготвителниот период.

Многу млади таленти блеснале токму на ваква шанса. Ако не е поштеда поради повреда, можеби и нашите треба да добијат малку поголема доверба, без разлика кој е на другата страна. Можеби дури и уште помотивирано, ако веќе создаваме репрезентација за иднина.

Се согласувам дека „со натпревари во македонската лига тешко се напредува“,  впрочем голманката Јована Мицевска најдобро ни покажа што значат тренинзи и искуство од силна лига. Факт е дека на македонска лига „се во едно“ одамна и треба реконструкција и дека во просечни клубови и во полуаматерска лига тешко може да се напредува. Но, факт е и дека се повеќе македонски ракометарки напредокот го бараат во некој странски клуб и речиси половина од актуелниот состав се интернационалки. Значи, не е проблемот во играта и во (не)напредокот на играчите само во домашната лига, туку и во индивидуалните заложби, но и во репрезентативниот концепт.

Настапот на ова ЕП ќе биде најдобра слика до каде сме во сите сегменти и колку може да ја пружиме ногата напред.

3.Фломастерот ја расипа шминката

Освен од спортски, европско првенство од највисок ранг на домашен терен, отвора многу шанси и од организациски аспект. Прво и основно како добра промоција на женскиот ракомет и на женскиот спорт воопшто. Шанса да се зголеми или во нашиот случај, да се врати интересот кај публиката, да се зголеми популарност и интересот кај младите девојчиња да почнат или да продолжат да тренираат ракомет. А, со добра стратегија и да се привлечат спонзори  што ќе вложуваат во спортот број еден во Македонија.

Да бидам искрена, и за нас со малку повеќе искуство од европските и од светските ракометни првенства во изминативе две децении, малку е нова ситуација кога ЕП ти е на десет минути од дома. Колку пати само деновиве во скопскиот прес центар се слушна она „таму беше вака, овде е така…“, „да бевме „онаму“, ова ќе беше поинаку…“. Кога си „на страна“ малку со пореално око „ги фаќаш“ и предностите и недостатоците, и тоа што е добро направено и она што може да биде и подобро.

Кај нас  „Борис“ е нашминкана на ЕП, во Подгорица прокисна „Морача“, па и претседателот се качи да спасува. Реков, да видам како е и кај Словенците. Од сите три домаќини, тие сепак, се најгоре. Отворам на сајтот и таму наоѓам листа од 20 амбасадорки – успешни жени во различни области, анимирани и вклучени во промоција на женското Европско ракометно првенство во Словенија. И цела студија со јасно и прецизно назначени организациски цели и методи како сето тоа да се реализира – од организација и промоција на првенството, до промоција на женскиот ракомет и зајакнување на улогата на жените во спортот, еколошка свест, бесплатен превоз и „зелени автобуси“, економично планирање на храната на пијалоците и  предавање на тоа што ќе остане на соодветни социјални организации, општествена одговорност и економска одржливост на овој спортски настан… Неминовно, правам споредба како изгледа во пракса истиот тој настан и искористувањето на можностите, малку по на југ,  во наши услови и на сите оние словенечки еколошки точки ми излегува пред очи тоалетот во скопскиот прес центар. Не баш во многу еколошка состојба со натписот напишан рачно со фломастер!

Ако нас не шокира што сме на се навикнати, замислете како им било на француските новинари кога тргнале да измијат раце!

Си викаш, добро, ај не биди мрчатор, голема работа, се снашле луѓето некако, фломастер латиница-кирилица што е битно, вајлда ќе разберат и Французите кој е женски кој е машки тоалет!

Ама ете, една обична налепница од 50 денари, веднаш ја расипа целата шминка на храмот, што го фалиме со денови како убаво светнал.

Убаво напишале Словенците, „добриот глас далеку се слуша“. Лошиот пак уште подалеку. Настрана резулатите…