СЕДМЕРЕЦ : Да се игра или не, прашање е сега

Кој би бил македонски шампион ако не се доигра првенството - Вардар или... Металург?

1.Поместени термини со многу прашалници

Пандемијата со CIOVID-19 го измести спортот од нормалниот колосек. Нешто е поместено и одложено, нешто е целосно откажано. Што се однесува до ракометот засега е извесно дека во март и во април воопшто ќе нема натпревари. За понатаму, се чека каков ќе биде развојот на настаните и глобалната ситуација со болеста.
Во меѓувреме, има различни одлуки, насоки и размислувања, на меѓународно, на национално, но и на индивидуално ниво.
Европската ракометна федерација формално во интерес на спортот, а многу повеќе во интерес на спонзорите и публиката која пак прашање колку и дали воопшто ќе ја има во ваква ситуација, не се откажува од доигрување на натпреварите. Во физибилити студијата што ја објави ЕХФ, за сите натпревари на клупско и на репрезентативно ниво утврдени се алтернативните термини во летниот период од јуни до септември, дополнето со рокови до кога крајно може да се откаже одигрувањето, зависно од ситуацијата.
Освен неизвесноста поради пандемијата, зад ова „решение“ стојат многу прашалници за кои веќе има и еден куп реакции. Како ќе се доигра актуелната во термини кои веќе се навлегува во новата сезона? Што со завршените договори и со преодниот рок, она од типот за кого ќе игра Сагосен во август, за ПСЖ против Кил или за Кил против ПСЖ?! Ако тоа и се реши некако со некоја „вонредна одлука“, како ќе се решат подготовките на екипите за овие натпревари и воедно, за следната сезона, по неколкумесечната пауза со индивидуални тренинзи по дома?…


И покрај сите прашања за кои засега нема соодветен одговор, и планот кој засега, е повеќе на теорија, претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, појасни дека оваа решение од Виена е „разјаснување на ситуацијата во двонасочна стратегија, што нуди решение и за двете ситуации“ и за „Хамлет“ во ракометна верзија:
„Да се игра или не, прашање е сега?“

2. За едни крај, за други не

За разлика од ЕХФ, дел од националните ракометни федерации, го решија прашањето по брза постапка – завршија со играњето за оваа сезона, ставија крај на шампионатите и формално прогласија шампиони според моменталниот поредок на табелата. Словенија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, Полска…Од голот на ново-стариот полски шампион Кјелце, Андреас Волф и на своите во Германија им порача дека ќе биде најдобро да стават крај. Рајн Некар Левен и без тоа, веќе стана најголемо ракометно жариште на корона вирусот…
Во Белорусија пак, нема прекин. Натпреварите од ракометниот шампионат се играат и покрај глобалната закана од коронавирусот, додуша без публика. Деновиве се одигра и големото дерби во кое Мешков Брест славеше против СКА Минск и е чекор поблиску до одбрана на титулата. Како ништо да не било…


Македонија е во оние на средина, ниту е откажано првенството, ниту пак засега е закажано некое продолжение со алтернативни термини. Следејќи ги препораките од Министерството за здравство и од Светската здравствена организација, РФМ уште на 12 март донесе одлука за прекин на националното првенство во Супер лигата и во Првата машка лига, претходно и во сите младински категории.
Здравјето е пред се, додека се чека расплет на ситуацијата и прва шанса што може, ако може да се доигра. Никому скратено, никому дадено! Оти кај нас многу е заплеткана работата.

3. Арно со време да си го сменевме системот…

Лесно им е на Полјаците да си прогласат шампион, ама оди па реши кој да биде кај нас првакот! Ситуацијата ич не е едноставна во комплицираното првенство во кое регуларниот дел е при крај, ама плеј-офот не е ни почнат, а сехашите Вардар и Еурофарм Пелистер дома, во борба за титулата, уште не ни заиграле.
Пропозициите за натпреварување не предвидуваат ваква ситуација, освен можеби делумно во член 13 во кој пишува дека „Комесарот за натпревари може да одложи или презакаже одредени натпревари или цело коло во следните случаи (поврзано со актуелната ситуација):
-епидемија, само согласно законската регулатива;
-елементарни непогоди, само согласно законската регулатива;
-забрана од страна на Здравствената установа или надлежниот орган на локалната самоуправа за напуштање на населено место;
-виша сила согласно законот за виша сила;
За се’ што не е предвидено и прецизирано со овие Пропозиции, важат одредбите од другите нормативни акти на РФМ, а за измени и дополнувања е надлежен Управниот одбор на РФМ. Тоа е во тој законскиот дел.
Практичниот дел е малку поконфузен и многу понејасен.
Што ќе биде во случај да нема услови летово да се доигра првенството? Може ли да се поништи ова првенство со отприлика 2/3 одиграни натпревари и службено, Вардар пак да биде шампион според ланскиот поредок? Во таква ситуација, што ќе биде со вицешампионот Еурофарм Работник кој практично веќе не постои како таков, односно во меѓувреме се трансфоримира во Еурофарм Пелистер? И, ќе се согласат ли останатите 10 клубови што одиграа по 17 кола (освен Радовиш и Пелистер по 16), да биде пу-пу не важи тоа што тие го играле? Посебно оние од горниот дел на табелата што изборија плеј-оф и што се борат за место во европските купови?
Второто корона-сценарио е да се оди според актуелната табела „замрзната“ во регуларниот дел. Во тој случај, водечки е Металург и тој би бил шампион, а по таа логика, би го добил и единственото место во ЛШ за следната сезона. Охрид би бил вицешампионот, а Пролет и Бутел би ја комплетирале четворката. Вардар и Еурофарм Пелистер тогаш би останале да играат во СЕХА лигата…Нели, заради тоа е и прилагодено домашното првенство и во нивните ставови искажани на годишното Собрание на РФМ, настапот во регионалната би требало да остане приоритетен пред настапот во домашната лига. Но, во ваква форма тоа сигурно не би им одговарало на двата македонски клубови со најголеми буџети, барем засега и досега.
Третата опција е, ако има услови, првенството сепак, да се доигра, во некој збиен летен плеј-оф. За него, според најавите во овие изолирани денови, најголем интерес и подготвеност да излезе на терен во летен плеј-оф, има во битолскиот тим. „Вонредниот ракометниот мониторинг“ пак, тука лоцира одредени амбиции и некои битолски пресметки за атак на шампионската титула, ако летово пак пресушат финансиите во Вардар…Иако, од раководството на шампионот деновиве смирувачки ветија дека во Вардар платите нема да се кратат за разлика од мерките што ги презедоа некои други клубови во Европа.
„Нула секако не се крати!“, им напиша некој во шега.
Такви времиња дојдоа…