СЕДМЕРЕЦ : Година за паметење или година за заборав?

Изминатава 2022 донесе две европски сениорски првенства, но ниедна победа, донесе нов блесок на ЖРК Ѓорче Петров, но и европски мрак за стариот Металург и суспензија за РК Вардар од ЛШ

1.Победите ги паметиме, поразите ги архивираме

Нешто позитивно, нешто негативно, нешто тргна нагоре, нешто отиде надолу, некаде чекор напред, некаде два назад…Имаше од се по нешто на македонската ракометна сцена во изминатите 12 месеци.

Во последниот понеделник од годината ред е да се подвлече линијата и да се фрли поглед назад – што било зацртано и што е остварено, каде „скокнавме“, а каде „се лизнавме“.

Оваа 2022 година во Македонија ќе остане запишана како една од ретките и единствена во последните десет, со настап на репрезентациите на двете европски сениорски првенства, и во машка и во женска конкуренција. Нешто што во Македонија го има само ракометот од сите екипни спортови.

И тука е првиот плус за ракометната 2022.

Минусот е што во двата настапи имавме вкупно шест порази, по три на двете страни, ниедна победа и најслаб пласман досега. Ракометарите на ЕП 2022 во Унгарија завршија на 22.место, ракометарките на ЕП 2022 на домашен терен во тројната организација беа на последното 16.место.

Првенствата ги паметиме, поразите ги архивираме.

Вообичаено, ракометната година во Македонија почнува и завршува со машката репрезентација, со настапот на европско или на светско во јануари и со собир за наредното во декември. Така е со години, така беше и годинава. Го зачувавме континуитетот, а тоа во македонскиот репрезентативен ракомет низ годините стана суштинска цел, приоритет, да се биде или не…Навидум или реално, но некогаш баражите и квалификациите стануваат поважни од првенството за кое се квалификуваме! Се мобилизираме за да се пласираме. После за ЕП или СП е полесно, може дури и да се подмладуваме и да експериментираме.

Инаку, од година во година некако станува се потежок патот на континуитетот. Годинава на пример, она 22.место на ЕП 2022 и трите порази во Дебрецин, Македонија ја вратија на нивото од пред 10 години и ја „спуштија“ на предбараж за бараж за СП 2023. Романија и Чави Пасквал, а потоа и стариот познаник Чешка, беа посебен предизвик за македонската репрезентација и за Кире Лазаров како селектор. Воедно, и дефинитивно последни за Жути и за Столе, едни од последните борци на теренот од генерацијата што ги одбележа изминатите две декади.

Македонија ги помина баражите. Селекторот Лазаров можеше да здивне. По втор пат како селектор го спаси континуитетот.

Пласманот го паметиме, ЕП и патот до СП ги архивираме.

Македонската женска репрезентација на ЕП 2022 се врати по точно десет години пауза, но на европската сцена овој пат стигна по полесниот пат – не со изборено, туку со подарено учество на ЕП бидејќи Македонија беше коорганизатор на првенството заедно со Словенија и со Црна Гора. Европскиот настап што се подготвуваше како проект неколку години, за македонската репрезентација заврши за неколку дена, со три порази и брза елиминација по првата фаза. Македонската репрезентација можеби не разочара, но не се ни надмина себе си за да ја зграби малку посилно шансата. Публиката и јавноста, искрено, не знаеа ни што да очекуваат по оние десет години пауза. Можеби малку повеќе борба и „поспремна“ тактика, а помалку импровизација и „ветар во магла“.

Минус се поразите и пропуштените шанси, плус е што со ова ЕП се разбуди интересот за женскиот ракомет и оној „шешир“ погоре за следниот циклус со можност да се фати континуитетот.

Враќањето на сцена го паметиме, поразите и пропустите ги архивираме.

2.Ракометно лето, акција „Варна“

Уште четири поважни репрезентативни настапи го одбележаа работно летото 2022, со неколку моменти што вреди да се издвојат.

-Медитеранските игри за едни обврска што се обидоа да ја избегнат и да фатат од одморот по завршувањето на клупската сезона, за други шанса да се наметнат. За селекторите пак, задача нешто да искомбинираат и да го „прошират ростерот“. Ракометарите и со комбиниран состав дојдоа на чекор до медитеранска бронза, ракометарките завршија седми со една победа. И едните и другите поискусни за едно големо турнирско натпреварување.

-Младинците што всушност беа кадети, завршија петти на ЕХФ шампионатот (У20) во Варна. Искрено, не ја разбрав баш најдобро „жртвата“ на овој шампионат, ниту пак која е поентата да се калкулира со најмладите категории на натпреварување од понизок ранг, па на дел од „поголемите“ да им се ускрати настапот за репрезенатација во нивната возрасна категорија, за да се воиграат помалите…

-Всушност, жртвувањето на младинците потоа беше некако искомпензирано со првото место на кадетите на ЕХФ шампионатот (У18) во Рига за директен пласман на следното младинско ЕП 2024 и кадетско СП 2023, кое кадетите претпоставувам, би требало да го изборат и без воигрувањето со поголемите во Варна. Нејсе! Децата одиграа и чесно си ги заслужија и победите и наградите. Јунак на летото за мене беше „пуленчето“ што израсна во Металург, Александар Петковски, кој единствен од сите машки ги издржа трите настапи и не се пожали – и со сениорската на Медитерански во Алжир и со младинската на ЕХФ шампионат во Бугарија и со кадетската на ЕХФ шампионат во Литванија.

-Женската кадетска репрезентација заврши на 12.место на Светското првенство за кадетки што се одржа во Скопје. Уште едно големо натпреварување на кое Македонија беше домаќин, важно за подигнување на нивото на македонскиот женски ракомет, но и тоа со недоволно искористена шанса и со една прилично грда слика на крај зачинета со „селекторски“ пцовки и клетви.

Нешто паметиме, нешто архивираме.

3.Чекор напред, два назад

На клупски план 2022 година најмногу по добро ќе ја памети ЖРК Ѓорче Петров. Клубот што летово го доби во наследство спортскиот континуитет и титулите од Кометал ЃП, а потоа во колекцијата додаде уште една нова шампионска титула. А, ракометната есен ѓорчепетровки ја зачинија и со подвиг на Исланд, а потоа и со обезбедено осминафинале и ракометна пролет во Европскиот куп. Два чекори напред во однос на долгодишната летаргична позиција на македонските женски клубови.

Но, овде нема чекор напред без два назад! А токму тоа му се случи годинава на македонскиот клупски ракомет во целина. По долги години конечно, добивме женски клуб што останал подолго од две кола во Европа, но, во меѓуврме и загубивме битни два на машката клупска сцена.

Прво Металург доби суспензија од ЕХФ заради заостанати долгови. И тоа не само европска туку и целосно домашна. Тоа на сред сезона значеше крај за клубот од Автокоманда кој не така одамна покрена нова ера во ракометот, беше повеќекратен македонски шампион, два пати четвртфиналист во ЛШ и вистинска репрезентативна база во најуспешните години за македонската репрезентација. Стариот Металург не го издржа последниот удар. Го загуби местото во европските купови, суперлигашкиот статус, речиси целиот тим и на крај и домот во Автокоманда. Од целата база остана само Металург РА да живурка.

Неколку месеци потоа стигна уште еден удар за ракометот во Македонија. ЕХФ го суспендира и Вардар од настапот во Лигата на шампионите. Причина или повод беа стари долгови, неиспочитувани рокови, стари и новио гарнитури… По малку нејасно, но за двојниот шампион и тоа како ригорозно. Вардар остана без европски настапи сезонава, а Македонија од некогаш со два успешни, сезонава за прв пат остана без ниеден претставник во Лигата на шампионите.

И севкупно, во европските купови во машка конкуренција, така остана само Еурофарм Пелистер да ја брани честа во Европската лига. Уплав да те фати да не им најдат и на битолчани некоја причина да ги тргнат, оти Драгорот не течел како што треба, на пример, далеку било…

Можеше ли поинаку да се изменаџира и со време да се интервенира за да се спречи ситуацијата во која се најдоа двата најуспешни македонски клубови во изминатите 10-15 години, а со тоа и македонскиот клупски ракомет во целина? Тешко дека некој може да одговори. Останува можеби, само времето да покаже – кој, што, зошто?!

4.Правдата на виделина

Не е ни клупски ни репрезентативен, но секако е настан кој во 2022 година беше актуелен и на одреден начин остави белег или повеќе лузна врз македонскиот ракомет од една грда сага и доживотна суспензија. Ни позитивен, ни негативен, на крај само поразителен случај за македонскиот спорт број еден.

Со едногласна одлука Арбитражниот Суд на ЕХФ ја укина и прогласи за ништовна пресудата на Дисциплинската комисија на РФМ со која поранешниот генерален секретар Марјан Начевски беше доживотно исклучен од дејност во ракометот.

Во обрзложението, колку што се сеќавам, стоеше дека Арбитражниот суд на ЕХФ утврдил дека процедурата што се водела во РФМ била со недостатоци и поради тоа не може да се смета за валидна.

Маки ја истера правдата на виделина, а потоа целиот случај брзо се стави ад акта.

Непријатна европска „воспитна“ лекција за која овде не милуваат многу да се зборува и да се пишува.

Но, крајот на годината е оној период кога се „претресуваат“ работите, за да се земат само оние добрите во годината што доаѓа.

Со повеќе успеси, среќа и ракомет во Новата 2023.