СЕДМЕРЕЦ: Вујо мајсторски, Борко министерски, Њокаси препородени

Во една навидум обична седмица -Вардар го реши и европскиот вицешампион, Металург го скрши малерот, Алкалоид прв прескокна 50-ка, капитен-селекторот завери и „мастер“...

1.Вардар тече нагоре

Да не го земеше Веспрем драгоцениот шампионски скалп на Барса, Вардар дефинитивно ќе беше сензација на колото во Лигата на шампионите со мајсторската победа против вицешампионот Алборг. Ако дуелот со Мешков Брест беше најава, овој со Алборг беше апсолутна потврда дека Вардар и по сите промени „во коритото“, пак тече нагоре. По три кола, македонскиот шампион е еден од двата непоразени во ЛШ, горе на табелата во групата, пред екипи како Алборг, Кил, Монпелје, Мешков…

А, не така одамна муабетот беше „не е до толку лоша групата за овој Вардар сега, може барем Загреб да го „тепаме“ и можеби некаде да чепнеме уште бод-два…“

Арно, ама на терен работите и овој пат излегоа подбри од очекувањата. Засега Вардар си тера победнички на два фронта – и дома во Супер лигата и европски во ЛШ.

2.Како Вардар го реши европскиот вицешампион

Вујо мајсторски, и претпоставувам со посебен мерак кога е Вардар во прашање, го реди црвено-црниот мозаик, дури и кога недостасува по некое делче. На радост на вардаровата публика која одново прославува со стариот познат рефрен, онака да ечи, што би рекле Њокаси – не може да се чуеме, а не е ни полна салата!

Борко министерски – со недели ќе седи на клупата со оперирано колено, а потоа ќе влезе и кога е најпотребно ќе заврши работа. Како да е најпросто и наједноставно нешто да им „кинеш“ зицери на европските вицешампиони! Онака, стручно, а сепак, лежено со насмевка и со крената тупаница што ги крева на нозе дури и оние што не се од „негова партија“.

Фактор на стабилност, го нарече Вујо во она претсезонско, „милион“ пати цитирано интервју. И, испадна и тука бил во право.

Двојната одбрана на Борко Ристовски заврши како втора најдобра во ТОП 5 одбрани на колото во ЛШ. Прва најдобра во изборот на ЕХФ е онаа на Никола Митрески на голот на Порто. Редок и убав момент за македонскиот ракомет во една навидум обична ракометна седмица.

3.Њокаси на бурек и ајвар – како нови

Њокаси препородени – во Македонија на бурек и ајвар, тераат втора ракометна младост, благодарни на фортуната што непланирано од „металурзи“ станаа вардарци. А, богами, и на „пактот Јане-Автокоманда“.

Французите веќе помирени со Супер лига, на крај завршија во ЛШ, а Оливие по три кола и во идеалниот тим на колото во изборот на ЕХФ. Само за споредба, лани двајцата заедно во цела сезона во евро-куповите имаа вкупно 16 гола, едниот 1 со Бенфика во ЛЕ, другиот 15 со Нант во ЛШ! Во Вардар имаат речиси секој по толку (14/13) само во првите три кола во ЛШ. Уште еден доказ дека на искусните Французи, Македонија дефинитивно, им дојде како позитивна промена, заедно со сите преселби и авантури.

„Ако не ни се случеше Металург, тогаш сигурно немаше да ни се случи ни Вардар…“, ќе речат браќата во саботното интервју. И во тоа има има многу вистина.

4.Сефте победа за Металург, сефте 50-ка за Алкалоид

А, кога е веќе муабетот кај Металург, вреди да се одбележи првата суперлигашка победа на „металурзи“ сезонава, по четирите порази во серија што навестуваа уште поголема криза во Автокоманда.

Во „нормални“ околности дуелот Металург- Струга би бил само еден од многуте во кои фаворитот лесно стигнал до бодовите. И толку. Но, овој пат деулот со Струга беше и тоа како важен за Металург заради сефте победата и прекинот на црната серија. Тамам Металург да се одлепи од друштвото на дното пред дуелот со Вардар.

Во навидум обичната ракометна седмица, падна и првата 50-ка. Сезонава прв над границата стигна токму новакот на сцената – РК Алкалоид, во прволигашката пресметка со Астраион во која на крај разликата беше +30, а головите +50.

Во навидум обичната ракометна седмица, вреди да се одбележи и мастер моментот во тренерската кариера на Кире Лазаров. Селектор-капитенот на македонската репрезентација стана „Мастер тренер“ и ја завери и највисоката тренерска ЕХФ лиценца. И тоа како уште еден раритет со статус на се уште активен играч.

И кога се ќе се собере, па и не е малку за една навидум обична ракометна седмица.

Впрочем, ова е Македонија, и обичен бурек и ајвар чуда прават.