СЕДМЕРЕЦ: Втор пик, нов предизвик

Уште двајца Хрвати „позитивни“ на „црвено-црниот“ дрес

1.Понуда од шампионот не се одбива

Дури и со вирусно затворени граници, македонскиот ракометен пазар остана отворен и актуелен. Или кажано со популарната корона-терминологија, по масовниот прв, почнува вториот трансфер „пик“.

Овој пат главното „жариште“ е во редовите на европскиот шампион. Уште двајца Хрвати се „позитивни“ на „црвено-црниот“ дрес. Од ППД Загреб во Вардар се селат бековите Анте Гаџа и Јосип Векиќ. Сè уште во шок по објавата на капитенот Златко Хорват дека го напушта хрватскиот шампион за Металург, од хрватската престолнина првично реагираа-негираа на веста дека уште двајца „плинари“ се селат во Скопје. Но, на крај сепак, се покажаа точни најавите што со денови се вртеа низ македонскиот медиумски простор.

„Понуда од актуелниот европски шампион е нешто што не се одбива. Среќен сум што ќе се преселам во Македонија…“ – стави точка на дилемата хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа.

Готова работа веќе е и трансферот на десниот бек, Јосип Векиќ со кого се комплетира хрватската десна страна во „црвено-црниот“ состав, од Чупиќ на десно крило до Гаџа на средина.

Навивачите велат, уште Игор Карачиќ да се врати, ќе бидеме тамам. Впрочем, тој и така повеќе е во Македонија отколку во Полска. Во однос на новиот Вардар, Карачиќ е во „ист фолдер“ со Вујо. Со тоа што едниот е врзан со договор во Кјелце, другиот е ослободен од обврските, но и двајцата со години се поврзани со Вардар, навивачите и со старо-новиот претседател. Засега сè уште само шпекулација, без сигурна потврда како во претходните две најави, но никогаш не се знае што се може да се случи ако „удри“ трет „пик“ на македонскиот ракометен пазар.

А, како што поминуваат „пиковите“, така полека се топат и сомнежите за моќта и за влијанието на „новиот субјект“ зад стариот бренд, и во македонски и во европски рамки.

2. Добивката од 3+5

Освен хрватската инвазија, која патем сè уште не е завршена бидејќи според најавите, во Автокоманда наскоро може да пукне уште една трансфер бомба, во вториот „пик“ невообичаено раздвижена е и домашната сцена, од Аеродром до Богданци.

Паралелно со странските засилувања кои овде вообичаено, секогаш имаат поголем одек во јавноста, дури и кога реално и не се толку звучни, речиси сите клубови без исклучок ја обезбедуваат и домашната база. Делумно и разумно според можностите, а во голем дел и заради критериумите на РФМ со правилото 3+5 со ограничениот број на три странци по слободен избор, а другите пет од дозволените осум со репрезентативен квалитет во земјите од Топ 15 според рејтингот на ЕХФ, клубовите се поактивно се свртуваат кон македонскиот потенција. Што во перспектива може и треба да донесе позитивен ефект за македонскиот ракомет во целина.

 

Новото раководство на Вардар уште од старт ја потенцираше стратегијата 50-50 и враќање на фокусот на македонските играчи. Па освен новите ангажмани на репрезентативците Талески, Георгиевски и Јагуриновски, место во првиот тим на Вардар во следната сезона ќе има и за вардаровите „јуниори“ – Стефан Крстевски, Давид Гашовски и Стефан Атансовски.

Домашна тројка од подмладокот во првиот тим прекомандува и Металург. Шанса да направат чекор напред во кариерата како дел од новиот проект во Автокоманда за враќање на старите позиции добија младите ракометари Андреј Митиќ, Дарио Кофиловски и Теодор Тодевски.

Еурофарм Пелистер од Скопје во Битола ги пресели Марио Танкоски и Дејан Кукуловски, а во комплетирањето на Еурофарм Пелистер 2 од младинскиот погон на клубот влегоа Симон Мирчевски, Дејан Југовски, Димитар Бардаковски и Христијан Митревски…

И не е само водечката тројка, сите тимови и суперлигаши и прволигаши се активираа во комплетирањето на тимовите за следната сезона. Посебно мотивирачки и инспиративни деновиве беа насловите како „Младост Богданци ги чува своите деца…“ над вестта дека четворица талентирани младинци – Ристе Пешков, Стојанче Наумов, Ѓорѓе Банцалиски и Саше Михајловиќ, ставија потпис на првите професионални договори и ќе бидат во таборот Мите Стоилов во новиот суперлигашки предизвик.

Или дека „Аеродром го склопува играчкиот мозаик…“ и плејада млади ракометари од ракометните школи за прв пат ќе зачекорат во професионални води.

Дека „Чаир се засилува со три млади ракометарки“ и во короната-паузата живнува и женскиот ракомет.

3. Легендите на дело

Меѓу сите македонски „пикови“, во оваа нова ситуација по коронарно претумбаната сезона, се случува уште еден парадокс – живнува женскиот ракомет низ неколку позитивни сегменти. Нормално, не со тој интензитет како машкиот, но овде и нешто е подобро од ништо, посебно во ситуација кога и ЕХФ го дискриминира женскиот клупски ракомет вреднувајќи го речиси три пати пониско од машкиот според наградните фондови во европските купови.

И додека многу екипи кои доскоро беа фактор на европската сцена сега во беспарица се откажуваат од европските настапи, наше Куманово амбициозно се бори за место во Лигата на шампионите, а Чаир се засилува за своето европско деби во Лигата на Европа!

Така на сред кризата, во моменти кога најмалку се очекува, живнува и женскиот ракомет во Македонија. Можеби сега нема неприкосновени екипи со врвен квалитет како што беше некогаш Кометал ЃП или до пред две години ЖРК Вардар, но има изедначен квалитет, раздвижување во позитивна насока, а од следната сезона во женската Супер лига ќе има и неколку добро познати имиња од шампионските денови.

Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева некогаш беа дел од шампионскиот состав на Кометал ЃП, потоа и двете беа активно вклучени во проектот ЖРК Вардар, а сега се дел од новата сопственичка структура на клубот кој од клупата го води поранешната македонска репрезентативка Драгана Ристова (порано Пецевска).

Во тренерско издание на суперлигашкиот терен се враќа уште едно големо име во македонскиот женски ракомет – Валентина Радуловиќ. Првата македонска ракометарка што има освоено две титули во Лигата на шампионите со данскиот Шлагелсе, сега како тренер ќе го предводи новиот суперлигаш РК Шампион.

Нов позитивен тренд во вистински момент. Мора да тргне на подобро колку и да се тешки времиња.