СЕДМЕРЕЦ: Вардар 576

По точно толку дена, Вардар утре официјално ќе биде симнат од европскиот трон

1.Јубилејно „збогум“ од Келн

Во „дуплата 20-ка“ која целосно го исфрли светот од колосек, ништо не беше како што било досега, па таков е и завршетокот. Ракометното збогум на 2020 ќе биде со јубилејното 10-то издание на Ф4 турнирот во Келн. Од јуни поместен на крајот на декември. За прв пат во историјата крајот на старата сезона ќе биде во средина на новата. За прв пат во новата реалност големиот спектакл ќе биде без публика. За прв пат по три сезони по ред, Вардар не е дел од големата четворка во Келн и утре ќе му го препушти тронот на новиот европски шампион – Барса, Кил, Веспрем или ПСЖ.

„Црвено-црните“ ќе останат запаметени по сензационалниот пат на кој во 2017 година за прв пат го освоија Келн и по уште посензационалното издигнување и враќање на подиумот во 2019. Од тој 2 јуни и втората радост на вардарци поминаа точно 575 дена. Утре, по големото финале, Вардар официјално ќе биде симнат од тронот. Но, ќе остане запишан во историјата како шампион со најдолг стаж на врвот во европската елита на кој „црвено – црните“ беа 82 седмици или точно 576 дена.

Вардар на европскиот подиум ќе го замени тој што во овие два дена ќе го освои спектаклот од милион евра и во јубилејното 10-то издание за последен пат ќе ја подигне „металната рака“. Во оваа 2020 и контроверзниот трофеј наменет за победникот во ЛШ заминува во историјата. Дали тоа ќе биде со рекордна деветта титула за Барса во ЛШ или седма за Кил или пак поранешните вардарови Шпанци, Раул Гонзалес и Давид Дејвис ќе направат уште едно „сефте“ во Келн со ПСЖ или со Веспрем?  Има еден куп интересни бројки и факти што ги поврзуваат најдобрите четири од минатата сезона на нов мегдан во Келн и му даваат дополнителен шмек на овој поместен Фајнал фор.

Дури и во вакво вонредно предновогодишно издание, без вообичаениот гламур и во празна „Ланксес Арена“, Ф4 во Келн е спектакл сам по себе.

На крај и после сите дилеми дали, како, што, зошто…ова сепак ќе биде еден убав ракометен поздрав за збогум на неубавата „дупла 20-ка“.

2. Вардар во 576 дена

Што се однесува пак до најдолговечниот европски шампион, многу вода протече низ Вардар во изминатите 576 дена. Кризата во „црвено-црниот“ табор почна уште пред кризната 2020. Прво финансиска, потоа и резултатска, тренерска, играчка, па на крај или на почеток и административно-сопственичка.

Но, Вардар иако „удавен“ во долгови и проблеми, успеа да исплива од кризата во најкризната можна година. Во коронарната година дефинитивно заврши ерата на Самсоненко, обележана со најголемите успеси, но и со најголемите потреси во историјата на клубот. Со помал буџет, но повторно во помирни води Вардар го врати  стариот претседател Михајло Михајловски. Прекинатата суперлигашка сезона, на „црвено-црните“ и дома им го продолжи шампионскиот мандат и Вардар со нови сили заплива во новата сезона во ЛШ. Судирот на старите навики и новите услови, од време на време, како бранови знаат да го исфрлат од ритам. Но, битно Вардар и по тешките времиња, остана во својот тек.

3. Македонски ракометен феномен

Ако се погледне наназад во непредвидливата година, ќе остане забележан и чудниот македонски ракометен феномен. Во најкризната година, македонските клубови некако успеваа да се одржат на површината, а Македонија повторно стана посакувана ракометна дестинација. Летово беше да не ти се верува, ама ете, се случуваше.

Вардар ги спои Чупиќ и Јотиќ, донесе Полјак на линијата и Французин на голот и врати неколку македонски репрезентативци во „црвено-црниот“ дрес.

Еурофарм Пелистер го седна Бабиќ на клупата, Мандалиниќ стана прва виолина, а Битола хрватска ракометна колонија.

А, потоа, помалку неочекувано во големата игра влезе и Металург и во новиот засилен состав во Автокоманда како капиталец стигна Златко Хорват.

Во кризната година, Македонија удри на уште поголема масовност и ја прошири Супер лигата од 12 на 16. Со по некој прекин од короната и со по некоја главоболка повеќе, се разгоре битката и згуснато – развлечено помина полусезоната. Останува пролетната разврска за новата Супер лига догодина, тогаш стеснета на 10 и засилена со враќање на сехалигашите дома. Барем така беше во најава… Престижот да се игра во регионалната лига, годинава излезе промашување откако шампионот и вицешампионот мака мачеа да останат во натпреаврувачки ритам, чекајќи СЕХА да почне. Па оттаму се пореална е и финалната реализација на најавата.

Вообичаено како и секоја година и „дуплата 20-ка“ почна со машката репрезентација и со јануарската ракометна треска. На крај од големите планови и очекувања остана само симптом – разочарување. И еден куп пропаднати резервации за продолжен престој во Виена. Елиминацијата на Македонија уште по првиот круг на ЕП 2020 како да беше најава за тешка година. И репрезентативно, некако така испадна. Македонија ја почна годината како 15-та на ЕП 2020, ја завршува како прва резерва за СП 2021 во Египет со многу голема веројатност да го загуби континуитетот по десет години редовно учество на големите ракометни натпреварувања. И да тргне од почеток во неизвесност со новата генерација.

****

Ова е последен „Седмерец“ во оваа 2020. На крајот од секоја година кога се сумираат резултатите има и  добри и лоши моменти, победи и порази, денови за паметење и оние за заборав. Но, на крајот од оваа „дупла 20-ка“ што го исфрли светот од колосек прва мисла што паѓа на памет е –

„Оди си!“

Со 2020 го раскинуваме договорот спогодбено со единствен услов – „никогаш да не се повтори“.