СЕДМЕРЕЦ: Вардар напред, другите – стоп!

Некогаш беа четири, сега остана само еден македонски тим во европската елита...

1.Ред желба, ред реалност…

Вардар како сè уште актуелен европски шампион, во следната сезона ќе биде единствен македонски претставник во европската Лига на шампиони. Иако аплицираа, ланските вицешампиони во домашното првенство, Еурофарм Пелистер во машка и Куманово во женска конкуренција, не поминаа во селекцијата на ЕХФ за дополнителните места во елитната конкуренција. Главните критериуми по кои ЕХФ одлучуваше кој ќе влезе во новиот формат во ЛШ беа – сала, ТВ покриеност, публика, резултати од претходните европски настапи, менаџмент… На крај се покажа дека Еурофарм Пелистер и Куманово се далеку од европските стандарди за да влезат во избраните шест, односно седум екипи што добија место во ЛШ, па дури и во резервните две.

И така, Македонија која не така одамна беше единствена со два клуба на двата Ф4 во ЛШ, а Скопје единствен град во Европа со три клуба во ЛШ во иста сезона, сега остана само со Вардар во европската елита.

Реално или нереално?

И Битола и Куманово имаа желби и амбиции да бидат дел од европската елита со едно „ако“ – ако не примат се ќе исполниме, па дури и проблемот со салите. Ако не, здравје, пак ќе се снаоѓаме некако.

Генерално, за македонскиот ракомет добро е кога има желби и амбиции во повеќе центри, уште подобро ако тоа биде надоградено со квалитетни натпреварувања и атрактивни противници што може да повлече и нови вложувања. Секако, добредојдени за спортот во вакви тешки времиња. Нормално, за клубовите не се занемарливи ни новите наградни фондови за европските настапи.

Но, некогаш треба и да отвориме очи пред реалноста.

Едно е сакам, друго е можам. Што е долгорочна стратегија, а што желба за брз напредок, престиж и докажување, обично не со многу долг рок, како што имало многу примери и во блиското и во подалечното минато. Колку македонските клубови од вториот ешалон, вакви какви што се сега, можат да бидат конкурентни во најсилното европско натпреварување?

2.Пјер по кумановски

„Мене оној Пјер, де, Кубертен, ми е нешто многу дволичен. Важно било да учествуваш ама не и да победуваш…“

Ова е од песната „Пјер“ од Владо Јаневски…

Следно доаѓа: „стварно не знам кој ја измисли таа утеха за лузери…“

Се сетив на овие стихови одмерувајќи што е подобро и попаметно – да се мери чергата или да се цели што повисоко по било која цена?

Европските купови, посебно Лигата на шампионите е привилегија и цел кон која генерално, се стремат клубовите. За најбогатите и најсилните е јасно и тука нема дилема. Малку понејасна е ситуацијата со излезот на помалите на големата сцена. Од една страна, секое малку посериозно вложување без исклучок е поврзано со целта – излез на европска сцена. Од друга страна, ако тоа не е некое екстра вложување или ако не е систематски процес во кој се оди со крупни чекори напред, излезот најчесто завршува само со мислата на Кубертен.

Во Македонија и во минатото и сега имало и има и вакви и такви примери. И клубови кои со пласманот обезбедиле, но според (не)можностите го откажале настапот во Европа, како сега актуелниот женски шампион ЖРК Металург, или ЖРК Вардар неколку сезони претходно. И клубови кои излегле, губеле, ама учествувале.

ЖРК Куманово лани беше елиминиран од Славија Прага и го заврши европскиот настап во првото квалификациско коло во ЕХФ купот. Годинава клубот реши да ја искористи шансата и да влезе во ЛШ на местото на ЖРК Металург. Колку кумановскиот клуб ќе беше конкурентен во групната фаза од ЛШ сега може само да претпоставуваме, откако ЕХФ кажа – стоп!

Еурофарм Работник лани дебитираше во ЛШ и по децениска пауза го врати елитниот ракомет во Битола. Одигра 10 натпревари и заврши на последното место во групата Ц со три победи и седум порази. Амбициите беа во следната сезона таму да продолжи новиот проект Еурофарм Пелистер. Во прилог им одеше поништеното првенство и валоризацијата на ланскиот пласман како и поддршката од РФМ со апликација за вајлд-карта за ЛШ.

Но, и тука ЕХФ кажа – стоп!

За ланскиот македонски вицешампион нема место во новиот формат на ЛШ со 16 екипи. Предност пред битолскиот тим добија  ПИК Сегед, Нант, Мешков, Мотор Запорожје, Елверум и Целје, но и Висла Плоцк и Динамо Букурешт во двојката за резерва.

По испаѓањето од конкуренција за ЛШ, втората алтернатива за Еурофарм Пелистер е загарантиран настап во новоформираната Европска лига, најверојатно, директно во групната фаза. Претстојната сезона ќе покаже дали тоа ќе биде подобра опција за битолскиот тим.

Впрочем, и тренерот Жељко Бабиќ меѓуредови, како да типуваше повеќе за ваква опција кога во едно неодамнешно интервју рече вака:

„…по мое скромно мислење во ЛШ треба да играат шампионите на сите земји, а не клубови што освоиле второ или трето место, способни да го платат учеството“.

Јасно и гласно.

3.Оптимизмот на селекторот

Реален или нереален оптимизам со уште едно „ако“ во продолжение имаме и на репрезентативен план. Македонија треба да биде моќна во иднина, најави селекторот Данило Брестовац. Нормално, ако во меѓувреме се поклопат коцките како што треба.

Машката ракометна репрезентација ги доби противниците во квалификациите за ЕП 2022. Иако во последниве години откако фати долгата транзиција, секој квалификациски циклус за Македонија стана „клучен“ и „најбитен“, сепак, овој наредниот испаѓа некако уште побитен. На пат за ЕП 2022 и за запазување на континуитетот во настапите за кој сега се фаќаме како за сламка за спас, стојат Данска, Швајцарија и Финска.

Ни многу лесно, ни непремостливо тешко. Отприлика, таква е првата оценка.

Селекторот е оптимист – „дома ни на Данска не и се даваме…“, „Македонија треба да биде моќна…“.

Оптимизмот на селекторот доаѓа во добар момент да го разбие малку песимизмот по јануарското издание во Виена и лошиот континуитет со две рани елиминации на Македонија на последните две големи натпреварувања, прво на СП, па потоа и на ЕП. Оттаму и влече корен дилемата:

Колку реално, „држи вода“ една ваква моќна најава?

Дали ова е тоа што сака да го слушне јавноста или нешто што ќе може и да го види во блиска иднина?

Селекторот не треба да се сомнева во својот избор и спортски и професионална е да се надева и да очекува позитивен исход. Во спротивно не би требало да биде таму каде што е. Тоа е јасно.

Оптимизмот се базира на искуството и на квалитетот на македонските ракометари, на разумните трансфер потези на дел од репрезентативците за поголема минутажа и позабележителна улога, посебно на оние од новата генерација. Делумно се должи и на новата репрезентативната база во Вардар и на новите позитивни текови во македонскиот ракомет, спротивно на глобалната криза.

Реално во нереална ситуација. Доволно за да ја освоиме Финска, да ја нападнеме Швајцарија. Па и Данска да не и се даваме…