СЕДМЕРЕЦ: Бинго и џек-пот

Еурофарм Пелистер е новиот шампион на Македонија, битолчани цели 18 години ја чекаа титулата

1.Титула во Битола, на Широк Сокак ракометна „матура“

Тоа што беше во најава по дерби победата против Вардар во Битола, сега доби и конечна заверка во Охрид – Еурофарм Пелистер е новиот ракометен шампион на Македонија.

Ова е вкупно 15.шампионска титула за битолскиот тим која ракометна Битола ја чекаше полни 18 години од онаа последната освоена под патронство на Трифун Костовски во 2005. Чекаа битолчани и викендов дочекаа ракометна „матура“ на Широк Сокак и „се запишаа“ во ЛШ за следната сезона.

Со шанса во рака, пелистерци очекувано, овој пат играа на сигурно, победија во Охрид и со првата „меч-топка“ ја обезбедија титулата, па завршниот меч со Тиквеш во Битола ќе биде резултатски само ревија и загревање за големата прослава на новата титула.

Во некоја рака, можеби и како некој „природен процес“ во кој, во изминатите 11-12 години, се развиваше овој ракометен проект кој ја врати Битола на големата ракометна сцена. Од формирањето на РК Еурофарм Работник во 2011 година како „втор битолски“, преку фузијата на Еурофарм Работник и Пелистер во 2019 и платформата за еден силен битолски клуб зад кој ќе стојат и општината и спонзорот со сериозни вложувања со кои клубот стана конкурентен на домашна, но и на европска сцена. Се радуваа битолчани како одново родени и на пласманот во СЕХА и на повтрониот излез во Европа со настапот во Европската лига и на првите европски победи. И се разбуди одново ракометната треска во гардот под Пелистер, малку подзаборавена и заспана во спомените за старите славни денови кога се креваше паркетот и кога и Германците гинеа во Битола.

2.Патот до успехот

Битолскиот тим во новиот проект одеше чекор по чекор, борејќи се за своето место под сонцето, наспроти силната скопска доминација, со неприкосновен Вардар на врвот и Металург тогаш се уште во игра. Го презеде Еурофарм Пелистер прво приматот од Автокоманда, а тогаш богами, и пола тим на Металург, стана вицешампион, доби место во СЕХА и излез во Европа. Како за старт ја освои Струга, па потоа и Супер Купот…па Купот, па пак Супер Купот и чекор по чекор се приближуваше до тронот. Без шампионската сите други титули се споредни колку и да се вредни. Патем, и кризите веќе на големо го разбрануваа Вардар, а Еурофарм Пелистер финансиски на многу постабилна основа, ја чекаше својата шанса и ја дочека. Лани беше блиску, но недоволно за титула. Годинава издржа и го зграби џек-потот!

А, не беше ни за битолчани баш мирна и „глатка“ сезонава. По ланското разочарување кога за малку им се лизна титулата со подготвена бина за прослава на сред Битола, следуваше длабок рез и во стручниот штаб и во тимот. Од хрватскиот свртеа на дански систем, но набрзо се покажа дека и Валтер тешко се снаоѓа во Битола. Непланирано кусата европска сезона само ја забрза работата.

Прекомандата на Александар Јовиќ од „двојката“ во „единицата“ во тандем со Звонко Шундовски како тим менаџер се покажа како добитна комбинација. Впрочем, ниеден странец не може да го знае подобро од нив ни духот на ракометна Битола, ни приликите и неприликите во македонскиот ракомет!

Во финишот на сезоната „картата беше фрлена“ на освојување на шампионската титула. И Еурофарм Пелистер успеа да ја постигне целта и да ја оствари желбата.

Сега кога ќе и се изнарадува на титулата, Битола „запишана“ во ЛШ, ќе треба да го реши и проблемот со „ледената дворана“, за да не дојдат во ситуација да бараат термин во Скопје или пак да ги пречекуваат Барса или ПСЖ во Лерин!

3.Вардар на црвено-црно

Со Вардар никогаш не си начисто. Кога никој не веруваше – станаа европски шампиони. Во криза и без плата  – по втор пат го освоија Келн. Кога сите чекаа да се распадне клубот заглавен во долгови, се врати Михо и го спаси и лани пак беа шампиони. Тешко ги погоди европската суспензија во ЛШ, но за разлика од Металург кој супендиран згасна, Вардар сепак, успеа да се консолидира и безмалку до крај да се бори за одбрана на тронот. Кикснаа против новакот во Автокоманда и на крај тој пораз и ги чинеше и титула. Загубија на дербито во Битола, но севкупно сезонава имаа подобар скор во дуелите со Еурофарм Пелистер.

Кога речиси се веќе беше горе-долу решено, а шансите сведени само на теорија, вардарци беа чудно инфериорни со Тиквеш во Кавадарци и извлекоа само реми.

А, само неколку дена пред тоа во Купот покажаа дека  тимски се се уште посилни од сите, па дури и кога се некомплетни. И, оди после мери што е реално, што е под, а што е над можностите на најголемиот македонски спортски бренд и на актуелниот состав на „црвено-црните“!

Со до крај нејасен статус во Европа, дали старите долгови се целосно подмирени и дали поранешниот европски шампион е ослободен од суспензија, Вардар и вардарци со нова неизвесност го чекаат крајот на оваа , а сигурни и почетокот на новата сезона. Во конечната разврска во суперлигашкиот плеј-оф Вардар може да биде втор и догодина да игра директно во групната фаза од Европската лига. Или во директниот завршен дуел да му ја препушти вицешампионската позиција на РК Алкалоид и како трет да игра квалификации за Европската лига. Или, во најлошто сценарио, Вардар и догодина да остане без европски настап ако суспензијата од ЕХФ не биде укината.

Кај да е, наскоро ќе се знае на каде ќе тече Вардар од следната сезона.

4.„Кец“, „двојка“, тараба

РК Алкалоид е клубот што сезонава направи најголем чекор напред, ако не се рачуна шампионската титула на пелистерци. Впрочем, и клуб што за рекордно брзо време од новак стана фактор во големата тројка на македонската ракометна сцена.

Лани како новоформиран дебитант прошета низ Прва лига и обезбеди пласман во широката Супер лига. Годинава клубот на претседателот предводен од селекторот, како суперлигашки дебитант „на прва“ избори плеј-оф, брзо ги престигна оние од средината на табелата, му ги расипа сметките на Вардар и влезе во водечката тројка, со шанса во последното коло да се бори и за вицешампионската позиција со претходно веќе осигуран пласман во европските купови за следната сезона.

Иако првично, основната определба, барем според најавите, беше тоа да биде репрезентативна база во која ќе се развиваат и напредуваат млади македонски ракометари, брзиот напредок, стабилната финансиска структура и името на Кире Лазаров веќе го лансираат најмладиот македонски клуб како привлечна ракометна дестинација и пошироко од Македонија. Па, веќе почнаа да се вртат и најави, додуша засега се уште без официјална потврда, за потенцијални странски засилувања за следната сезона.

За сефте, Арно Бинго. Искусниот француски ракометар кој своевремено беше пред трансфер во Металург, можеби на крај сепак, ќе заигра во син дрес во Автокоманда. Бинго и џек-пот, оној од рекламата. Наслови колку сакаш!

Уште една друга сличност на стариот, некогаш многу успешен, и на новиот проект во Автокоманда е обезбедување на широка квалитетна база со два тима во највисок ранг. Вториот тим од базата на РК Алкалоид, РК Мулти Есенс супериорно го освои првото место во Првата лига и од следната сезона се приклучува во суперлигашкото друштво.

Во актуелната ситуација, само Еурофарм Пелистер има „кец“ и „двојка“ во Супер лигата, формално како различни субјекти, но суштински сепак, два тима од еден ист клуб. Своевремено по два тима во највисокиот ранг на натпреварување имаа и Вардар (МРК и подоцна Вардар Јуниор) и Металург (Металург Јуниор, подоцна Металург РА). Пред неколку години беше донесена извесна одлука или препорака да нема по два тима од ист клуб во ист ранг заради поголема регуларност без „братски“ дуели. Вардар и Металург тогаш ја испочитуваа препораката и ги преселија „двојките“ во Прва лига,  Еурофарм Пелистер, со некоја клаузула заради платформата, остана со двата тима во Супер лига. А сега му се приклучува и РК Алкалоид со РК Мулти Есенс.

Впочем, правилото веќе го нема во списите. Можеби било за еднократна употреба, а можеби се покажало како штетно и непотребно. За Вардар и за Металург експериментот секако, беше негативен. И едните и другите на крај останаа само со по еден тим. Во Автокоманда згасна Металург, остана само Металург РА во Прва лига. Кај „црвено-црните“ го снема Вардар Јуниор.

Можеби индиректно поради правилото, можеби подиректно поради кризите или од двете заедно. Како и да е, две големи бази во македонскиот ракомет веќе ги нема. Но, на сцената се појавуваат нови актери и драмата продолжува.