СЕДМЕРЕЦ: Балкански работи

Дома си привилегиран да не играш во Супер лига за да играш во СЕХА, во СЕХА си деградиран затоа што не играш дома?!

1.Норвешка доминација, Хрватска сензација, Данска бламажа

Женскиот ракомет ги помести границите во спортот, во новите коронарни услови. Затворени во „бабл“ и во „црвени зони“ во Колдинг и во Хернинг, најдобрите 16 европски репрезентации го одиграа 14. Европско првенство за ракометарки, прво големо спортско натпреварување во ерата на короната. Првенство кое дефинитивно, ќе остане запаметено како необично, но на крај и исклучително возбудливо, спортски неизвесно, а организациски беспрекорно натпреварување. Македонија како што веќе знаете, на ЕП во Данска ја немаше меѓу 16-те на терен, но сепак, ја имаше во финалето со Драган Начевски на почесно место на записничката маса. И тоа секако е вредно да се спомене.

Норвежанките по осми пат се неприкосновени на европскиот трон, но круните на овој шампионат заслужено ги носат хрватските девојки и хрватскиот селектор Ненад Шоштариќ.

Фото © Саша Пахиќ Сабо / kolektiff

Во Данска допатуваа како последни од претходното ЕП, ставени во рангот на аутсајдери и однапред одјавени после првиот круг. Но, Шоштариќ со женската репрезентација на Хрватска успеа да направи нешто слично како чудото на Червар со машката во 2003 година. Тимскиот дух, селекторската истрајност комбинирано со добра тактика и максимална исполнителност и малку балкански инает, на репрезентацијата на Хрватска и донесоа место во завршницата на ЕП, а потоа и победа против домаќинот Данска за „златна бронза“.

Данскиот селектор Јеспер Јенсен, пред мечот за 3.место  ја потцени Хрватска – и погреши. Данска цели 17 минути не можеше да постигне гол против противникот за кој селекторот самоуверено изјави дека нема што посебно да се подготвуваат – и изгуби! Некогашниот дански плејмејкер потоа направи уште една „лоша проценка“ и за поразот го обвини – Балканот и „балканската врска“,  хрватска репрезентација – судијки од Црна Гора – Македонец на челната судиска позиција во ЕХФ. Во Данска било како на Балканот пред 20 години. Лошо алиби, дефинитивно.

Во самоувереноста и во лутината, Данецот очигледно го заборави основното правило – никогаш не го потценувај противникот! Уште помалку, ако тој доаѓа од „брдовитиот Балкан“.

2.СЕХА јубилејна

И додека се привршува во лошата година на заминување, СЕХА конечно стартува. На две недели пред крај на годината, тргна јубилејното 10.издание од регионалната СЕХА лига. Завесата, втор пат по ред, ја кренаа Нексе и Војводина, а Еурофарм Пелистер се изначека, ама конечно еве го чека дуелот со Металопластика.

Топката пак се тркала, но СЕХА од година во година е се подалеку од „балканска бундес лига“. Се повеќе компромис, се помалку квалитет.

Лани „стратешки“ во регионалната лига влегоа Кинезите со Пекинг Универзитет на обука во Загреб. Годинава нема Кинези, ама ќе ги нема и Веспрем и Мешков Брест во главниот дел. Унгарскиот и белорускиот шампион поради ковидот и згуснатиот календар добија привилегирана позиција да се приклучат директно во четвртфиналето. Затоа што тие играат и во домашните првенства во Унгарија и во Белорусија, а другиве како македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, дома се ослободени од обврските за да играат во СЕХА.

Има ли логика ваквата одлука? Дома си привилегиран да не играш во Супер лига за да играш во СЕХА, а во СЕХА си деградиран затоа што не играш дома?!

И не е ли тоа уште едно потценување и занемарување на интересот на домашното првенство кое патем ги делегира екипите во европските купови, пред интересите на регионалното натпреварување кое и понатаму се игра само за престиж и за Ф4 спектакл. А, понекогаш и за „повисоки цели“ како што биле своевремено оние на Макс Струмица, неодамна и јавно оболедонети во интервју на еден поранешен играч на сега веќе згаснатиот струмички тим.

Што добиваат, а што губат македонските клубови со настапот во СЕХА лигата и што добива и што губи македонскиот супелигашки ракомет со ослободување на шампионот и на вицешампионот во интерес на СЕХА?

Дома двата сехалигаши се ставаат во привилегирана позиција во однос на другите 14 и целото првенство е подредено на таа шема, а потоа, во СЕХА тие се во подредена позиција во однос на двете екипи кои не ги напуштија домашните првенства! Во ваква ситуација, веќе и не треба да има ни дискусија ни дилема дали сехалигашите треба да се вратат комплетно во домашната Супер лига. Ако претходното раководство на РФМ вклучено паралелно и во раководните структури на СЕХА, стави приоритет на регионалната пред домашната, веќе е време актуелното раководство на РФМ во третиот мандат, да се осмели, конечно, да ги врати работите на свое место. Како што направија Словенците, како што прават Унгарците и Белорусите…

Овој пат, без одложување!

3.Битолчани пак на пазар во Автокоманда?

Покрај актуелните збиднувања глобално и регионално, изминатава седмица интересно беше и на домашна сцена. Посебно на релација Битола-Автокоманда.

Металург неочекувано загуби бодови во Битола. Не од Еурофарм Пелистер 1, туку од Еурофарм Пелистер 2. Поразот не ја загрозува позицијата на „металурзи“ за пласман во плеј-офот, но сигурно е сериозно предупредување за тимот од Автокоманда за понатаму.

Од тоа што понатаму, сигурно ќе зависи и составот со кој Металург ќе ја финишира сезоната во која влезе со засилен тим и со зголемени амбиции за враќање на старите позиции.

ФОТО: Димитар Петковски Ⓒ 24Ракомет

Неофицијално, потезите во Автокоманда будно се следат и во ривалскиот табор, исто како порано, со отворени понуди за нова голема преселба од Автокоманда во Битола. Ако некогаш Металург  беше тој што ги собираше талентите од Битола, во последниве неколку сезони, Еурофарм Пелистер е тој што „пазари“ во Автокоманда. Прво целна група беа македонските репрезентативци (Кузмановски, Велковски, Маџовски, Танкоски…), но, сега Битола ги сака и странците од Автокоманда и уште посилна хрватска колонија.

Дали е сплет на околности, верба во добриот избор на тимот од Автокоманда или пак е старата тактика – ослаби го ривалот на трансфери, апсолвирана до совршенство во Вујо-Лино ерата на големото дерби, не се знае.

Со балканските работи никогаш не си начисто.