Салиу броеше до 13, сефте за Јехона во плеј-офот

Ракометарите на Јехона ја запишаа првата победа во плеј-оф натпреварувањето од Првата лига откако на свој терен беа подобри од Куманово со 31:27.

Домашната екипа добро го отвори натпреварот и по пет минути игра имаше водство од 3:0. Ракометарите на Куманово посакуваа пресврт, но домаќините рутински и без многу проблеми го одржуваа водството од три до четири разлика до крајот на првото полувреме кое заврши во нивна корист, 16:11.

И второто полувреме помина без многу промени на теренот, иако Куманово неколку пати се доближи на минус два разлика. Сепак, немаше доволно сили за целосен камбек во натпреварот. Тимот на Јехона со головите на Салиу, Илиевски и Живкоски ја запечатија победата.

Најефикасен во составот на Јехона беше Адис Салиу со 13 гола. Во поразената екипа од Куманово, Давид Цветковски исто така постигна 13 гола.