Салата во Дебрецен доби нов лик – Македонија ќе игра во Арената „Феникс“

Натпреварите на Европското првенство во јануари, машката сениорска репрезентација на Македонија ќе ги игра во Дебрецен, а во групата се и селекциите на Данска, Словенија и Црна Гора. Салата во која ќе се играат средбите е реновирана, а церемонијата на отворањето беше направена вчера.

Со реновирањето салата ќе може да прими 6.500 гледачи, а тука ќесе играат само натпреварите од Групата А.

На церемонијата имаше многу пофалби за сработеното при реновирањето.

„Сонувавме нешто големо во 2018 година кога ја поднесовме нашата кандидатура со Словачка за домаќини на Европското првенство. Нашите амбиции дадоа резултат и уште тогаш ми беше јасно дека Дебрецен ќе биде еден од сигурните домаќини на натпреварите“, вели претседателот на Ракометната федерација на Унгарија, Мате Кочиш.

На ова се надоврза и градоначалникот на Дебрецен, Ласло Пап.

„Објектот доби нова слика  визуелни и технички подобрувања што исто така се рефлектира и на неговото ново име бидејќи во иднина салата ќе се нарекува Арена Феникс“, изјави Пап.

Во оваа сала се очекуваат новите успеси за македонскиот машки репрезентативен ракомет во јануари кога ќе биде забележано ново учество на Европските првенства.