Саздовска неизвесна за првиот дуел против Црна Гора

Пред утрешниот натпревар против селекцијата на Црна Гора од ЕХФ Евро Купот во кој учествуваат и третиот домаќин на ЕП 2022, Словенија и актуелниот европски првак Норвешка, селекторот на Македонија, Љубомир Савевски се соочува со мали проблеми околу составот.

Има една неизвесност и за неа останува до последен момент да се види како ќе биде решена.

Ракометарката која настапува на позицијата лево крило, Јована Саздовска има истегнат мускул.

„Имаме мал проблем. Саздовска истегна мускул на тренинг, но секој ден е сè подобра. Сепак, останува до последен момент под прашалник. Доколку не може утре се надевам дека ќе можам да сметам на неа за вториот дуел в недела во Црна Гора“, вели Савевски за 24 Ракомет.

Во составот на Македонија има 21 ракометарка. Од нив девет девојки настапуваат надвор од Македонија, а другите 12 се од домашното првенство. Меѓу нив има и ракометарки кои се дел од кадетската и од младинската репрезентација на Македонија.

Натпреварот утре се игра од 20:15 часот во салата во СЦ „Борис Трајковски“.