Саздовска доби нови колешка: Песоа потпиша за Дунареа, доаѓаат и Куртовиќ, Да Силва, Јакобсен….

Романската екипа Дунареа Браила создава сериозен тим и сосема очекувано е дека следната сезона битката за титулата во романскиот шампионат ќе биде неизвесна до самиот крај.

Најнова аквизиција на тимот од Браила е некогашната вардарка, Маиса Песоа, која потпиша договор на две сезони. Tаа од Вардар замина во рускиот Ростов Дон, но оваа сезона не игра поради повреда на лигаментите. Претходно Песоа играше за Иси Париз, Динамо Волгоград и ЧСМ Букурешт, со кој стана европски шампион.

Во следните денови се очекува промоција и на Самара Да Силва од Крим, Ана Паула родригес од Шамбре, Сабина Јакобсен од ЦСКА Москва и Аманда Куртовиќ од Кастамону. Во романската екипа од лани настапува и македонската репрезентативка Јована Саздовска, која го продолжи договорот на уште две сезони.

Сегашниот тренер на тимот, Невен Хрупец од следната сезона ќе ја преземе екипата на Подравка. Поради тоа, Дунареа Браила реши да го ангажира искусниот стратег од Данска, Мортен Субак како нов тренер за следната сезона.

Конкуренцијата за романската титула во новата сезона ќе биде на високо ниво. Покрај ЧСМ Букурешт и Валчеа кои стандардно се кандидати за првото место, тука ќе бидат и Дунареа Браила, Рапид Букурешт и Глорија Бистрица.