Сагосен нема да игра против Македонија на Мундијалот

Репрезентацијата на Норвешка, која е еден од противниците на Македонија на Светското првенство во 2023 година, ќе настапи без најдобриот член Сандер Сагосен. Неговото отсуство од Мундијалот во Полска и Шведска ќе биде голем удар за норвешката репрезентација.

На Сагосен му е потребна втора операција на скочниот зглоб, а тоа ќе значи отсуство од ракометните терени во следните шест до осум месеци. Искусниот ракометар на Кил пред три месеци заработи повреда на скочниот зглоб во натпреварот против Хамбург и поради тоа не настапи на фајнл-фор турнирот од Лигата на шампионите.

,,Сандер по операцијата се врати дома, а рутинскиот преглед покажа дека положбата на скочниот зглоб не е оптимална. Ќе биде потребна втора операција, во спротивно Сагосен нема да може да игра ракомет. Тој е вистински борец и прави сѐ што може за да оздрави побрзо”, изјави физиотерапевтот на норвешката репрезентација, Харалд Маркусен за „Спорт ТВ2“.

Норвешка на Светското првенство освен со Македонија ќе игра и со незгодните репрезентации на Холандија и Аргентина во рамки од групата Ф. Првите три репрезентации од групата ќе се пласираат во главната рунда на Мундијалот, каде што ќе вкрстат со три селекции од групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и петтопласираната селекција од Африка.

Светското првенство ќе се игра во четири полски града – Краков, Катовице, Гдањск и Плоцк, како и во пет шведски града – Малме, Јончопинг, Гетеборг, Кристијанштад и Стокхолм од 11 до 29 јануари.