Савревски: Настапот на Мундијалот е само мотив плус за уште повеќе да работам на себе

Еден од дебитантите во македонската репрезентација на ова Светско првенство е десниот бек Давид Савревски.

Членот на Вардар беше во составот за дуелите со Холандија и Аргентина, доби мала минутажа, а на натпреварот со Алжир играше подолги и постигна четири погодоци.

„Натпреварот со Алжир го одигравме многу подобро во одбраната за разлика од претходните натпревари. Дадовме се од себе, имавме голема желба да победиме и да го поправиме впечатокот од претходно. Ќе се обидеме да ги добиеме и следните три натпревари“, вели Савревски.

Тој играше за младинските репрезентации, а на ова СП го имаше своето деби во сениорскиот дрес на Македонија на големите натпреварувања.

„Немав специјална подготовка, имав малку трема, но штом влегов на теренот пред сите навивачи, тоа беше инзвонредно чувство. Против Алжир го постигна дебитанскиот погодок и задоволен сум како одиграв. Ова е еден голем мотив тоа што сум тука и што добивам шанса да играм на ваков голем настан. Мотивиран сум да работам уште повеќе и повеќе во иднина“, продолжува Савревски.

По Алжир, следува пресметка против Тунис, исто така квалитетна репрезентација од Африка.

„Тунис е физички силна репрезентација, како и секоја репрезентација што доаѓа од африканскиот континент. Следевме дел од нивните натпревари, ги анализираме и мислам дека одново клучот ќе биде во одбраната. Ќе се потрудиме да го добиеме и овој натпревар“, заврши Савревски.

Македонија против Тунис ќе игра утревечер во „Орлен Арена“ во Плоцк со почеток во 18:00 часот.