Савевски: Фаворити сме во нашата група, но сепак треба да бидеме внимателни

Женската кадетска репрезентација на Македонија ја започна последната фаза на подготовки за настап на Светското кадетско првенство, кое ќе се одржи во нашата држава во периодот од 30 јули до 10 август. Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски за настап на кадетскиот Мундијал ќе има на располагање 20 ракометарки.

Последните подготовки се одвиваат во Маврово, каде што најмногу ќе се работи на физичката спремност на играчите и уиграност на репрезентацијата.

Според селекторот Савевски, голем проблем сѐ уште прават ковид протоколите, кои ќе важат и за време на Светското кадетско првенство во Македонија.

„Во Маврово остануваме 13 дена и ова се последни подготовки пред стартот на Светското кадетско првенство. На располагање имаме 20 ракометарки и во ситуација на строги ковид протоколи, имавме големи проблеми. Од 35 ракометарки, кои беа на поширокиот список за настап на кадетскиот Мундијал, моравме да се потрудиме да најдеме 20 ракометарки кои имаат прележано Ковид или пак се вакцинирани. Голем проблем ни претставуваа тие обврски, но овие протоколи беа донесени од страна на ИХФ. Мислам дека избраните 20 ракометарки ќе до дадат максимумот и се надевам дека подготовките ќе ги завршиме според планираното и спремни ќе дојдеме на првиот натпревар со Сенегал”, изјави Савевски.

Со оглед на тоа што ситуацијата со Ковид во светот постојано се менува, ИХФ донесе одлука сите кои што ќе настапат на Светското кадетско првенство во Македонија треба да имаат сертификат за вакцина или за прележан Ковид.

,,Овие ковид протоколи важеа и за Светското првенство кај сениорките. Очекувавме дека ќе се промени и дека нема да важат повеќе, но пред еден месец пристигна писмо дека ќе има строги протоколи. Тоа значи дека на Светското кадетско првенство ќе може да настапуваат само ракометарки кои се вакцинирани, имаат прележано Ковид, или имаат потврда дека поради некои здравствени причини не можат да се вакцинираат”, додаде Савевски.

Ракометарката која беше избрана за МВП на кадетскиот ЕХФ шампионат минатата година во Литванија, Ива Младеновска, на Медитеранските игри во Алжир доживеала мала повреда на коленото, но Савевски се надева дека со 15-годишната ракометарка сѐ ќе биде во најдобар ред.

,,Ива Младеновска на Медитеранските игри во Алжир заработи повреда, го повреди коленото, има мала болка и не тренираше на првиот тренинг во Маврово. Се надевам дека со нејзе сѐ ќе биде во најдобар ред. Исто така и Сара Стефановска имаше мала повреда, но лекарските прегледи покажаа дека не се работи за ништо сериозно. Имаме неколку ракометарки, кои сѐ уште се со настинка од Алжир, но се надевам дека сите ќе бидат во добра состојба за настапите”, истакна Савевски.

Македонија на Медитеранските игри во Алжир настапуваше со кадетско-младински состав и ја освои 7. позиција на турнирот. На натпреварите во Алжир настапија поголемиот број на ракометарки кои ќе бидат во репрезентативниот состав за кадетскиот Мундијал, а каков резултат ќе оствари македонската репрезентација најмногу ќе зависи од квалитетот на подготовките.

,,Ние моментално, немаме договорено некои пријателски натпревари, но во план ни е да одиграме една до две контролни средби за да се почувствува натпреварувачкиот амбиент. На Медитеранските игри во Алжир настапивме со кадетско-младински микс на ракометарки, таму одигравме четири пријателски натпревари и четири натпревари во групата. Осум натпревари за 12-13 дена се сосема доволно и првпат ни се случи да имаме толку многу натпревари. Тоа е едно искуство плус за ракометарките и се надевам дека тоа ќе даде резултат на Светското кадетско првенство. Резултатите од Алжир покажаа дека македонскиот шампионат е на многу слабо ниво. Овде најмногу ќе работиме на физичката спремност и уиграност на репрезентацијата. Тоа ќе биде еден голем процес, во кој тренинзите ќе траат од два до дваипол часа на сабајле, исто и попладне. Се надевам дека спремни ќе дојдеме во Скопје и ќе го покажеме својот квалитет”, рече Савевски.

Избраничките на Љубомир Савевски на Светското кадетско првенство во групната фаза ќе играат со репрезентациите на Сенегал, Узбекистан и Иран во рамки од групата Б. Најдобрите две репрезентации ќе обезбедат пласман во следната фаза, во која за противници ќе ги имаат репрезентациите од групата А, во која се наоѓаат Исланд, Црна Гора и Шведска.

,,Мислам дека треба да бидеме објективни, нашата група е најпосакувана и затоа ја избравме, без разлика што во втората фаза ќе играме со поквалитетни репрезентации од типот на Исланд, Црна Гора или Шведска. Немаме многу информации за противниците во групната фаза. Првиот натпревар против Сенегал ќе биде малку потежок, а за останатите две репрезентации веќе ќе знаеме со каков квалитет ќе располагаат. Во секој случај треба да настапиме внимателно, фаворити сме во својата група бидејќи сме домаќини, но и имаме добра репрезентација. Во зависност од тоа со кои репрезентации од групата А ќе вкрстиме, ќе видиме дали можеме да изненадиме и да се пласираме меѓу првите осум репрезентации”, заврши Савевски.

Натпреварите на Светското кадетско првенство во Македонија ќе се играат во „СЦ Борис Трајковски“ и во двете сали во „СЦ Јане Сандански“. За Македонија ова ќе биде второ учество на кадетскиот Мундијал по оној во 2014, на кое нашата земја беше домаќин на најдобрите светски репрезентации.

Савевски одбра за кадетското СП – 20 ракометарки во конкуренција за настап