Савевски: Ова е репрезентација за во иднина, но сметаме и на Седлоска, Штериова, Мркиќ, Десподовска…

Женската репрезентација на Македонија загуби од Црна Гора со 21-29 во првиот натпревар од ЕХФ Евро Купот.

Селекторот Љубомир Савевски смета дека промашените зицери и пенали во моменти кога требаше да се вратиме во игра, се клучни за високиот пораз.

„Ѓорѓиевска се повреди, пробавме со други, но со младите не можевме да парираме. Промашивме, зицери и пенали, кога требаше да се вратиме во игра. Тоа резултира со три четири брзи гола во нашата мрежа, па потоа немаше шанси да се вратиме назад. Затоа им пруживме шанса на младите. Првиот дел беше добро, со малку голови, се држевме. Мислам дека треба многу да се работи да стигнат младите и да пополнат место таму кај што треба. Имаме мал ростер, но се надевам во иднина ќе биде подобро“, вели селекторот Савевски.

Со овој меч стартуваат подготовките за ЕП 2022 година на кое ќе бидеме домаќини, а селекторот најави дека и други ракометарки ќе бидат во комбинација за идните акции.

„Ова е за иднина. Сега ќе бараме и други решенија. Има повредени ракометарки кои ќе бидат во комбинација – Седлоска, Штериова, Мркиќ, Десподовска…да видиме и со нив како ќе биде. Ова е тоа што го имаме. Тоа што е, главата горе. Доброто беше што во втор дел се вративме по негативата што ја имавме. Немаме сила веројатно да издржиме подолго време. Се обидовме да промениме со други ракометарки, а одбраната на Црна Гора пресуди. Менувајќи промашивме многу шанси и толку беше. Во овој момент е добро што играме, мислам дека секогаш е подобро кога се игра со подобар противник за да видиме до каде сме и што треба да подобруваме“, заврши Савевски.

Вториот натпревар против Црна Гора се игра во Никшиќ на 10 октомври во 20:30 часот.