Савевски објави поширок список – 35 ракометарки во конкуренција за двобојот со Црна Гора

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски, објави поширок список пред стартот на ЕХФ Евро Купот.

Савевски одбра 35 ракометарки, од кои ќе ги селектира оние што ќе настапат на двомечот со Црна Гора.

Тој во списокот вклучи голем дел од ракометарките што ова лето играа на ЕХФ шампионатите за младинки и кадетки во Македонија и Литванија.

Меѓу нив и МВП на кадетскиот шампионат, Ива Младеновска од Металург. По подолго време на списокот ја нема Елена Ливриниќ, а во споредба со претходниот поширок список за баражот со Романија, ги нема ниту голманките Петковска и Илјаз, крилата Тасевска и Трајковиќ, потоа Боризовска, Седлоска, Гакидова, Јовановска, Гроздановска…

Првиот дуел се игра во Скопје на 7 октомври од 20:15 часот, додека вториот натпревар е во Подгорица на 10 октомври од 20:30 часот.

Покрај Македонија, во ова натпреварување играат и двата домаќини на ЕП 2022 година, Црна Гора и Словенија, како и европскиот шампион Норвешка.