Савевски: Не е важен резултатот колку што е важен системот за создавање на квалитетни ракометарки

Женската младинска репрезентација на Македонија славеше над Косово со 33-16, но тоа не беше доволно за место во полуфиналето. Беше јасно уште пред натпреварот дека полуфиналисти се Фарски Острови и Холандија.

Селекторот Љубомир Савевски вели дека натпреварот со Косово беше искористен за повеќе играчи да добијат прилика.

„Нашите главни ракометарки беа уморни поради големиот број на натпревари, па денеска им дадовме шанса скоро на сите од клупата. Заслужено победивме и сега ги чекаме следните предизвици. Резултатот не е толку важен, колку што е важно креирањето на системот, а тоа пак ќе ни помогне да создаваме квалитетни ракометарки во годините што доаѓаат“, вели Савевски.

За младинките останува в сабота средбата со Финска од 15:00 часот, а потоа во зависност од резултатот ќе играме со Исланд или Косово в недела.