Савевски го скрати списокот за дуелите со Црна Гора, повика 30 ракометарки (ФОТО)

Селекторот на женската сениорска репрезентација, Љубомир Савевски го скрати списокот и повика 30 ракометарки за собирот за ЕХФ Еуро купот,а девојките ќе треба да се јават на тренинзите на 30 септември.

Ракометарките ги очекуваат дуели против Црна Гора, па ова ќе биде практично и старт на подготовките за Европското првенство кое следната година во декември се одржува во Македонија.

Во тимот има повеќе млади ракометарки за кои ова ќе биде деби настап во сениорската репрезентација и тие ќе добијат шанса за да се наметнат и да си обезбедат место во составот. Добар дел од нив се дел од кадетската селекција која го освои првото место на ЕХФ шампионатот, а има и од младинската, па со ова добиваат доказ дека нивниот труд се исплател и дека се смета сериозно на нив во иднина.

Првиот натпревар ќе биде одигран на 7 октомври во Скопје од 20:15 часот, додека реваншот против Црна Гора е предвиден за 10 октомври кога Македонија ќе гостува во Подгорица.