Савевски го комплетираше стручниот штаб, ќе има тројца помошници

Селекторот и координатор на женските репрезентации, Љубомир Савевски ги соопшти имињата на тренерите со кои ќе соработува така што го комплетираше својот стручен штаб.

На листата на Савевски се најдоа Јулијана Црвенкоска, која во моментов е тренер на составот на Металург со кој финишираше на 3. позиција во Супер женската лига. Претходно имаше шампионски титули со овој тим.  Таа ќе биде негов асистент.

Помошник на Савевски и воедно кондициски тренер ќе биде и Аце Станковски. Тој сезонава од Скопје 2020 се пресели во Вардар Неготино, каде што е прв тренер. Претходно Станковски работеше и во женската екипа на Вардар така што работата со девојките му е добро позната и нема да има проблеми да се снајде во новата задача.

Од претходниот стручен штаб остана само Тања Андрејева. Нејзината прва задача и во иднина ќе биде работа со голманите.

Ова се тројцата тренери со кои Савевски летово ќе има задача со кадетската и младинската селекција, а најверојатно оваа четворка ќе продолжи со работа и подоцна со сениорската репрезентација на Македонија.

Кадетките и младинките летово ги очекуваат настапи на ЕХФ шампионатите додека сениорките својата задача ќе ја имаат со настапите на ЕХФ Евро купот против другите две земји домаќини на ЕП 2022, Словенија и Црна Гора, како и последниот шампион Норвешка.