РФМ „телефонски“ го смени цел стручен штаб кај дамите!

Женската репрезентација на Македонија денеска замина за Турција, каде во Анкара ќе одигра две пријателски средби со домашната селекција како дел од подготовките за бараж двомечот за пласман на СП против Украина.

Селекторот Љубомир Савевски има целосно променет стручен штаб во однос на претходните акции и Европското првенство што се одржа во Македонија, Словенија и Црна Гора минатата година. Тогаш Македонија доживеа три порази и ја заврши европската авантура уште по првиот круг. Селекторот не ја презеде одговорноста за неуспехот, туку “цехот” го плати остатокот од стручниот штаб.

Тања Андрејева, која е поранешна репрезентативка на Македонија беше тренер на голмани и Јулијана Дамчевска, која е тренер на ЖРК Металург беше асистент на Савевски, веќе не се дел од стручниот штаб. На нивно место се ангажирани Александар Царчев, актуелниот тренер на ЖРК Вардар кој ќе биде тренер на голманите и Едуарда Аморим.

Според информациите на 24Ракомет, смената на досегашните членови на стручниот штаб била „телефонски“. Само им било соопштено дека повеќе нема да бидат дел од новиот стручен штаб. Без образложение. Изостана и официјалната објава од РФМ или селекторот Савевски за смената, за причината, па и за промоцијата на новите членови во стручниот штаб, нивните обврски и што се очекува. Барем на официјалниот сајт на федерацијата.

Ново име меѓу соработниците на Савевски е Бразилката Едуарда Аморим кој откако ја заврши играчката кариера е се почесто во Скопје, од каде е нејзиниот сопруг. Во новиот тим на Савевски е и Мери Арсениевска, која е поранешка ракометарка на Металург и тренер на кадетките на тој тим. Нема официјална потврда какви улоги ќе имаат во репрезентацијата.

Селекторот Савевски нема Мастер Коуч лиценца, единствен со таква лиценца е Царчев, па ќе биде исполнет условот еден член на стручниот штаб да ја поседува највисоката тренерска диплома.

Макeдониja и Украина ке се борат за место на СП, а натпреварите се закажани на 8 април во Скопje и 11 април во Кишварда.