РФМ работи согласно актите и бара „продуктивен дијалог“

Ракометната јавност во последните неколку дена беше бранувана од реакциите на неколку клубови за трансфери на повеќе ракометари. Имаше соопштенија за барања за суспендирање на играчи, за можни судски постапки, но тоа беа само изјави од клубовите. Ракометната федерација на Македонија ниту еднаш не објави дали тие суспензии се примени, дали се валидни, дали се одбиени и какви се одлуките ако има нешто такво.

Нема ниту информација за колку играчи станува збор, кои клубови се дел од ваквите „недоразбирања“…. РФМ не потврдува дали се работи за истите случаеви за кои пишуваат медиумите, а во соопштение само објаснува како е тоа регулирано во правилниците на федерацијата.

„Почитувани, Ракометна Федерација на Македонија (РФМ) работи, постапува и одлучува единствено согласно утврдените нормативни акти на РФМ и позитивните законски прописи кои третираат материја надлежност на РФМ.

Во текот на минатиот период по изнесените наводи во јавноста, Ве информираме дека Регистрациониот правилник за играчи кој е јавно достапен нормативен акт на РФМ, под договор се сметаат ракометар/ка кој согласно член 20 точка 5 има потпишан договор (образец на РФМ) помеѓу играчот и клубот со утврдени права и обврски на договорните страни, истиот се заверува од страна на РФМ согласно член 14 точка 6.2 во рок од 30 (триесет) дена по потпишувањето на договорот, доколку истиот не е заверен се смета за невалиден согласно член 14 точка 6.6 од Регистрациониот правилник на РФМ.

Органите и телата на РФМ третираат материја на Договор кој е заверен од страна на комисиите, до колку спортскиот субјект има интерни договори со засегнати страни истите не се во надлежност на РФМ и нема овластување да постапува и одлучува по истите .

Упатуваме апел дека Македонската куќа на ракометот има за цел да го етаблира ракометот во својство на национален спорт број 1, правата и обврските на сите чинители е да делуваат во рамките на своите ингеренции и да се води интензивен меѓусебен продуктивен дијалог. Како национална куќа на ракометот, ние ќе продолжиме да го даваме нашиот максимум во смисол на комплетна логистика, поддршка за развој и одржливост на македонскиот ракомет како и комплетно почитување на нормативните акти на РФМ, како и на сите позитивни законски прописи. Со почит, Ракометна Федерација на Македонија“, се вели во соопштението на РФМ.